Божик со Христос – или Божик без Христос?

Date:

Share post:

Во овие благословени празнични денови, кога минуваме низ градските улици, кога ги гледаме украсените излози и светлечките витрини, кога ја слушаме бучавата на веселбите и ги следиме празничните приредби по училиштата и јавните простори, во срцето на внимателниот човек неминовно се раѓаат сериозни мисли. Зад светлината, зад движењето, зад радоста што се нуди насекаде, тивко се поставува прашањето: каде е Христос во сето ова?

Божик го празнуваме како да е роденден на некој „близок“ – но така што Него Го оставаме на страна. Се однесуваме како да Му велиме: дојди, но не премногу блиску; биди присутен, но не нè вознемирувај. Во дневната соба украсуваме, се смееме, разменуваме подароци и создадеме топла атмосфера, а Христос – живата срж на празникот – останува некаде настрана, рамнодушно исклучен, како тивок и непосакуван гостин, кому не му даваме место во средината на нашата радост.

Како во онаа света ноќ во Витлеем, така и денес, се повторува истата тајна и истата болка: „нема место“ за Божественото Младенче. Не затоа што немаме домови, простори или засолништа, туку затоа што во срцето, во внатрешната одаја на човекот, не секогаш има простор за Бога. Местото е зафатено – од грижи, од брзање, од слики и звуци, од желба празникот да биде „успешен“, а не преобразувачки.

Со текот на времето, тивко и речиси незабележливо, почнавме да правиме замени. Јаслите ги заменивме со излози, тишината со бучава, молитвата со празнична забава. Светите ликови се повлекоа пред фантастични суштества и декоративни симболи, благословениот поздрав „Христос се роди“ почна да исчезнува зад општи и безлични честитки, а самиот назив Божик понекогаш се разлева во туѓи и празни формули кои не ја носат во себе радосната вест дека „со нас е Бог“. Духовната подготовка, незабележливо, се претвора во потрошувачка, а очекувањето – во зафатеност.

Христос се раѓа во пештера, во тишина и смирение, а ние Го бараме меѓу светкавост и врева. Божик доаѓа, а нашата грижа е сè да биде празнично, весело и убаво – освен нашата врска со Христа. Сè да биде на место, само Христос да не го наруши нашиот комфор.

Тогаш, без осуда, но со болна искреност, се поставува едно прашање што навистина боде: како ќе Го запознаат нашите деца Христа, кога ние, возрасните, први Го заменивме со сето ова? Како ќе научат да Го љубат, ако не Го гледаат во центарот на нашиот празник и на нашиот живот?

И така, секоја година, се повторува истата духовна трагедија. Го славиме настанот, а го губиме Лицето. Ја воспеваме Рождественската ноќ, а Христос тивко го истеруваме од нашето секојдневие. Несвесно, сакаме Христос како Младенец – тивок, неподвижен, без барања, без повик. Не сакаме Христос Кој бара место во срцето, Кој повикува на промена, на покајание, на нов живот.

И така, Христос продолжува да се раѓа „надвор“. Не затоа што светот е сиромашен, туку затоа што тоа е наш избор. Бог стои пред вратата и чука, но не ја крши; чека срцето само да се отвори.

На крајот, пред секој од нас стои едноставно, но длабоко и неизбежно прашање, што не бара брз одговор, туку искрен поглед во себе:

Каков Божик навистина сакаме?

Божик со Христос –
или Божик во кој Христос останува надвор, додека ние се радуваме без Него?

/Бигорски.мк

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img