Повеќе илјади граѓани на Канада се простија од жртвите на терористичкиот напад на џамијата во Квебек, јавува Anadolu Agency (AA).
На комеморативните собири и молитви во повеќе канадски градови присуствуваа припадници на различни верски заедници.
На комеморативниот собир во регионот Сти-Фој во Квебек, каде што се случи терористичкиот напад, присуствуваше премиерот на Канада, Џастин Трудо, лидерот на Конзервативната партија Рона Амброуз, лидерот на Новата демократска партија, Томас Мулкер, многубројни министри, застапници и илјадници граѓани.
Во текот на комеморацијата беа проучени извадоци од Куранот, потоа собраните упатија молитва, положија цвеќе и запалија свеќи пред Исламскиот центар во Квебек, кој беше цел на терористите.
Завчера, во доцните часови беше извршен терористички напад врз Исламскиот културен центар во Квебек, во моментот кога најмалку 40 верници се подготвуваа за извршување на ноќната молитва (јација-намаз). На местото на нападот загинаа шест лица, на возраст од 35 до 70 години. Жртви на нападот се Азедин Суфјан (57), Халед Белкацеми (60), Абубекер Табти (44), Мамаду Тану Бери (42), Ибрахима Бери (39) и Абделкерим Хасан (41).
Иако уште истата ноќ како осомничени за нападот беа приведени две лица, Мухамед Кадир и Александр Бисонет, по криминалистичката обработка за Кадир беше утврдено дека е очевидец, додека Бисонет остана во притвор.
Премиерот на Канада, Џастин Трудо најостро го осуди нападот и изрази сочувство до семејствата на настраданите.
Истрагата за нападот е во тек, а истата џамија во јуни минатата година беше цел на свиреп напад кога непознати лица пред џамијата оставија свинска глава со пораката: „Добар апетит“.
А.А.

