Српските атеисти се меѓу најобразуваните верски неопределени луѓе во светот, пишува српска „Политика“.
Ова го покажало неодамнешното истражување „Религијата и образованието низ светот“ направено од Вашингтонскиот истражувачки центар „Пју“.
Според ова истражување, кое опфаќа 151 држава, посебно се рангирани земјите во кои атеистите и агностиците, односно верски неопределените луѓе се малцинство.
Меѓу тие 98 земји, Србија го дели високото четврто место заедно со Црна Гора, според образованието на своите граѓани „неверници“, после Германија, Нов Зеланд и Литванија.
Должината на школувањето, од основното, па се до високото образование се разликува од земја до земја.
Затоа истражувачите ја прифатиле методологијата која ја применуваат Обединетите нации, според која за секој циклус на образование се добиваат одреден број на бодови. На пример, средното образование носи два или три бода, во зависност да се работи за средно училиште со три или четири години (постојат нижи и виши средни училишта), а универзитетското образование се бодува со четири, пет или шест бодови.
Исто така, истражувачите посочуваат дека овие податоци треба да се земат со резерва, зашто глобално гледано атеистите најмногу се концентрирани во земјите каде има повисоко ниво на образование, како Западна Европа, Јапонија, Јужна Кореја или САД.
Но, тоа не го објаснува податокот како Србија и Црна Гора се нашле на врвот на листата.
Истражувачите податоците ги класифицирале и според полот и старосната граница.
Заклучокот е дека постои образовен јаз меѓу генерациите, што е глобален трент речиси во сите религии, како и дека во некои религии не е намалена разликата во образованието меѓу мажите и жение.
Младите муслимани денес се школуваат за три години повеќе од нивните баби или дедовци, а христијаните за една повеќе од својата претходна генерација. Евреите, пак, само половина година повеќе се школуваат од своите претходници.
Младите атеисти, пак, се школуваат подолго од своите родители за 2,9 години.
Гледано од нивото на светската популација, жените се со понизок степен на образование.
Утврдени се и разлики во образованието меѓу граѓаните од развиените и неразвиените делови на светот, па така христијаните во Европа се далеку пообразовани од тие во Африка.
Во САД 36 отсто христијани имаат више или високо образование, додека факултетски дипломи имаат 75 отсто од евреите, 54 отсто од муслиманите, 53 отсто будисти и 44 отсто атеисти.

