Според делата на благочестие, на кои ние треба да им ги посветиме деновите од постот, овој пост наликува на празничните денови. Словото Божјо сведочи дека „постот… за домот Јудин ќе бидат радост и голема веселба“ (Зах. 8, 19). Сепак, постот се разликува од празниците и обичните денови. За време на празниците Црквата нѐ повикува кон благодарење на Бога и Светиите за нивните благодејанија, додека во времето на постот сме повикани кон помирување со Бога и учество во животот, страдањата и смртта на Спасителот и Светиите.
Празниците нѐ приведуваат кон духовна радост и надеж, постот, пак, кон духовно смирение. За време на празниците во согласност со духовната веселба, Црквата благословува побогата трпеза, во постите, пак, се пропишува умерено употребување на посна храна и питие. Сето тоа е убаво уредено во Црковниот Устав со цел да ги ослаби во нас страсните движења на плотта, кои се будат со обилните и слатки телесни задоволства; но така што да не ја заслабне сосема нашата телесна природа, туку да ја направи лесна, крепка и способна да се потчини на движењата на духот и бодро да ги исполнува неговите потреби.
Уставот на Црквата учи од што треба да се воздржуваме во времето на постот. Телесниот пост без постот духовен не придонесува ништо за спасението на душата, дури напротив може да биде и духовно штетен, доколку човекот воздржувајќи се од храна се исполни со чувство на предимство во однос на другите. Вистинскиот пост е поврзан со молитва, покајание, со воздржание од страстите и пороците, со искоренување на лошите дела, простување на навредите, и вежбање во добродетелта.
Постот не е цел туку средство – средство да ја смириме сопствената плот и да се очистиме од гревовите. Без молитва и покајание постот станува една обична диета. И Светите Отци велат дека додека постиме телесно истовремено треба да постиме и духовно: „Да постиме, браќа, телесно, да постиме и духовно, да ги разрешиме сите врски на неправдата“. Вистинската суштина на постот е изразена во следната црковна песна: „Пости од храна душата моја, но од страстите не се очистува – напразно се утешуваме со нејадење. Зашто ако постот не ти донесе исправување, ќе биде примен од Бога како лажен и ќе биде како кај лошите демони кои никогаш не јадат“.
/ПРАВОСЛАВИЕ.РУ

