Семејства без иднина не се перспектива ни за државата ни за Црквата

Date:

Share post:

Јосиф, Митрополит Тетовско – гостиварски, Успение на Пресвета Богородица, 2016 Лешок

Возљубени во Господа,

Денеска е празник и на овој прекрасен манастир, историскиот сведок за православието на овие простори, празник на Лешок и Тетово, но и на многу населби и краеви во Македонија и ширум христијанскиот свет. Денеска, чествувајќи го споменот на успението на Мајката Божја – Пресвета Богородица, имаме можност уште еднаш да се потсетиме на големата тајна на успението, на заспивањето во Господа, што, всушност, и претставува смртта за нас православните христијани. Ние заспиваме, за да се разбудиме во вечноста, во денот што не престанува и не заоѓа, во денот на радоста и блаженството, во денот на незаодната светлина, во денот без маки и страдања, во денот кога ќе се реализираат секоја утеха, секоја надеж, ќе се осмисли секој  подвиг – во осмиот невечерен ден, како што го нарекува Црквата, односно во вечноста.

13Денеска е прилика, покрај тоа што ќе си спомнеме за улогата и значењето на Пресвета Богородица во животот и постоењето на човештвото, за значењето и улогата на Мајката Божја во спасението на човечкиот род, да се присетиме токму на значењето на зборот мајка и на улогата на мајката во историјата на човековото постоење.

Зборот мајка е голем и свет! Мајката раѓа нови човечки суштества, мајката се жртвува, мајката постојано се дава себеси за своите деца и за своето семејство. Мајката ги заслужува најголемата љубов, најголемото внимание и најголемата почит. Бог ја дарувал, уште при создавањето, жената со дарот на мајчинството – да раѓа и да биде мајка. А дарот да мајчинството, подразбира да биде воспитателка да децата. Но ако е голема секоја мајка, тогаш колку е поголема Мајката на Синот Божји – Мајката на Спасителот на светот? Колку е повозвишена Онаа преку која во светот слегол Синот Божји, која, преку богораѓањето, постанала Богородица, прва од сите родени на земјата – прва, оддесно на Бога – што се гледа и по нејзиното место на иконостасите во православните храмови.

10Спомнувајќи си за мајката и мајчинството, неминовно е да си спомнеме и за семејството, кое било и останува основна келија, било и останува основниот и најглавен извор за општествената и црковната заедница. Денес многу повеќе се планира и зборува за сите други прашања и проблеми во животот, отколку што се размислува за состојбите и потребите на семејството. Ако семејството е основна клетка и на општеството и на Црквата, тогаш крајно е да сфатиме дека семејства без иднина не се перспектива ни за државата ни за Црквата. Затоа помладите генерации треба што посериозно да го разберат проблемот со наталитетот, со воспитувањето и воопшто со улогата и местото на семејството во општеството и опстојот на еден народ. И да не заборавиме: само во бројни семејства може да има рожби и за семејството, и за татковината и за Бога.

Мајката Божја нека биде постојана молитвеничка за сите мајки, за сите семејства и за сиот наш народ – да се раѓаме и растеме во полза на татковината и Црквата! По нејзините молитви, Господ да го приведе нашиот народ кон покајание, кон поправање, да ја учи и живее правилно својата вера, да го благослов нашиот опстој.

Амин.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img