Почетна Коментар За кого бијат камбаните
За кого бијат камбаните

За кого бијат камбаните

487
0

Навистина е глупаво ако некоиси смешни коњи и лавови, железни крстови и стиропорни фасади се сметаат за културно историјски споменици заштитени од државата додека истовремено една џамија што потекнува од XVI век представува потенцијална опасност за меѓуетничките и меѓуверските односи.

Неодамна, шведскиот политичар Мартин Стрид е исклучен од партијата “ Шведските Демократи“ после скандалот предизвикан од неговата изјава дека “ Муслиманите не се во потполност луѓе“. На еден партијски собир тој рекол-“На врвот од скалилото од 1 до 100 се наоѓаат тие што ги испоолнуваат условите да бидат 100% луѓе, а на дното на тоа скалило се муслиманите“. И, како да да не му била доволна таа навреда, тој додал-“ Ако сте некогашен муслиман, тогаш сте изминале добар дел од патот во обидот да се трансформирате во човек…“. Пустата желбата на Стрид била “да ги ослободи муслиманите од Исламот“.

Некако истовремено со расистичката и исламофобична изјава на шведскиот политичар, беше објавено едно истражување на Вашингтонскиот Институ “Pew Research Center” , според кое бројот на муслиманите во Европа видно ќе порасне. Како рефлексија, се слушнаа плачни гласови што предвидуваа небаре надоаѓање на некоја природна катастрофа што ќе ги затресе темелите на европските општества. Исламофобите и десничарските популисти закукаа и залелека велејќи дека на Западот ќе му се случи тоа што тие го предвидувале од порано. Имено, тие да ти предвидувале дека на Запад ќе се створи една “Еурабиа“.

Нешто, сепак, се менува

Ако почнеш да аргументираш со колони на цифри, со избледените страници на историјата или со теорииите за супериорноста на една раса, вера или цивилизација, сигурно е дека еден ден ќе се најдеш себеси во редовите на екстремните радикали. А тие, општо е познато , си го арчат времето барајќи начини како и кон кого да ги истурат своите фрустрации и параноји.
Години наназад сум говорел и сум пишувал за исламофобијата и исламофобите, како што сум говорел и пишувал за божемните “муслимани“ кои што со своите не хумани дела му предизвикуваат константни штети на Исламот како вера на мирот, хуманоста и на толеранцијата.

И, редовно сум констатирал дека исламофобите и екстремистите облечени во исламско руво, одат некако рака под рака, тие не можат да функционираат еден без друг, се потпомагаат меѓусебно и се надополнуваат на чудесен начин.
За среќа на човештвото, евидентно е дека нешто се менува во последно време на полето на меѓуверските односи, луѓето како да започнаа да сфаќаат дека се што се пласира од разноразни медиуми и одредени политички кругови не мора да се прочита и да се прифати токму како што се пласира. Ветриштата што дуваат во Европа и на целиот Запад, покажуваат дека пропаѓаат напорите на десните екстремни радикали што претендираат да ги убедат луѓето дека “Исламот е вера на заостанатоста и на насилството“.
Овој заклучок, се разбира, не е само мој бидејќи се по гласни се тие што дефинитивно почнаа да го разликуваат исламофобот од обичниот човек на Западот, како што започнаа да повлекуваат граница меѓу насилството и исламската вера.
Токму реакциите на двата примери што ги наведов на почетокот на овој текст, претставуваат сигнали дека нешто се менува. Така, самата демократска Партија на Шведска , исклучувајќи го од своите редови политичарот Стрид и осудувајќи ја јавно неговата изјава, истовремено барајќи извинување од муслиманите, покажа каков став негува кон муслиманите.Секако, и целата шведска јавност и по широко, изрази згрозеност од фактот дека еден човек, еден политичар, може да изнесе толку дискриминаторски и расистички ставови.

Исто така , и истражувањето на споменатиот американски институт кој што предвидува виден раст на бројот на муслиманите во Европа, не заврши само со вриштењето на десничарските екстремисти. Напротив, доминантното мислење отиде во полза на фактот дека не е битен бројот на муслиманите во Европа туку стварањето на нови можности за вистинско интегрирање на граѓаните со емигрантско потекло во европските друштва.

Таквите стајалишта, без сомнение даваат реална надеж во врска со иднината на односот меѓу разните вери. Тие стајалишта се всушност единствениот модел за надминување на многуте спротивставености што интензивно се изнедрија во изминатата деценија.

Али Пашината џамија во Охрид

Истовремено со споменатите случаи, тука во Македонија бевме сведоци на оркестрирани барања на група граѓани и невладини организации од Охрид кои што упорно бараат да се прекине рестаурирањето на џамијата на Али Паша во Охрид.
Значи, на тие луѓе им пречи реставрирањето на еден петвековен објект кој што е и Божји Дом , но и многу вреден културно историјски споменик.Рекоа дека им пречело минарето. И, рекоа, не било пријатно на сред чаршија да има џамија бидејќи тоа ќе наштетело на имиџот на градот. Го рекоа тоа без оглед на фактот што сите чаршии од османлијскиот период имаат џамии, и имаат минариња, и не постои чаршија без џамија.

За да се заокружи муабетот околу чаршијата и џамијата,Министерот Алаѓозовски, ја извести јавноста дека се прекинува реставрацијата на џамијата бидејќи “ со таа градба може да се предизвикаат етнички тензии, а објектот да биде вон законските процедури…“

Колку за ваша информација, почитувани, реставрацијата на Али Пашината џамија во Охрид се врши во потполн склад со законите и во склад со проектот кој што ги има сите потребни дозволи и согласности и кој што е реализиран од познати експерти.

Што да се каже за овие работи во еден текст кој што тежнее да го афирмира јазикот на меѓусебното разбирање и толеранцијата наспроти омразата?

Мислам дека е несфатливо ако еден Министер на една реформска Влада ги правда своите постапки со стравот од “меѓуетнички и меѓуверски тензии“. Бидејќи, оваа Влада на РМ, е реформска меѓу другото и затоа што има подршка и на другите етнитети, а не само на тој етнитет или група на кои што им пречи едно минаре. Во меѓувреме, низ Македонија гледаме безброј гигантски железни крстови чија што единствена функција е провокацијата и одредувањето на територијата.

Зарем не му е јасно на почитуваниот Министер дека токму тој треба да биде еден од иницијаторите на трансформацијата што треба да го опфати менталитетот на луѓето кои што минатата власт ги задои со национал-шовинизам и омраза. Еден Министер на една реформска Влада секако треба да знае дека тиранијата што ја преживеа Македонија во текот на изминатите скоро петнаесет години, многу луѓе измести од светот на хуманизмот наштетувајќи на нивниот морал и постоење. Тие луѓе, имаат абсолутно право да бараат исправка на нанесените неправди.Излишно би било да се наведуваат во оваа прилика тие неправди.

Да се попушти пред грст исламофоби кои што ги обзема ужас од едно минаре, значи да се заборави се што се случуваше во мрачниот дискриминаторски период што го одживеавме и да се однесуваме како ништо да не се случило. Со таков став и пристап, нема да се елиминираат постоечките нетрпеливости во општеството, тие само ќе се множат.Ако една Влада секогаш биде спремна да се повлече пред барањата како што е ова за кое што зборуваме, таа само ќе влијае да се продлабочат меѓуверските и меѓуетничките тензии.

Сакам да подсетам дека екстремната омраза што ја засади минатата власт кај одредени поединци и групи не е само една привремена аномалија, а криминалната енергија и перверзниот анимозитет нема да се искоренат сами по себе. Тој процес ќе трае долго ако на тие што се навикнати да ги мразат другите и да не одговараат за ширењето на омразата им се дозволи да уживаат во својот ирационален свет во кој што етичките вредности се сосема испревртени. Тие луѓе, тие групи, за петнаесет години абсолутна власт, си створиа еден паралелен универзум во кој што владее незнаењето.

Токму затоа , една реформска Влада и еден Министер реформатор не би требало да дозволат толку лесно да победи лошото туку тоа треба да го победат со едно заедничко добро. Промените што се случуваат во Европа на полето на меѓуверските односи,неизоставно треба да ја опфатат и Македонија. Во спротивно, таа ќе остане заглавена во ужасното врело на антагонизмите.

На крајот, само ќе констатирам дека е навистина глупаво ако некоиси смешни коњи и лавови, железни крстови и стиропорни фасади се сметаат за културно историјски споменици заштитени од државата додека истовремено една џамија што потекнува од XVI век представува потенцијална опасност за меѓуетничките и меѓуверските односи.

За кого бијат камбаните ?

Пишува х, Сулејман еф. Реџепи

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *