Почетна Коментар Црквата е должна да има мислење за сѐ што е поврзано со земјата и народот?
Црквата е должна да има мислење за сѐ што е поврзано со земјата и народот?

Црквата е должна да има мислење за сѐ што е поврзано со земјата и народот?

934
2

Прашањето е: која црква, која земја и кој народ?

Прво, која црква? Дали се мисли на локалната епископална Црква? Ако одговорот е да, тогаш да се потсетиме дека повеќето епископи, и покрај својата добра волја, бидејќи не воделе правилен духовен живот и затоа немаат внатрешно духовно покритие за чинот што го носат – не се обожени, туку напротив – повеќето од нив не се ни на првиот степен од духовниот раст и затоа пребиваат во религиозна невроза,  некои и во религиозна социопатија, а токму таквите, авторитарно го изразуваат „мислењето“ на локалната Црква. Какво мислење може да имаат таквите епископи, било да настапуваат самостојно, било како синод на една помесна национална црква? Никакво. Некакво острастено мислење, мислење кое се совпаѓа со нивните страсти за славољубие, среброљубие и сластољубие, мислење кое произлегува само од тело и запалена крв, а не од Светиот Дух Господ. Мислење, кое најчесто не е согласно со Евангелието на Богочовекот Исус Христос. Ќе видиме подолу.

Во принцип, го исклучуваме мислењето на локалниот епископ (секоја чест на ретките исклучоци – кои се еден на илјада), во потполност го исклучуваме мислењето на помесните т.н. национални цркви – тука ретките исклучоци (во своите синоди) не доаѓаат до израз или ги нема, а за новите состојби немаме мислење од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, односно од Свет Вселенски Собор, бидејќи таков се нема одржано. Можеме да се повикаме, по аналогија на некои слични ситуации со денешните, на веќе постоечки одлуки донесени од претходните Вселенски Собори. Заклучокот е дека може да имаме правилно мислење единствено од свети луѓе, без оглед на нивниот чин, но не и на црква, во институционална и национална смисла на зборот. Добро гледаме со што се занимаваат денешните национални цркви: исклучиво со национализам, политика и пари.

Второ, која земја и кој народ? Најверојатно се мисли на земјата над која т.н. национална црква има јурисдикција и православниот народ кој на тој простор живее. Но, гледаме дека кај сите национални цркви, главно, отсуствува соборната и пастирска свест за секој еден човек – без оглед на неговата расна, национална и верска припадност, кој живее во и вон рамките на нивната јурисдикција, а најмногу доаѓа до израз само националната свест, видлива преку одлуките кои ги донесуваат и соопштенијата кои до јавноста се испраќаат. Ова е најбрз начин да се изгуби благодатта Божја. Оттука произлегуваат и нивните промашени мисии и нивните празни храмови. На што навистина изгледаат денешните национални цркви? На група клиронационалисти и популисти, кои гледаат да му удоволат на мислењето на номиналните христијани, кои ретко стапнуваат во црква, а не и на 0,5% до 1% вистинските христијани (од севкупниот број на православното население), кои во Црква се причестуваат секоја недела и секој празник, и кои во црква одат заради Бог, а не заради таквиот клир. Цркви, кои на крај, од истите причини се конфронтираат и се во суштински раскол меѓу себе. Не ви заличуваат победно и од политичките партии?

Потполно се забораваат евангелските пораки, заповеди и идеали – дека нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни Македонци, ни Бугари, ни Срби, ни Албанци, ни Грци; зашто сите вие сте едно во Христос Исус (види: Гал. 3, 28), дека нашето Царство не е од овој свет – Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле“ (види: Јован 17, 14; 18, 36), и дека непријателот треба да се љуби (види: Матеј 5, 44). Повеќе на оваа тема видете ја мојата беседа: „Зарем ова не е чудно?“ (Премин од душевност во духовност, стр. 183–187). Тоа се тие валкани слоеви кои треба да ги очистиме од срцето: национализмот, приврзаноста кон овоземното царство и омразата кон непријателите. Христијаните не се поклонуваат на идоли, туку на единствениот вистински Бог во Троица. Не можеш да се нарекуваш православен христијанин, а да размислуваш и да делуваш еретички.

А во глобалниот театар на илузијата во којшто живееме многу страни немаме, или ќе бидеме со Христос или со другата страна (со овој свет), во која, патем речено, разликуваме две еднакво опасни групи – онаа, фарисејската, што Го предаде на чело со Јуда, и онаа што Го осуди и распна. Нашата (христијанска) заблуда е што барајќи ја сигурноста во овој свет, најчесто се определуваме за онаа група од втората опција, маскираната во побожен лик, која, всушност, Го предаде; затоа што сме потполно исти како нив. Атеистите најчесто за другата – која Го осуди и распна. На која од овие две световни страни и да сме, со Христос не сме – да не се лажеме себеси! Бидете мудри како змии (види: Матеј 10, 16); значи, изложете го целото тело на удар освен главата, односно чувајте си ја верата и не влегувајте во световните шеми (партиски, национални, глобални) – каде што автоматски ја губите. Да не треба да ви објаснувам и што значи незлоблив како гулаб? Така победило и се ширело христијанството во првите три века, затоа што никому не враќало зло за зло. Кој има уши да чуе – нека чуе!

naum-malaЗаклучок: националните цркви треба да си ги пружат нозете колку што им е долга чергичката. Тие нема што да кажуваат свое мислење за политичките случувања ако со тоа дополнително го делат и така партиски поделениот народ, и го одбиваат од себе или ако ги влошуваат кревките меѓуетнички односи, туку тие мора да му се посветат на своето духовно возобновување, промашената мисија и единството на сите.  Јас сум противник на тезата дека Епископите на Црквата нема што да се мешаат во политиката, но само под услов тие да имаат внатрешно духовно покритие и авторитет за тоа, како и правилен пристап, а најчесто го немаат. Но затоа, светите луѓе – без оглед на чинот, и тоа како се мешаат во политиката и во севкупните општествени случувања, пред сѐ, со своите молитви, а ако ги повикаат, и во реалниот живот на тајните политички договори. Дури и од самиот однос кон нив сѐ им зависи на останатите – и живот и смрт. Секако, нивното огромно влијание е невидливо за слепите очи на широката јавност, но секогаш, на крај, бива по нивно.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(2)

  1. Со сета почит…. Навидум остроумно, а сепак – безмалку перфидно! Ако сакавте да зборувате за можноста која Епископите ја имаат (сите Епископи, без исклучок) за да влијаат врз внатрешната и надворешната политика на земјата во која живеат – во која Црквата бивствува на сите овоземни начини, покрај небесниот на кој толку инсистирате, па и оној баналниот, финансискиот – ќе беше далеку поискрено и повистинито да се докосневте до скриените потенцијали на односот на Епископот кон секој од свештениците во поредокот на Епархијата што ја возглавува како локална Црква во полнота, и кон секој од монасите под нивно духовно раководство итн. во полната смисла на хиерархијата и на даровите кои на сеедно кој начин и мера ги носат дејствувајќи секојдневно како богослужители и какви-такви подвижници. А за односот кон поединците од мирјаните кои вака или онака имаат пристап до Епископот и да не зборуваме. Меѓу другото, очекуваме подобро од нас да знаете (се разбира, не мора да признаете) какво заквасување е Литургијата, сама по себе, и колку се далекусежни последиците од оваа Света Тајна и по вселената, а камоли толку блиску во нашето опкружување. За ефектите од аскетските и тихувателските подвизи на овој план ќе се осмелам да речам дека стана беспредметно да говориме.

    1. Мене текстот ми е јасен, не ми е јасен твојот коментар. Очигледно сакаш да се правиш поголем од неговиот автор, а веројатно не го ни познаваш.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *