Почетна Коментар Служба ради, меле ко млин
Служба ради, меле ко млин

Служба ради, меле ко млин

3.58K
1

Чудо некое е како Синодот на МПЦ, или оние медиумски мајстори во Синодот, успеваат во сите клучни моменти себе си да си забијат автогол во последните секунди. Просто сум фрапиран како успеваат. Од кристално чиста ситуација, од нешто што може да биде чекор напред, тие создадат хаосен лавиринт во кој како по правило остануваат заглавени во него.

И сега, наместо за суштината, која може да има историска важност, ние се занимаваме со спинот на вранишковци, кои ја препознаа заканата за себе и фрлија гумена коска, по која сега како бесни гладни кучиња ќе се јадеме меѓу себе…  И зошто?, затоа што некој во МПЦ мисли дека информациите денеска се шират како во средниот век. А се можеше да биде поинаку, ако имаше барем малку транспарентност во информирањето на медиумите.

А што всушност се случи?

Вселенската патријаршија одлучи да го отвори македонското црковно прашање и да го стави на маса… За прв пат во последните 50 години Вселенскиот патријарх одлучи, како што вели „да се заземе за ова и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“. Така одлучи првиот меѓу еднаквите и кој се уште го има неприкосновеното право да ги потпишува томосите за автокефалноста на една црква.

Така одлучи Вартоломеј, а можеше како и многупати досега, како и многумина други да го отфрли барањето на Премиерот Зоран Заев со една единствена реченица – “Во црквата одлучуваат црковните лица, политиката и политичарите не се страна во црковните проблеми“.

Можеше и на нашите владици во Скопје да им прати само една реченица – “Вие сте дел од внатрешен проблем на Пеќката Патријаршија (СПЦ) и таму е адресата за решение“. Можеше и да напише и уште еден одговор кој најмногу ќе ги израдуваше врнишковци, на пример – „Со создавањето на ПОА како автономна црква, црковното прашање во каноската јуриздикција на СПЦ е решено“. Се од ова можеше да напише, но тој напиша нешто од што ги фати паника овдешните српско-удбашки инсталации па побрзаа да создадат смут со една цел од се ова да не излезе здрав плод.

Оние кои и барам малку имаат познавање од црковните прилики, особено актуелниот контекст на иницијативата на Вселенскиот патријарх за признавање автокефална црква во Украина, сосема им е јасна историската важност на оваа одлука на Вселенскиот Патријарх.

Оние пак, кои врска немаат ниту со црква, а уште помалку со црковна политика, ќе останат вејки на ветрот носени од ветровите на раздорот, за кои никогаш нема да дознаат дека тие секогаш овде дувале од север.

За да нема заблуди, сосема јасно е дека целиот контекст на настани има силна политичка моторна сила, но таа во моментов оди во корист на македонското црковно прашање. Никој не очекува дека веќе утре, или за една недела, или еден месец… година… Вселенскиот Патријарх Вартоломеј ќе потпише Томос за автокефална црква во Македонија. Исто како што никој не очекува дека тоа нема да го направи. Но, сосема сигурно е дека во скоро време тој ќе отвори дијалог со МПЦ со една многу поздрава позиција можеби на иден медијатор за разлика од Рускиот патријарх, кој милува тоа да биде. Од тој дијалог во многу ќе зависат и идните одлуки.

Вселенската патријаршија во меѓувреме ќе најде начин како да ја обзнани автокефалноста во Украина, што пак го отвора патот за решение по истиот терк и во Македонија. Вселенската патријаршија не е оптеретена со националистичките позиции што ги има Руската или Српската црква со една единствена цел задржување свои влијанија во други држави со доминатно православно население кои настанале од некогашното нивно канонско подрачје. Впрочем, сите томоси што досега ги има потпишано Вселенскиот патријарх почнуваат со една реченица: “Поради настанатите нови околности и создадените нови граници, а заради полесно управување…. “. Таков е и Томосот од 1922 година даден на тогашната “Автокефална и обединета православна црква на Кралството Србија“ , а кој ги вклучува сите епархии кои тогаш влегле во границите на таа држава, меѓу нив и од денешна Македонија.

Во кратки црти… Вселенскиот патријарх по писмото на Заев отвори пат за решавање на црковното прашање во Македонија кое свое светло на денот бара уште од 1767 година. Вам може да Ви изгледа смешно, но реалноста е таа. МПЦ, владиците во Синодот покажаа одлучност да бидат актери, а не немо набљудувачи на состојбите во Православието, нешто што досега не се препознаваше кај нив.

И сега доаѓаме до спинот, кој нели треба да создаде атмосфера на општо колење во државата, бидејќи нели МПЦ е таа која прва решила да го однароди Македонецот, да го избрише името Македонија, како што вели еден бард на македонското новинарство. Но внимавајте, од каде доаѓа спинот? Како и секогаш од најзасегнатите… Зошто засегнати? Затоа што денот на признавање на автокефална црква во Македонија, ќе биде крај на нивната игра за некаква важна признаена во светот… и ред други себехлаопевки, црква во Македонија.  Што значи, „служба сада мора да ради, да меле ко млин“… И од ничем никаде, вранишковци кои пред 16 години се откажаа од се што може да го содржи зборот Македонија во своето име, прифатија поданички статус во црковно-кралскиот двор во Белград (за појаснување СПЦ се уште живее во филмот дека Србија е Краљевина), истите оние кои додека служат во Солун, Анитомс во проповеди ги нарекува цигано-скопјани, а они се гордеат што сослужувале со него, одлучија да ја обвинат МПЦ дека го продава името, нацијата, се што е македонско, и секако како најсоодветно решение го нудат откажувањето од „овој циркус и враќање во канонското единство со СПЦ“. Види мајката…

Но, што всушност е реалноста и вистината. Македонската Православна Црква е создадена по 1945 година со една единствена цел да биде своја домицилна црква возобновител на Охридската Архиепископија. Уште од првиот ден на основањето во својата премабула во своето име ја има и Охридската Архиепископија. До 1967 е дефинирана и како Православна Црква во Македонија, а подоцна како МПЦ. Од 2007 година и официјално како МПЦ-ОА и тоа по сугестија на Руската Црква, како решение за двојно именување кога еден ден би се решил статусот на црквата за да нема нови проблеми со блокот грчки цркви при нејзиното официјално признавање. Што значи. МПЦ е црква која постои 60 години и таа е континуитет на Охридската Архиепископија од еден милениум. МПЦ е име на црквата во склад на дефинирањата кои ги имаат православните цркви, опишувајќи ги државните граници на нивното дејствување. Охридска Архиепископија е име на темелот на постоењето на оваа црква, како што секоја друга црква има свои црковни корени.

Вселенската патријаршија е дел од блокот грчки православни цркви кои се подеднакво алергични на зборот „Македонија“, како и грчките политичари, иако кога станува збор за именување на црква, терминот македонска и нема никаква врска во контекст на Хрстијанството, затоа што во историјата никогаш не постоела црква која се дефинирала како македонска, тоа е така затоа што во периодот кога се создавале национални држави, крластва Македонците не успеале тоа да го направат, за разлика од останатите православни народи, кои како што ги создавале кралските државни уредувања, така создавале и свои посебни автокефални црква, чие признавање подоцна одело преку Вселенската Патријаршија со потпис на Томос, кој во речиси сите случаи е издаден во име на древните имиња на тие цркви или под име Православна црква во тие држави.

Да се вратам на суштината. Никој од Македонија не барал, ниту договарал некакво применување на Македонската Православна Црква. Македонија бара признавање на автокефалниот статус и решавање на деценискиот спор. Дали ако, дај Боже, се дојде до посакуваната цел, Томосот за таа автокефалност Вселенскиот Патријарх Вартоломеј ќе го потпише под името Охридска Архиепископија е тотално ирелевнатно и не е никакво откажување од името македонска црква. Напротив тоа ќе биде историски триумф и за македонското црковно прашање, но и триумф врз континуитетот на Охридската Архиепископија. МПЦ ќе биде единствената црква со патријаршиски Томос официјално дефинирана како канонска наследничка на древната Охридска Архиепископија, која денеска ја присвојуваат и Бугарија и Србија, а во некои случаи и Грција.  Таков Томос е многу подостоинствен отколку некаков друг Томос издаден под име на пример „Православна Црква во Република Северна Македонија“, или кое било друго име кое ќе произлезе од договорот со Грција, а кое дефакто ќе се преслика и во името на Црквата. Името Македонската Православна Црква ќе остане како име кое ги дефинира границите во кои денес реално егзистира МПЦ.

Никој во Македонија не гаи илузии дека Вселенската Патријаршија ќе издаде Томос во кој ќе биде впишано името Македонската Православна Црква. Впрочем, многупати досега кажувам, дека името на црквата во Македонија не е проблемот поради кој таа денеска не е признаена во Православниот свет, туку статусот. Автокефалниот статус, кој одбива да го дозволи Српската Православна Црква. Случајот Вранишковски и ПОА е класичен пример за тоа… Ниту има термин македонска во името, ниту добива статус на автокефална црква, што од денешна дистанца јасно покажува дека Нишкиот договор не пропадна заради тоа што МПЦ немаше да се дефинира како македонска, туку заради поданичкиот автономен статус што СПЦ и го нудеше на МПЦ. Тоа е алтернативата што ја нудат загрижените за наводното предавство на македонското име на црквата. А тие сироти, ем обезличени, ем поданици…

Но, ние од многу недоучени, и од сезнајковци си патиме… И пак ќе повторам, го живееме времето на парадоксот, да оние кои во дворот на Понтиј Пилат го избраа Бараба, денес го бранат христијанството од Апостолите…

Марјан Николовски

Коментар(1)

  1. Добра и реална анализа, но остануваат неколку недоречености кои мораат да бидат разјаснети. Така, без разлика што црковните достоинственици да не сакаат да признаат, световната политика има одлучувачка улога во водењето на црковната политика. Оттаму, имајќи ги предвид гео-политичките случувања во Украина и Македонија во последниве 5 години, треба да е јасно дека давањето автокефален статус на УПЦ и МПЦ оди во насока на напорите за „преструктурирање“ на двете земји во „западната“ зона на влијание, под контрола на Англо-Ционистичките глобалисти од т.н. длабока држава.

    Сето ова води до главното етичко прашање кое мораме да си го поставиме и како Православни христијани, а уште повеќе како македонци: дали навистина сакаме да сме дел од овој проект „преку леб-погача“, кој длабоката држава сака да го истурка со помош на Гркот Вартоломеј, знаејќи дека неговата крајна цел е кохерентна со целта за наше национално идентитетско бришење? Колку оптимистички и надежно да звучи „извојувањето“ на една голема црковна победа, дали како Македонци сме спремни и волни – со зборовите на бардот на македонската музика Горан Трајкоски – да ги одбереме широките врати што не водат никаде…?

    Зашто светот во моментов чекори по работ и многумина прават споредби со случувањата од 1930-тите години, а во турбулентни времиња работите бргу се менуваат и довчерашниот триумф преку ноќ може да биде заменет од горкиот вкус на поразот и неговите последици (прашајте ја вашата нова „мајка“, таа добро знае како одат тие работи).

    Накратко, слепиот опортунизам на Синодот на МПЦ го поистоветувам со прифаќање на ново „достоинствено име“ за нашата татковина Македонија, чунки двете работи се тесно поврзани и водат кон иста цел. Не им верувајте на Данајците ниту кога дарови ви носат.
    Не бил будала нашиот народен умотворец кога рекол: „озгора мазно, оздола – азно“…

    Македонија Вечна!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *