
– Oсврт на признавањето на Православната Црква во Украина од страна на Александриската патријаршија
Дали поради некаква случајност или пак не, ова време минатата година Рускиот Патријарх Кирил му се заблагодари на Александрискиот Теодор II за неговата поддршка околу прашањето за украинската автокефалност и ставот дека единствената канонска црква во Украина е токму Украинската православна црква – Московски Патријархат (УПЦ-МП) која пак организационо е под Руската православна црква (РПЦ).
Точно една година подоцна, Александриската патријаршија (АП) и се приклучи на Грчката православна црква (ГПЦ) во признавањето на автокефалноста на Православната Црква во Украина (ПЦУ). Како се чувствува Рускиот патријарх Кирил и Митрополитот Онуфриј од УПЦ-МП? Доколку првичните реакции од страна на УПЦ-МП се некаков индикатор, тогаш одговорот е изневерено.
Во само 30 дена, овие две многу важни цркви ја признаа автокефалноста на ново формираната Православна Црква во Украина. Од доделувањето на томосот во јануари оваа година, ПЦУ покажа голема жилавост и тоа во доста тешки моменти. Да не заборавиме на низата напади од страна на владиката Филарет оваа пролет, со цел поткопување на позицијата на Поглаварот на ПЦУ Епифанијe. Филарет дури и го оживеа повторно Киевскиот патријархат, кој го имаше поништено со својот потпис во декември 2018 за време на “Собирот за обединување” на православните цркви во Украина.
Победата на Зеленски на претседателските избори во април оваа година и неговата политика на еквидистанца по однос на религиозните прашања ги промени условите во кои функционираат религиозните заедници во Украина. Мешањето на поранешниот претседател Порошенко во работата на религиозните организации и јасното фаворизирање на една црква, наспроти друга се веќе работи од минатото. Во низата на предизвици за ПЦУ стои и тоа дека од мај оваа година скоро и да немаше нов трансфер на цркви од УПЦ-МП во новата Православна црква во Украина. Овие две признавања од Атина и Александрија несомнено даваат ветер во едрата на ПЦУ.
Секако и очекувано, Москва реагирашe со гнев и вознемиреност по признавањето од страна на Грчката православна црква и имплементираше навидум слична политика и одговор споредено со деновите кога беше јасно дека Вселенскиот патријарх е решен да и даде автокефалија на ПЦУ, минатата зима. Првенствено, РПЦ ја осуди одлуката на ГПЦ и реши да свика Синод каде и донесе одлука за парцијален прекин на евхаристиското единство со Грчката црква. За разлика од случајот со Цариград, РПЦ имплементира нова тактика со Грчката православна црква според која крајната цел е иницирање на раздор внатре во самата црква, а во исто време и вршење на притисок на Грчкиот Архиепископ Јероним. Парцијалниот прекин на евхаристиското единство го имаше за цел токму ова, јерархијата во ГПЦ да се сврти една против друга.
За да дополнително го засили ударот, РПЦ позајми искуства од световните власти со внесување на санкции и оневозможување на руски тур оператори да патуваат во определени свети места во Грција. Последново, според Вселенскиот патријарх има за цел да нанесе финансиска штета врз Грчката православна црква.
Ова покажува дека РПЦ го формира својот одговор на признавањето на ПЦУ за секоја црква поединечно, со надеж дека остриот одговор кон ГПЦ ќе го замолчи остатокот од православието, барем за некое време. Меѓутоа, по само 26 дена Александриската патријаршија донесе одлука за признавање на ПЦУ (8 ноември 2019). Ова беше дополнителен, брз и болен удар врз напорите на РПЦ да го запре или пак да го успори признавањето на ПЦУ. За разлика од случаите со Вселенската Патријаршија и ГПЦ, РПЦ без многу одолговлекување се реши да го прекине литургиското спомнување на Александрискиот Патријарх Теодор II.
Работите не изгледаат сјајно за Руската православна црква. По отстранувањето на Вселенскиот Патријарјх од диптихот, Патријархот Кирил неколку недели започнуваше со вториот на листата, а тоа е Патријархот на Александриската патријаршија Теодор II. После новонастанатата ситуација и тоа се менува. Имајќи предвид дека Александриската патријаршија е една од најстарите патријаршии со канонска територија која се продира на цел Африкански континент ова признавање создава одличен моментум за ПЦУ. Имено, овој чин успеа да изненади многумина вклучувајќи ја и Руската православна црква. За разлика од ГПЦ за која и доста се шпекулираше дека ќе биде една од првите цркви кои ќе ја признаат автокефалијата на ГПЦ, односно беше прашање на време, а не дали, врвот на РПЦ и УПЦ-МП беа убедени дека Александриската патријаршија е на нивна страна.
Дали ова очекување од страна на Руската црква беше оправдано? Обична анализа на јавните настапи на патријархот Теодор го потврдуваат тоа. Александриската патријаршија не беше еден од најгласните поддржувачи на УПЦ-МП споредбено со на пример Српската православна црква или пак Полската меѓутоа, во низа наврати Теодор покажа сензибилитет и поддршка кон Митрополит Онуфриј (УПЦ-МП), а посебно околу случувањата со Киевскиот патријархат.
Позицијата на Патријархот Теодор околу Украинското црковно прашање стана појасно после неговите посети на Полска, Украина и Русија во 2018 година. Оваа негова поддршка може да се разгледува низ три различни насоки: 1) поддршка кон Митрополитот Онуфриј 2) противење на активностите на владиката Филарет од Киевскиот Патријархат и 3) одржување на блиски односи со РПЦ.
Патријархот Теодор беше претставник на Александриската патријаршија во Одеса (Украина) од 1985 – 1990. Во оваа земја имаше живеено 10 години и според неговите кажувања од тогаш, неговата љубов кон Русија станала далеку посилна. За време на неговата посета во Одеса пак во септември 2018, тој застана во одбрана на Митрополитот Онуфриј нарекувајќи ја УПЦ-МП единствената канонска црква во Украина. За потсетување, ова беше во периодот кога Вселенскиот Патријарх испрати два егзарха во Киев за да го спремат теренот за доделување на автокефалија. Патријархот Теодор не штеди на зборови кога го опишува владиката Филарет како шизматик кој доколку има намера да се врати во прегратките на црквата треба прво да се покае. Проценката на Теодор е дека владиката Филарет има големи амбиции кои се измешани со политика и политиканство.
Теодор исто така не го крие својот афинитет кон Русија. Во интервју за РИА Новости по повод прославата на 1030 години од крштевањето на Киевски Рус (од кога датира и фотографијата) Александрискиот патријарх порача:
Дојдов, затоа што многу ја сакам Русија и од самата моја младост сакав да почувствувам каков е рускиот живот, што всушност подразбира и да се припаѓа на Руската црква.
Неговото присуство на јубилејните празнувања минатиот јули треба да се гледаат како јасна поддршка кон Патријархот Кирил и Руската црква. На самата прослава, Патријархот Теодор исто така не го криеше задоволството од неговата блискост со Путин.
Доколку горенаведената поддршка и благонаклонетост од страна на Александрискиот патријарх Теодор кон Руската црква се гледа емотивно тогаш чувството на изневереност кај РПЦ и УПЦ-МП е доста изразено. Меѓутоа, доколку се размислува трезвено и со ладна глава важно е да се погледне на работите што Патријархот Теодор не ги направи изминатиов период. Колку што јас сум запознаен, поддршката кон Митрополитот Онуфриј и Патријархот Кирил датираат од периодот пред “Собирот за обединување” од 15 декември, 2018 и изборот на Митрополит Епифаније за Поглавар на ПЦУ. Од тогаш па наваму Патријархот Теодор го нема јавно нападнато Епифаније, Православната црква на Украина или пак Вселенскиот Патријарх околу неговото доделување на автокефалија.
Иако за сега се уште не располагаме со точните причини поради кои Патријархот Теодор ја има донесено одлуката за признавање на ПЦУ сепак постоеја знаци кои наговестуваа промена на наклонетоста кај Александриската патријаршија, уште од пред два месеци. Имено Митрополитот Иларион (Алфеев) кој раководи со одделот за надворешни работи при РПЦ имаше своја реакција и испратено писмо до Митрополит Крисостом од Мозамбик со кое протестираше поради наводното заедничко сослужување со претставник на ПЦУ. Меѓутоа, оваа реакција на Митрополитот Иларион му се врати како бумеранг откога Митрополитот Јоанис од Замбија пак му одговори дека не е негова работа да се меша во работите на црквата под ингеренција на Александриската патријаршија и дека треба да му се обрати на Патријархот Теодор околу ова прашање.
Јоанис за ова доби јавна поддршка од црковни претставници на Цариград и Александриската патријаршија. Стравот од одмазднички мерки од страна на РПЦ беше јасно искажан од Митрополитот Серафим (Кикотис) од Зимбабве кој предупредува за можноста од испраќање на свештенство на РПЦ низ локалните цркви кои ја признале или пак имаат намера да ја признаат автокефалноста на ПЦУ, а со тоа и создавање на паралелни јурисдикции.
За крај на оваа анализа важно е да се напомене дека признавањето на ПЦУ пополека стануваат нова реалност за оваа црква, а пак тоа и дава дополнителен легитимитет и ја зајакнува нејзината позиција во украинското општество. Ова е иреверзибилен процес во кој РПЦ води залудно битка со времето. Со признавањето од Александриската патријаршија РПЦ исто така ја изгуби и шансата за организирање на сеправославен Собор.
Иако во овој момент не сме сведоци на еден сеопфатен одговор од страна на Руската православна црква треба да се потсетиме на нејзината стратегија (доле) која беше споделена со јавноста минатиот декември од страна на Митрополитот Иларион кој пак е лицето на РПЦ кога станува збор за напорите за поништување на автокефалноста на ПЦУ. Дали Александриската патријаршија треба да се плаши? Само времето ќе покаже.
Имено, Руската православна црква “отсега па натаму ќе дејствува како (Вселенската патријаршија) повеќе да не постои бидејќи нашата цел е мисионерска, нашата задача е да образуваме. Ние ги создаваме овие структури за пасторска грижа на нашето јато, [и] нема да постојат било какви сили кои ќе не одвратат [од тоа].”….”На пример Европа, Југоисточна Азија, Северна и Јужна Америка, Австралија. Се ова од гледна точка на Цариград се смета за дијаспора каде тие веруваат дека само они можат да ја претставуваат и ние треба да напуштиме и да им ги оставиме нашите цркви.” (Митрополит Иларион, Москва, 29 декември 2018)
Пишува: Андреја Богдановски (докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија каде истражува и работи на црковна политика во Православната Црква)
Текстот е оригинално објавен на англиски јазик во Orthodoxy in Dialogue