Почетна Вести Епископ Партениј, 25 години монах и свештенослужител
Епископ Партениј, 25 години монах и свештенослужител

Епископ Партениј, 25 години монах и свештенослужител

349
0

Недамна од печат излезе новото книжевно издание на Свештената Бигорска Обител, подготвувано изминатава година под наслов „Епископ Партениј, 25 години монах и свештенослужител“. Промоторот на книгата е Епископот Хераклејски г. Климент.

Во продолжение текстот од промотивно слово на Епископот Хераклејски

 

Книгата „Епископ Партениј, Игумен Бигорски, 25 години монах и свештенослужител“ уредена и издадена од братството на Бигорскиот манастир, излегува во јубилејната година од основањето на оваа свештена обител. Токму овој исклучителен повод, еден милениум од Бигорскиот манастир, беше причина пред две седмици да се собере во ова свештено јадро, севкупниот духовен и државен врв на нашата земја. Во таа прилика, од страна на проминентите авторитети и личности, како од црковниот, така и од општествениот живот, беа изговорени незаборавни празнични говори и јубилејни слова, кои длабоко се врежаа и долго ќе се паметат во нашата лична и соборна меморија.

Времето ни е дар и милост од Господа, подарено ни е за покајание и за умножување на талантите. Запомнето е дека 2020 лето Господово освен што е еден милениум од основањето на Бигорската свештена обител, истовремено е и 50 години од раѓањето на актуелниот бигорски игумен епископот Антаниски г. Партениј и 25 години од неговото замонашување. Така, бигорската манастирска хроника одбележува три јубилеи. Затоа, празнувањата во Бигорскиот манастир продолжуваат и понатаму, па, еве, денес ви го претставуваме оваа впечатливо дело, замислено како роденденски јубилеен подарок на бигорското братство до својот духовен отец.

Самата книга претставува своевиден биографски приказ на животот и 25 годишното делување на игуменот на Бигорскиот манастир, епископот г. Партениј Антаниски, како во црковната, така и во општествено-социјалната и културната сфера на нашата земја. Како носители на пораките во книгата се јавуваат наменски избраните фотографии од архивот на Бигорскиот манастир, но и фотографиите на Томе Љушев, Саве Богдановски, Стојан Стојановски и Крсте Рембоски. Како дополнување и поткрепа на светлописите, книгата е збогатена со текстуален дел што се состои од биографски податоци и лични видувања на епископот г. Партениј за најголемите настани и процеси од неговиот живот и дејност, како и текстови од неговите беседи, од разговорите искажани на монашките собири – синаксиси. Усогласувањето на фотографиите со текстовите, на визуелното со текстуалното, дава особен белег при разгледувањето на книгата и ја отсликува креативноста на составувачите. Дизајнот на книгата е на господинот Ангеле Мицевски. Како издавач и уредник на изданието се јавува манастирот свети Јован Бигорски и братството што живее и твори во него.

Кога ќе почне да се разгледува и да се чита ова дело, она што најнапред ќе се забележи е тоа дека владиката Партениј пред сè е црковен деец, личност што ги живее таинствата на Црквата во нејзиното време и нејзиниот простор. Тој ѝ служи на онаа Црква што ја препознава и почитува сечија вредност, што нема претензии некому да се наметне, што не е спектакл, ниту постигнување, туку е своевиден гроб, поубав од секоја брачна одаја, во којшто тивко отчукува надежта и верата во воскресението.

Ова дело не е замислено како сумирање на досегашните животни искуства и делување на епископот Партениј, туку, според зборовите на бигорските монаси и уредници на изданието, книгата претставува синовска благодарност за несебичната родителска љубов на владиката кон нив. Минувајќи низ поглавјата на оваа книга, читателот ќе биде пресретнат со чудесна палета на гами, бои и тонови, слики, портрети и сведоштва за едно време исполнето со чудесни збиднувања, средби, богослужби. Од фотографиите на детството од семејниот албум на владиката во битолското семејство Фидановски, ќе ја забележиме топлината на домот, ќе се запознаеме со изворите на неговата дарба за естетика и уметност наследени од неговата мајка. Од нашето око не се скриени ни детските болки и страдања, како и за можноста повторно и по разделбата „да се љуби и да се биде љубен“. Фотографијата од неговиот домашен иконостас во тој социјалистички период, кога Црквата беше поставена на маргините на системот, го изразува континуитетот на евангелските вредности коишто жилаво преживуваат во одредени македонски семејства. Средното богословско училиште во Драчево, како и факултетските денови во Скопје, посведочени низ светлописите ни ја откриваат неговата личност во едно поинакво окружување, кое е зачекорување во храмот Господов и во трпеливото учење на Неговата наука. Неговиот престој во Григоријатскиот манастир на Света Гора, во деведесеттите години на минатиот век, покажува дека неговата душа не се наситила од теоријата и книгите, туку посакала да пие вода од изворот, од пулсирачкото живо предание на атонските монаси. Божјата промисла го носи пред светлиот лик на григоријатскиот игумен старецот Георгиј Капсанис, кој има личен влог за духовниот развој на дел од првите македонски монаси, меѓу кои е и владиката Партениј. Враќањето во татковината и започнувањето на неговиот монашки живот во 1995 г. во еден од најубавите македонски манастири, во домот на Претечата, е со благослов на надлежниот епархиски архиереј Митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј, од кого го добива монашкиот потстриг и сите понатамошни чинови и степени. Подигнувањето на монашкиот крст во тој период подразбира зафаќање со првата макотрпна обнова на Бигорскиот манастир, со многубројни средби и нови почетоци, со обнова на светоотечкото предание. Тоа е период на првите плодови на делотворното покајание на нашиот народ, односно на доаѓањето на првите монаси во манастирот и формирањето на бигорското братство, а подоцна и на сестринството во манастирот Рајчица. Материјалната обнова е проследена со труд и големи жртви, но отсјајува со архитектонско-стилски и врвни естетски параметри. Духовната обнова, пак, е вткаена во светопредански критериуми и носи автохтони белези карактеристични за нашето поднебје. Поглавје во книгата е посветено и за пожарот што на 30 септември 2009 г. зафати дел од Бигорскиот манастир. Големото огнено искушение ја најавува втората градителска обнова, помогната од несебичната грижа на нашиот благочестив народ за духовните македонски светилишта. И сите овие поглавја, сите овие фотографии се поврзани со еден етос, а тоа е аскетско-евхаристискиот. Низ сите премрежија посведочени во книгата, таквиот етос непрестајно пулсира во манастирите за коишто духовно се грижи бигорскиот возобновител. Токму таквиот подвижничко-благодарствен етос е вдахновението и силата да се продолжи со носењето на својот крст. Овој етос подразбира служење на Бога и грижа за ближниот, за оскрбениот, за обременетиот, за повредениот, за маргинализираниот. Едно од поглавјата ја расветлува мисијата на отец Партениј кон општествено-социјалниот живот во нашата земја, кон луѓето што страдаат, но и кон оние што се радуваат, кон најмладите, како и кон повозрасните, кон здравите, но и кон болните. Посведочено е и чувството што овој бигорски игумен го има кон македонската народната традиција, изворниот народен мелос и кон народните носии. Неговиот интерес за приближување на духовните евангелски пораки кон македонската културна јавност се гледа во организирањето на концерти со вокали од соседните земји, преку содржинско збогатување со црковен мелос на македонската музичка сцена, континуирано подржана со проекти од страна на Бигорскиот манастир. Во поглавјето со поклоничките патувања и средбите со црковните великодостојници ширум православната екумена, централно место е посветено на средбите со Неговата Сесветост Вселенскиот патријарх Вартоломеј, со други поглавари, со митрополити и епископи од сестринските цркви, со политичките лидери од соседните православни земји, со познати духовници, монаси, монахињи, со размена на средби и разговори и духовни поуки. Фото-прошетката низ овој дел ги преминува границите од нашата земја и ги објавува пријателите на г. Партениј и Бигорскиот манастир, пријателите на нашите Црква и народ. Релевантни црковни и општествени фактори го препознале трудот на бигорскиот духовник и го одликувале со награди и признанија. Следејќи и вреднувајќи ја богатата духовна и општествена дејност на отец Партениј, на предлог на митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија го бира за викарен епископ со титула епископ Антаниски. Настанот од неговата хиротонија јасно е поставен низ фотографии и поткрепен со текст во последното поглавје од книгата.

Ова дело ни ги открива луѓето, окружувањата, местата, објектите, екстериерот и ентериерот, пејзажите и релјефите што во одреден временски период биле, а некои од нив сè уште се дел од животот и делувањето на владиката Партениј. Низ страниците од книгата, хронолошки, од првата до педесеттата година од неговиот живот, е претставена личноста на овој наш духовник, речиси во сите нијанси, би рекол, во една исповедна, дури детална и богата со сентимент форма на израз. Таквиот приказ буди восхит и своевидна емотивност и емпатија, и го издигнува читателот во сферите на духовната перспектива. Потребно е да се истакне дека ова дело започнува со предговорот составен од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој со внимателно избрани зборови филигрански испишува една роденденска честитка за педесетгодишниот славеник, кој половина од животот е монах и свештенослужител, а од овој Петровден и епископ на Црквата. Веднаш по неговиот предговор се среќаваме со јасните зборови на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј искажани за оваа фото-биографија. Во продолжение следи предисловието од составувачите што се обраќаат до читателите а живописниот поговор од име на авторите и составувачите на книгата е подготвен од м-р Влатко Деловски.

Вредноста на книгата „Епископ Партениј, Игумен Бигорски, 25 години монах и свештенослужител“ е повеќеслојна и може да биде согледувана од повеќе аспекти. Но, она пред што секој добронамерен читател ќе затрепери разгледувајќи ги нејзините страници се фактите на делотворната пастирска љубов на овој наш неуморен духовен деец. Речиси неверојатни се резултатите од неговото 25 годишно делување во реканскиот крај, посведочени низ фотографии и текст во книгата. Од материјалното обновување на манастирот свети Јован Бигорски, Раичкиот метох, но и метосите и скитовите што гравитираат околу манастирот, до обновата на монашкиот живот во истите, како и во манастирите Пречиста Кичевска и Кнежино, возобновувањето на монашките послушанија во овие братства и сестринства, милозвучното источно пеење, грижата за велелепието во богослуженијата, обновата на потиснатите од заборавот традиционални вештини и манастирски техники, па сè до згрижувањето на зависниците и нивна ресоцијализација во општеството, ќе констатираме дека им нема број на делата што живо сведочат за личноста опишана во оваа книга.

Драг Владико, нека Ви е честит педесетгодишниот роденден и јубилејот 25 години монашки живот. Ви посакувам крепко здравје, бодар дух и виталност, за да продолжите со двојна усилба и труд, во годините што Ви претстојат, смирено и енергично да дејствувате на нивата Господова. Од оваа година почнувате да ја испишувате Вашата епископска хроника, којашто се надевам дека ќе биде исполнета со нови содржини, како од Вашите активности и дела, така и од претстојните јубилеи и годишнини. На многаја и благаја лета!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *