Почетна Вести Наставниците по Етика на религиите бараат во новиот концепт на образование да остане овој предмет
Наставниците по Етика на религиите бараат во новиот концепт на образование да остане овој предмет

Наставниците по Етика на религиите бараат во новиот концепт на образование да остане овој предмет

505
0

Наставниците кои го предаваат предметот „Етика во религиите“, кој во основното образование е застапен како изборен предмет во 6-то одделение, реагираат на новата концепција за основно образование, поради неизвесноста со која се соочувааат во врска со укинувањето на изборните предмети, односно нивното интегрирање во еден сроден предмет.

Посочуваат дека Предметот „Етика во религиите“ во чија што основа лежи етиката, а не систематско изучување на догмите и правилата во религиите, има педагошки карактер.

-Проучувањето на етиката во различните религиски култури и традиции врз кои се потпира нашето современо општество, наидува на крајно позитивен прием не само од страна на учениците, туку и од нивните родители. Самите наставни содржини влијаат врз воспитанието на учениците, ги формира и зајакнува нивните личности за постигнување на зрелост и интегрирање во современото општество, ги учи дека сите се еднакви, ги опфаќа сите аспекти поврзани со човековите права и вредности на недискриминација, отвореност, градење на личноста во духот на слободата и еднаквост. Меѓу другото, како особено важно го истакнуваме фактот дека религиското етичко образование во различна форма е присутно во сите земји на Европската Унија, кои веќе многу пред нас почиваат врз принципите на секуларноста и демократското уредување на своите стабилни општества, потенцираат наставиците по Етика на религиите во реакцијата.

Со оглед на тоа што во новата концепција за образование е нагласено дека треба да се стави акцент врз воспитниот процес во училиштата, ние, наставниците – професори специјалисти по настава на религиско образование и дипломирани теолози – сметаме дека како такви ја поседуваме компетенцијата преку предметот „Етика во религиите“ ефикасно да учествуваме во тој воспитен процес во нашето мултикултурно општество, во кое не смеат да постојат предрасуди и поделби по никој основ, што всушност е и содржина и цел на самиот предмет. Токму ова ги прави специјалистите по настава на религиско образование компетентен и соодветен кадар по однос на овие сензитивни, а важни во нашето општество состојби, зашто нестручноста и некомпетентноста може да иницира негативни пристапи во процесот на воспитание на децата, а непознавањето на сопствената култура и традиција, како и онаа на другиот, да предизвика непочитување, нетолеранција и дискриминација по однос на различностите кои се јавуваат помеѓу припадниците на различните етникуми, верски заедници и групи во нашата земја. Истакнуваме дека преку етичките примери што нашите наставници ги ползуваат, учениците се поттикнуваат кон конструктивно самокритично набљудување, продуктивно учење на сите наставни предмети, беспрекорна почит кон сите наставници, послушност кон родителите и грижа за нив, како и соработка со сите чинители важни за нивниот раст и развој како високо лојални личности корисни за своето општество, пишува во реакцијата.

Посочуваат дека во воспитно-образовниот процес, најголем дел од предметите се восредоточуваат на науката, додека предметот Етика во религиите е целосно посветен на воспитанието на младиот човек.

-Од тие причини, бараме предметот „Етика во религиите“ да го задржи или да го најде своето место во новиот концепт за основно образование, со нагласок на потребата истиот, односно материјата за религиите, да се предава од најстручните во таа област – дипломираните теолози и специјалисти по настава на религиско образование, од кои најголемиот дел своето теолошко образование го завршија на Факултетите во земјата, кои се интегрирани при државните универзитети. Едно демократско општество никогаш не наметнува едноумие, туку овозможува простор на различни светогледи, па затоа и бараме рамноправна застапеност со ново најавениот предмет по воспитание. Со задржување и унапредување на предметот „Етика во Религиите“, да им помогнеме на децата да имаат разбирање, да сакаат, да бидат хумани, да почитуваат, да толерираат, да размислуваат, да истражуваат, а со сето тоа правилно да се интегрираат во заедницата, стои во реакцијата до министерството за образование од Асоцијација на наставници по предметот „Етика во религиите“.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *