Почетна Анализа Без мајка и покрај трите Мајки: страдањата на Македонската Православна Црква за признавањето на автокефалниот статус
Без мајка и покрај трите Мајки: страдањата на Македонската Православна Црква за признавањето на автокефалниот статус

Без мајка и покрај трите Мајки: страдањата на Македонската Православна Црква за признавањето на автокефалниот статус

410
0

Извадок:

Во минатото Грција огнено се противеше на ѕвездестиот изглед на македонското знаме, тврдејќи дека ѕвездата е грчки симбол. Навистина македонското знаме, заедно со името Македонија, стана средиште на долгогодишен дуел помеѓу Грција и Македонија. Во Јули 1995 година, Грција отиде толку далеку, што поднесе барање до Организацијата за Светско културно наследство да се заштити нејзиното ексклузивно право над Сонцето Вергина. Во 1995 година, поради притисокот, тогашната Република Македонија го замени своето „грчко“ ѕвездовидно знаме со сегашниот централен жолт диск. Гледајќи го македонското знаме гордо издигнато на македонската амбасада близу Ватикан, не можам а да не се запрашам: дали дизајнот на македонското знаме ќе се смени за да соодвествува на неодамнешната промена на името на земјата? Дали прашањето на Македонската Православна Црква ќе се реши? Дали католичката црква ќе има удел во овој комплексен црковно – политички процес?

Македонското знаме, на кое е претставен централен жолт диск на светло црвена позадина со жолти зраци што се шират кон краевите на  знамето, гордо се издигнува на Виа ди Порта Кавалери, близу базиликата Сан Пјетро – седиштето на македонската амбасада во Ватикан. Македонија го промени своето знаме после распаѓањето на Југославија, кога таа доби независност.

оранешната светлоцрвена позадина на знамето беше зачувана и кај новото знаме; сепак Сонцето на Вергина, или ѕвездовидното знаме – антички македонско-грчки симбол, кој веројатно потекнува од гробот на  Филип II или Филип III Македонски, татко или полубрат на Александар Македонски, како симбол на нивната династија – беше заменето со сегашниот централен жолт диск. Во минатото Грција огнено се противеше на македонскиот избор на знамето ѕвезда со зраци, тврдејќи дека ѕвездата е Грчки симбол. Навистина македонското знаме, заедно со името Македонија, стана средиште на долгогодишен дуел помеѓу Грција и Македонија. Во Јули 1995 година, Грција отиде толку далеку, што поднесе барање до Организацијата за Светско културно наследство за да се заштити нејзиното ексклузивно право над Сонцето Вергина. Во 1995 година, поради притисокот, тогашната Република Македонија го замени своето „грчко“ ѕвездовидно знаме со сегашниот централен жолт диск.

Гледајќи го македонското знаме гордо издигнато на македонската амбасада близу Ватикан, не можам а да не се запрашам: дали дизајнот на македонското знаме ќе се смени за да соодвествува на неодамнешната промена на името на земјата? Дали прашањето на Македонската Православна Црква ќе се реши? Дали католичката црква ќе има удел во овој комплексен црковно – политички процес? Договорот за името на Македонија е навистина голем чекор.

На 12 Јуни 2018 година во допис потпишан од Федерика Могерини, Висок претставник за надворешни работи и безбедност и Вицепретседател на Европската комисија, и од Јоханес Хан, ЕУ Комесар, беше поздравен историскиот договор за промена на името помеѓу Грција и Македонија: „Ние од се срце им честитаме на Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за нивната решителност и лидерство во постигнувањето на овој историски договор помеѓу нивните земји, кој придонесува за трансформацијата на цела Југоисточна Европа. Ова постигнување им припаѓа на водачите на двете земји и нивните тимови, но најмногу и пред сè им припаѓа на жителите од обете земји и на Европа како целина“. Македонија од сега па натаму ќе биде позната како „Република Северна Македонија“, и според грчкиот премиер Ципрас, како што пренесе Ројтерс, „Промената на името на Македонија во Република Северна Македонија“ ќе се однесува и на локално и на меѓународно ниво“.

Македонскиот премиер Зоран Заев изјави на пресконференцијата: „Нашиот влог во компромисот е дефинирано и прецизно име, име кое е достоинствено и географски прецизно – Република Северна Македонија“. Новото име – Република Северна Македонија и скратеното Северна Македонија (член 1/а) – ќе биде користен и локално и меѓународно. Жителите на земјата ќе продолжат да бидат нарекувани македонски граѓани на Република Северна Македонија и така ќе биде регистрирано на сите патни документи. Јазикот ќе си остане како македонски јазик (член 1/ц) , што јасно покажува дека овој јазик припаѓа на семејството на јужнословенски јазици. И она што е најважно, обете земји признаваат дека нивните сопствени сфаќања за именката „Македонија“ и придавката „македонски“ се однесуваат на различни историски периоди и различни културни наследства. Сепак, овој договор ќе биде даден на народно гласање со референдум, нешто подоцна, годинава.

Договорот за промена на името е двојно полезен за Македонија: ќе го забрза процесот на македонската интеграција во ЕУ и НАТО – кој беше блокиран од Грција како членка на ЕУ и НАТО – и ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот. Јенс Столтенберг, кој беше меѓу првите официјални лица што ја поздравија промената на името, изјави: „Ова ќе го постави Скопје на на пат за членство во НАТО и ќе помогне да се консолидира мирот и стабилноста во поширокиот Западен Балкан“. После ова, на 29 Јуни 2018, еден аналитичар на ЕУ најави: Македонија ќе биде поканета да се придружи на НАТО на неговиот Самит во јули и треба да ги доврши фолмалностите, вклучувајќи го и ратификувањето од сите 29 сегашни земји членки на НАТО, во следните две години. Водачот на НАТО Јенс Столтенберг се сретна во Брисел со македонскиот Премиер Зоран Заев во петокот. Столнтернберг изјави дека „историската шанса“ на Скопје зависи од согласноста на македоскиот и грчкиот народ околу македонското ново име на референдумот оваа есен. Со овој успешен договор за промена на името се чини дека еден од трнливите проблеми помеѓу Македонија и Грција е решен, следно прашање е: дали промената на името ќе има било какво влијание врз решавањето на прашањето на автокефалниот статус на Македонската Православна Црква?

На крајот од минатата година Светиот Синод на Македонста Православна Црква – Охридска Архиепископија – испрати писмо до Бугарската Православна Црква со три важни барања: признавање на Македонската автокефална Православна Црква од страна на другите Помесни Православни Цркви, признавање на автокефалниот (канонски) статус на Македонската Православна Црква и спремност да ја признае Бугарската Православна Црква како Мајка Црква. Првично, одговорот од Бугарија се чинеше надежен во подршката за пронаоѓање на решение на македонското прашање за автокефалија. Патријархот Неофит од Бугарија, како одговор на прашањата на медиумите во софиското седиште на Бугарскиот Свет Синод изјави: „Македонците се наши браќа и прифаќањето на подадената рака од страна на Македонската Православна Црква е најмалку што можеме да направиме“. Епископите што учествуваа во Светиот Синод напишаа: „Ова беше исто така причината и главниот поттик за Светиот Синод на нашата Православна Црква да ја прифати улогата предложена од македонската страна и да стане посредник, односно да ги преземе сите потребни и можни чекори и дејства пред другите сестрински Православни Цркви за решавање на канонскиот статус на Православната Црква во Република Македонија, која страда од наметната изолација повеќе од половина век. Со овој мотив и со оваа намера на крајот од ноември 2017 година го прифативме барањето што ни беше упатено од Република Македонија и предлогот да ја земеме на себе одговорноста како посредник во решавањето на статусот на Православната Црква во оваа земја“.

Позитивната реакција на БПЦ покажа напредок во македонско-бугарските односи, бидејќи Бугарија во минатото вложуваше големи напори за признавањето на Македонија и на одделната македонска нација со одделно културно наследство и традиција и со свој одделен јазик – македонски. Низ историјата МПЦ менуваше припадност кон три „црковни мајчинства“: на Вселенската Патријаршија во Константинопол и на патријаршиите во Бугарија и Србија. За време на Отоманското ропство МПЦ беше под Вселенската Патријаршија. Со паѓањето на Отоманската власт на Балканот, Македонија беше поделена на Јужна Македонија, која стана дел од Грција, Северна Македонија, населена од Јужни Словени, која стана дел од кралството Југославија и Источна Македонија која е дел од Бугарија.

За време на Балканските војни од 1912 – 1913 година Македонија беше поделена помеѓу трите земји сојузнички, Грција, Бугарија и Југославија, но за време на Првата Светска Војна територијата на сегашна Македонија се наоѓаше под Бугарска власт. Кога војната заврши во 1918, македонската територија стана дел од кралството Југославија и Српската Православна Црква ја презеде Црквата во Македонија. Вселенската Патријаршија на Константинопол се согласи православните Македонци од северот да бидат под јуриздикција на Српската Патријаршија. За време на Втората Светска Војна Македонија беше повторно под контрола на Бугарија. Сепак, после војната, кога комунистите ја презедоа Југославија, тие го охрабрија создавањето на одделна Република Македонија а во 1967 и на одделна Македонска Православна Црква. Со возобновата на древната Афтокефална Охридска Архиепископија, МПЦ ја прогласи својата афтокефалија и упати молба до Српската Патријаршија да го признае афтокефалниот статус на МПЦ. Во 1967 година Српската Патријаршија го отфрли барањето на МПЦ за афтокефалија. Следствено, Синодот на СПЦ ја прогласи МПЦ за „шизматичка религиозна организација“ и ги прекина литургиските и канонските врски со нејзините епископи. Одтогаш МПЦ се смета за Црква со „неканонски статус“ и не е во заедница со Православните Цркви.

Ова трнливо прашање за признавањето на афтокефалноста веќе 51 година ја беше изолирало Македонската Православна Црква од останатите Православни Цркви и предизвика шизма со СПЦ. Сепак во мај 2018 се случи пресврт во бугарско-македонските односи. Бугарскиот Свет Синод објави изјава од Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Наум Русенски, кој го објасни променетиот став на Бугарија во врска со статусот на Македонската афтокефалија „нагласувајќи дека нема да дозволат шизма во Православниот свет заради овој проблем“, бидејќи ветената помош од Бугарија „предизвикала негативни реакции од Српската, Грчката и Константинополската Црква“. Вселенскиот Патријарх Вртоломеј му упати неколку строги зборови на Ѓорѓе Иванов, претседателот на Република Македонија, за време на неговата посета на седиштето на Вселенската патријаршија во Фанар, Истамбул, Турција во април 2018 година, а во врска со барањата на Македонската Црква за „црковно мајчинство“ од страна на Бугарската Црква. Тој го осуди мешањето на Бугарската Црква во овој проблем, велејќи: „Мислам вака, бидејќи сакам да бидам целосно искрен со тебе. Оваа постапка на сестринската Бугарска Црква беше погрешна. Не помага. Ги комплицира работите. Мајка Црква на сите балкански народи е Константинополската. Така вели вистинската историја. Онаа спомнатата е фиктивна мајка. И Бугарија не може да ве воведе во каноничност, во нормални односи со другите Цркви. Мора да има директност, искреност и срдечност во меѓуправославните односи.

Секогаш кога беше свикуван Соборот на Православните Претстојатели, или тука или во Шамбези, Вселенската Патријаршија се трудеше да ги стави сите овие актуелни теми на дневен ред и да разговара за нив со искреност и отвореност“. Она што изгледа ги влоши односите помеѓу Македонската и Бугарската Црква беше прославата на МПЦ на 1000-годишницата од Охридска Архиепископија на 28 и 29 Мај 2018 година, се разбира во Охрид, Македонија. Бугарскиот Свет Синод најави дека нема да учествува со свои претставници во прославата на МПЦ за 1000-годишницата од Охридската Архиепископија, бидејќи ја сметаат Охридската Архиепископија за своја. Кога во Јануари беше прашан за бугарското учество во 1000 годишниот јубилеј на Охрид, Патријархот Неофит вети дека „ќе се потрудиме да смислиме како да го одбележиме овој настан… ќе настоуваме да им послужиме на љубовта и мирот во Христа“.

Но тоа не е сè: епископите исто така изјавија дека бугарските свештеници не смеат да учествуваат во заедничка молитва со македонскиот клир на прославата на денот на Светите Кирил и Методиј, Словенските Рамноапостоли и Просветители, што се одржа на 24 мај во базиликата Сан Клементе во Рим Италија. Оваа година на 24 мај Премиерот на Бугарија Бојко Борисов и на Македонија Зоран Заев заедно го посетија Рим за да го одбележат споменот на Светите Кирил и Методиј. За прв пат македонско – бугарска делегација заеднички ги прослави Светите Кирил и Методиј, кои во 869 година ја посетија базиликата Санта Марија Маџоре, каде папата Адријан II (867-872) го озакони Кирилометодиевиот превод на Литургијата на словенски јазик. Следното делче во борбата на Македонската Православна Црква за црковно мајчинство и признавање на афтокефалниот статус е писмото на премиерот на РМ Зоран Заев до Светиот Синод на Вселенската Патријаршија и патријархот Вртоломеј, испратено на 30 мај 2018 година, во кое се бара МПЦ да биде примена во канонскиот ред на Цркви под името Охридска Архиепископија. Со ова писмо Заев даде потврда на молбата што црковните водачи на МПЦ му ја имаа претходно испратено на Константинопол. Светиот Синод на Вселенската Патријаршија на 30 мај 2018 година ја објави следнава изјава, најавувајќи ја својата одлука да дејствува околу решавањето на проблемот на Македонската Црква, како и намерата на Светиот Синод да ѝ помогне на Македонската Црква да се врати во канонски статус и да се сочува единството на Православните Цркви: „Светиот Синод што се собра денес го разгледа барањето на шизматичката црква на Скопје, поддржано од писмо од премиерот на FYROM г-дин Заев, Вселенската Патријаршија да преземе иницијатива за враќање на оваа Црква во канонските рамки под името Охридска Архиепархија. Признавањето на автокефалната Црква на место каде што уште од среден век постоела древната афтокефална Охридска Архиепископија има длабока црковна смисла. Афтокефалната Охридска Архиепископија имаше јуриздикција над разни територии во различни периоди, во еден момент дури од Дунав и Далмација до Црвеното Море и Сицилија, но седиштето од секогаш ѝ било во Охрид, на територијата на Македоија, како што историчарот Иван Снегаров објаснува во својата книга: Историја на Охридската Архиепископија: „Историјата на Црквата во Охрид е историја на 8 века духовна независност… на духовна сувереност на Република Македонија. Автономниот дух на Македонија не е нов, туку е производ на историски живот. Тој беше развиен од страна на автокефалната Црква на Охрид“.

Всушност Охридската Архиепископија била укината од Отоманската власт и нејзините епархии биле ставени под јуриздикција на Константинополската Патријаршија во 1767 година. Има исто така и руски удел во ова комплицирано прашање, бидеќи Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Иларион (Алфеев) од Одделот за надворешно-црковни односи при Московската Патријаршија смета дека решавањето на македонското црковно прашање е „несфатливо и неприфатливо“ без учество на СПЦ, тврдејќи: „Ние сме убедени дека решавањето на македонското црковно прашање мора да се изведе во канонски рамки и е несфатливо во овој процес да не се земе во предвид водечката улога на СПЦ од која Македонската Црква се отцепи пред 50 години“.

Српската Православна Црква одби да го признае прогласувањето на автокефалијата на МПЦ од 1967 година и тврди дека одлуката е неканонска и била донесена од политички причини, под притисок на тогашната југословенска комунистичка влада. Важно е да се нагласи дека Московската Патријаршија никогаш не ја призна афтокефалијата на МПЦ. Факт е дека повеќе од половина век, поточно 51 година поминаа од прогласувањето на автокефалноста на МПЦ и оваа Црква сè уште живее во неизвесност и изолација, чекајќи „спонзорство“ на некоја Мајка Црква. Со најновата молба до Вселенската Патријаршија јасно е дека МПЦ се труди многу силно и ги исцрпува своите сили во барањето на признавање, за да ѝ стави крај на шизмата и да ја врати почитта што МПЦ ја заслужува од страна на Православните Цркви. Ситуацијата со Македонската Црква и нејзиниот пет децениски нерегулиран статус длабоко го повредува единството на Православните Цркви и единството на Црквата како мистично Тело Христово. Постои надеж дека Константинипол најпосле ќе обезбеди црковен дом за МПЦ и ќе стави крај на неканонскиот статус на Македонската Црква.

Тоа е она што Македонската Црква го бара. Каков ќе биде ставот на Католичката Црква во врска со решавањето на  македонското црковно прашање? Рим ќе подржи одлука или решение што ќе дојде од главните засегнати страни: Константинопол и МПЦ. Зошто? Прво, католиците се малцинство во Македонија (1% од населението), 65% од македонското население е православно, а 32% муслиманско. Запазувањето и унапредувањето на меѓурелигискиот дијалог со исламот и на  католичко – православниот дијалог во Македонија се главни приоритети на Рим. Второ, односите на Ватикан со Србија и Косово се срдечни и неодамнешната посета на кардиналот Паролин на Балканот го потврдува тоа. Всушност ова е прва посета на ватикански Државен секретар на Балканска земја. Трето, Рим не може да си дозволи да ги загрози пријателските односи, засилениот консензус и „усогласеноста во ставовите со мојот возљубен брат Вртоломеј“ како што на 28 јуни 2018  папата Франциско им кажа на ченовите на делегацијата на Вселенската Патријаршија, кои го посетија Рим за да го прослават празникот на Светите Петар и Павле. Католичката Црква, според зборовите на папата Франциско, нема да поддржи било каква одлука што ќе го загрози согласието и добрите односи изградени со православните цркви воопшто и Вселенската Патријаршија конкретно, или како што наведе во својата изјава до руската православна делегација од 30 Мај 2018: „подадената рака, братската прегратка, заедничкиот став и патувањето заедно“. Јасно е дека она што Франциско го изјави во врска со Украинската Црква се однесува и на случајот со Македонија: „Католичката Црква, Католичките Цркви не смеат да се вмешаат во внатрешните работи на Руската Православна Црква, ниту во политичките проблеми. Ова е мојот став и ставот на светата столица денес. И тие што ќе се вмешаат покажуваат непослушност кон светата столица. Ова се однесува на политиката“.

Да заклучиме, политичките водачи на Грција и Македонија изгледа изнајдоа здраво решение во врска со името на Македонија: Република Северна Македонија. Време е и црковните водачи да го решат проблемот со автокефалијата на МПЦ и да му дозволат на овој измачен народ и неговата Православна Црква „да дишат слободно“, како што еден од моите македонски студентски еднаш изјави на час: „Република Северна Македонија и Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија ќе бидат географско, историско и црковно разумно решение на еден долгогодишен проблем.

Пишува: Инес Мурзаку

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *