Почетна Анализа Европа ни наложува православен дуализам
Европа ни наложува православен дуализам

Европа ни наложува православен дуализам

282
2

Нема поголема традиција, подолго временско предание или уште попрецизно, предавање историски материјал за постоењето и за идентитетот на македонскиот супстрат и интегралноста на националното ткиво, кое се однесува на македонскиот народ, од она што го носи печатот на Македонската православна црква, нејзиното постоење и работење и нејзината автокефалност. МПЦ е темел и вековен чувар на македонскиот идентитет, јазик и традиција. И поради таквиот факт, сите доминантно православни држави имаат и своја матична национална црква, затоа што носителот на духовното обединување и традиција го чува и го негува националното ткиво од згинување. Токму затоа македонските аналитичари ја отвораат дилемата дали зад обидите за регистрација на Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски, долгогодишниот расчинет владика од Македонската православна црква-ОА на територијата на Македонија се крие наводно „реализација на основното право на вероисповед“ или, пак, крајната цел е „разнебитување на македонското православно ткиво“?!

Оваа дилема е присутна во јавноста откако пред два месеца Советот на Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја одби жалбата на Владата на Република Македонија, со што претходно донесената пресуда за регистрација на Православната охридска архиепископија стана правосилна. Во февруари 2018 година, Владата на Република Македонија се жалеше пред големиот Совет на тој суд, во однос на донесената пресуда. Според одлуката по жалбата, Македонија треба да ја регистрира ПОА како формална црковна заедница. Со тоа, судот во Стразбур оценил дека „Македонија не дозволила регистрација на ПОА и ги прекршила човековите права на група граѓани за слободно практикување на вероисповедта“.

Во таа насока е и дилемата на аналитичарите дали менување на Законот за правна положба на црква, верски заедници и религиозни групи, за да се овозможи регистрација на Јовановата ПОА, би бил исправен потег или, пак, тоа ќе овозможи легализирање паралелно верско дејствување, кое може да предизвика сериозни проблеми?

Предупредување за нова опасност

Многупати верските аналитичари предупредувале дека целта на Вранишковски не е да го оствари правото на вероисповед, туку да направи обид за превласт на црковниот живот во Македонија преку манипулација со верниците.

– Не се исклучува можноста ако ПОА добие регистрација во Македонија, Вранишковски да ја засили офанзивата за манипулирање на верниците, како на пример да нуди бесплатни крштевки и венчавки и на тој начин да ги придобива традиционалните верници – додаваат експертите.

Затоа, „Нова Македонија“, како и многупати досега, укажува на опасностите од разнебитување на македонското православно и национално ткиво, нешто што нѐ одржало со векови, како што се верата и црквата. Во период кога главна тема е решавањето на спорот за името, со овој црковен проблем уште повеќе се усложнуваат работите, а потребата од внатрешно единство по овие прашања е неопходно, за да се донесат правилни одлуки, кои нема да имаат цел поделба и создавање дополнителни проблеми.

Задолжителна пресуда

Поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека изречените правосилни пресуди од Советот на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се задолжителни предмети за државата на која тие се однесуваат, што значи дека тие треба да се имплементираат во внатрешното право на државите на кои се однесуваат.

– Пресудата треба да е во постапка на извршување, а целата динамика на акцискиот план за нејзино извршување е во надлежност на владиниот агент од Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и Секретаријатот на Комитетот на министрите – вели Николовска.

Според неа, во пресудите од Стразбур се посочени и насоки за тоа на кој начин би се извршила една пресуда, од што државата влече заклучок што треба да се направи.

– Ако законот во една државата е спротивен на тоа што го кажал Стразбур, се разгледуваат околностите на квалитетот на законот. Генерално постои можност за промена на одреден закон за да се спроведе пресудата од Стразбур, но постои и можност за директно спроведување на пресудата. Сѐ зависи како е определено во пресудата од Европскиот суд за човекови права – додава Николовска.

Називот и учењето остануваат спорни

Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници, вели дека група граѓани имаат право да се организираат, но да го остварат истото тоа на начин предвиден во Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група.

– Според законот, останува спорен називот, паралелизмот, како и целите што не се во функција на развој на верската заедница што сакаат да ја регистрираат, туку во функција на трајна автономна зависност кон странска верска заедница, на покраинско ниво – објаснува Сотировски.

Според законот, како што вели Сотировски, апликантот може да поднесе барање за повторување на постапката, како вонреден правен лек до Основниот суд – Скопје.

– Суштински важно е да се појасни дека Европската конвенција за човекови права, по која пресудува Европскиот суд за човекови права, дава генерални прокламации за неприкосновеноста на правата на граѓаните, кои, пак, се реализираат во согласност со позитивно правните прописи во државата. Спроти законските одредби спорни остануваат називот, паралелизмот и целите што апликантот сака да ги постигне во општеството – додава Сотировски.

Сепак, како што вели директорот на комисијата, начинот, условите и постапката за регистрација на верска заедница се пропишуваат со позитивноправните прописи на Република Македонија, односно Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група.

Една црква во граници на една територија

Каноните на православната црква забрануваат двојна власт на една јурисдикциска територија. Тоа значи дека на просториите на кои дејствува една православна црква своја власт и епархии не може да има друга православна црква. Во речиси сите апостолски и канонски одлуки донесени за време на седумте вселенски собори се зборува дека во еден град, во една држава каде што дејствува една црква не може да се меша и да функционира друга црква. Најчесто тие канони (правила) биле утврдувани поради тоа што некои епископи и цркви во историјата дејствувале и поставувале свештеници и епископи во територии на други цркви.

Меѓу конкретните канонски одлуки се оние од Првиот вселенски собор, кој бил одржан во Никеја, Мала Азија од мај до јуни 325 година. Него го свикал царот Константин Велики.
Според осмото правило или канонот од Првиот вселенски собор, пишува дека „Во еден град да не бидат двајца епископи“.

Веќе на Вториот вселенски собор, кој бил одржан во Цариград, од мај до јули 381 години, а него го свикал царот Теодосиј, црковната јурисдикција била многу поконкретно дефинирана.

Во второто правило од Вториот вселенски собор, е запишано: „Епископите да не ја шират својата власт надвор од границите на своите области, односно на туѓа црква и да не го попречуваат животот на другите цркви“.

Верските аналитичари сметаат дека Македонија не е исклучок кога станува збор за законските норми околу регистрациите на верските заедници од сите други држави што имаат доминантно православно население, каде што исто така не се дозволени паралелизам или регистрација на две цркви од иста вероисповед, особено кога станува збор за нивен меѓусебен конфликт и од тие причини сметаат дека не треба да се менуваат законските прописи за регистрација на нови верски заедници.

Што предвидува актуелниот закон?

Според членот 10 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, името и официјалните обележја на секоја нова црква, верска заедница и религиозна група треба да се разликуваат од називите и официјалните обележја на веќе регистрираните цркви, верски заедници и религиозни групи.

– Зборот „Македонија“, неговите изведенки, како и преводите на овој збор, потоа грбот и знамето на Република Македонија можат да се внесат во името и обележјата на црквите, верските заедници и религиозните групи на начин со кој се истакнуваат угледот и достоинството на Република Македонија. За употребата на името „Македонија“ Министерството за правда дава писмена согласност – пишува во законот.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(2)

  1. “Не се исклучува можноста ако ПОА добие регистрација во Македонија, Вранишковски да ја засили офанзивата за манипулирање на верниците, како на пример да нуди бесплатни крштевки и венчавки и на тој начин да ги придобива традиционалните верници – додаваат експертите.” —- ova ne bi bilo manipulacija tuku vrsenje na Svetite Tajni kako sto treba. Vo Pravoslavniot Sveti recisi poveketo Pravoslavni Zaednici NE naplakjat za Krstevki, Vencavki, Pogrebi..itn. Ako se pravi manipulacija ovde toa se pravi od strana na tie pomesni crkvi koi barat pari od narodot za ovie dejnosti. BOG DA CUVA I DA BRANI!!!!

  2. kako da se kaze deka Evropa ni go prave tova. Taa Evropa videla od srebrojubecot vladikata Petar koj ni zakon ni vera mu e vazna samo pari. Toj prvo pocna vo Avstralija da pravi crkvi na ista ulica protiv narodnite makedonski crkvi. Taka napravi so lagi vo Pert, Sydney, Melburne, Adelaide, New Castel, Brizbane.Ubavo velite deka imalo zakon, no za srebrojubecot Petar ne vazat. Ne razdeli braca so sestri deca so majki ne ispokara i ushte ne kara.So godini po sudovi ne vode za da gi zeme crvite i parite od niv.Na negovo ime si gi pisha crkvite so negoite popovi.Avstralija ja razdeli na dve, familiite ni gi razdeli. Deka mu e ljubovta, samo kavgi i sudovi ni prave od koga e dojden vo Avstralija. Duri ne im dava na nashite deca priceska da zemat.Duri i vo crkva ni zabranue da vleguvame. Narodot gi grade crkvite.Gi laze lugeto samo da im gi zeme parite i crkvite. Deka se videlo na edna ulica dvajca vladici.Toj toa go napravi. Velite deka ima crkoven zakon. Za eden e majka za deug macea. I kade e pravdata.Petar si go prave zakonot kako shto saka za shto povece pari da sobere. Narodot tuka zborue a i visti na e Jovan e negov covek, a toj naucil od nego da go dvoat makedonskiot narod.Deka ce mu ode dusata.Ne delea Grci, Srbi i Bugari seka i Petar za pari ne terorizira,podeli ne unishti, za zosto? Do koga ce go trpime makedonci.Neznam golemiot vladika vo Skopje zosto go brane i drugitre vladici. I tie da ne sakaat da ne nema nas makedoncite vo Avstralija.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *