Зошто велигденскиот пост има многу имиња
Што е постот? Зошто и како се пости? Историјат и поуки, за постот и исхраната, за постот и духовноста. Сите најзначајни аспекти на овие делови во овие Велигденски пости, за „МИА“, ги објаснува универзитетскиот професор и еден од најеминентните теолози во Македонија, Ратомир Грозданоски.
„Религија.мк“, преку верскиот буквар, ги пренесува овие верски поуки на професорот Грозданоски.
Имиња на постот
Тоа е пост со повеќе имиња – повеќеимен пост. Се нарекува:
Велигденски пост – затоа што завршува на Велигден и значи подготовка за Празникот.
Воскресенски пост – заради празникот на Христовото воскресение.
Пасхален пост – бидејќи е пост пред Пасха, како што се нарекува Велигден – Новата Пасха или Новозаветна Пасха.
Велики пост – заради големото значење на постот и на празникот Велигден.
Четириесетница – Велика или Света Четириесетница – затоа што трае четириесет дена (од Чист понеделник до Лазарова сабота). И Господ Исус Христос постел 40 дена (Матеј 4,2; Лука 4,2).
Чесен пост – бидејќи го опфаќа времето на Христовото распнување на Чесниот крст.
Најдолг пост – според должината на постењето. Тоа е најдолгиот пост.
Најголем пост – според важноста, во однос на другите повеќедневни пости.
Најстрог пост – меѓу останатите постења – најстрог според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.
Проф. др. Ратомир Грозданоски