Заврши првиот летен камп по Веронаука што го организира Бигорскиот манастир во скитот посветен на Светите браќа Кирил и Методиј.
Во изминатиот период, гости беа триесетина дечиња од сите краишта на земјата, кои имаа несекојдневна можност поодблизу да се запознаат со живата православна вера, да стекнат нови пријателства и да поминат незаборавни денови во игра и заедничарење во Христа.
-Насмевките и детскиот непосреден дух го исполнија дворот на скитот со посебна радост. За беспрекорно одвивање на сите предвидени активности, со голема љубов и пожртвуваност се погрижи тим составен од бројни стручни лица: теолози, културни работници, професори, доктори и волонтери. Несебично вложувајќи ги својот труд, знаење и време, тие реализираа многубројни креативни работилници, поучни предавања за основите на православната вера и животот во Христа, како и рекреативни содржини прилагодени на возраста на децата, велат од Бигорски.
-Особено искуство и неизмерен благослов за младите беше можноста својата театарска претстава, посветена на светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј, да ја одиграат пред возљубениот ни Старец, владиката г. Партениј. Претставата, изведена со детска искреност и вдахновение, беше работена во режија на познатиот македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и режисер г. Владо Дојчиновски, кој со посветеност и љубов несебично го пренесе своето богато уметничко искуство на најмладите. Овој благословен миг засекогаш ќе остане врежан во нивните срца како драгоцен спомен од летниов престој во Скитот. Овој камп е првиот од шесте предвидени за ова 2026 лето Господово. Искрено веруваме и се надеваме дека овие летни авантури ќе остават длабоки траги во срцата на најмладите, поставувајќи цврст темел за нивниот правилен духовен, културен и емоционален развој, потенцираат организиаторите.

