Почетна Вести Христијанство Вселенската патријаршија ги расчистува дилемите – Односот на МПЦ-ОА кон ПЦУ главна пречка за Томосот
Вселенската патријаршија ги расчистува дилемите – Односот на МПЦ-ОА кон ПЦУ главна пречка за Томосот

Вселенската патријаршија ги расчистува дилемите – Односот на МПЦ-ОА кон ПЦУ главна пречка за Томосот

2.08K
2

Украина е единственото отворено прашање кое стои на патот до Томос за автокефалност на МПЦ-ОА. Ова го потврди Митрополитот на Имврос од Вселенската патријаршија во интервјуто за 360 Степени.

Во целосното интервју, што 360 степени го објави, Владиката Кирил јасно дефинира дека сите останати теми кои се пласирани овде се неточни и дека клучно е односот што МПЦ-ОА го има кон автокефалната црква на Украина.

-Дозволете ми да го кажам и ова за кое не знам дали го знаат луѓето овде. Црквата на Украина, Епифаниј, официјално ја призна каноничноста на Охридската црква и му напиша писмо на Стефан и му честита. И, наместо да му напишат макар и едно просто благодарам, следниот ден донесоа одлука: Не ги сакаме, не ги признаваме, не сослужуваме со нив, на крајот се, ова е, тоа е, другото… Зошто? Затоа што Русите и Србите им се заканија: Ако ја признаете Украина, ќе ги прекинете односите со нас. Повелете, значи, предизвик за архиепископот и за архијереите на Охрид да докажат дали се автокефална црква. Ако навистина сакаат да станат автокефална црква, треба да ја признаат црквата на Украина и да ги игнорираат заканите на Русија и Србија, изјави владиката Кирил од Вселенската патријаршија во интервјуто за 360 Степени.

Тој во интервјуто зборува и за заблудите што се шират околу дијаспората. Па вели дека Вселенската патријаршија не е против дијаспора.

-Прашањето за дијаспората. Затоа што, за жал, има и такви кои излегуваат и кажуваат лаги, кажуваат погрешно, дезинформираат… Ќе ви го кажам следново. Во овој момент во Константинопол, кој е седиште на нашата Патријаршија, имаме бугарска, т.е. бугаројазична црква. Цркви, не црква. Не е една. Цркви бугаројазични каде што Божествената литургија се служи на бугарски; нивните традиции и обичаи, дури и историските празници и годишнини на Бугарите се извршуваат, се празнуваат таму, и има бугарски свештеник, кој принадлежи на Вселенската патријаршија, но служи канонски во бугарските заедници на градот. Истото го имаме и со Романија. Го имаме дадено историското пикридио, каде што е света Параскева во Пикридио, и гробот на света Аргирија новомаченицата – им го имаме доделено на Романците. И се врши таму Божествената литургија на романски, традициите и обичаите на Романците, и има свештеник Романец, кој е таму и кој го споменува вселенскиот патријарх. Имаме Грузиец, грузискојазична парохија. И патем, таму бев претпоставен пред да заминам и станам митрополит на Имврос, во Свети Георгиј во Едирне Капи, каде што Божествената литургија се одржува на грузиски, и училиште има на грузиски, и сите настани, и традициите и обичаите на грузиски. Имаме две рускојазични, каде што (службите) се извршуваат на руски, богослужбите по руски типик. Имаме јереј, архимандрит, кој го испративме во Москва, студираше, го научи јазикот итн., па се врати и служи. Имаме рускојазични митрополии, долу во Анталија, Писидискиот. Украинец, владика, рускојазична и укранојазична е целата митрополија. Зошто да не продолжиме и утре да имаме една црква за Охридската црква? Веднаш патријархот ќе го даде тоа, веднаш ќе го даде. И еден добар свештеник да дојде таму и да го направи она што го прават останатите од другите држави. Гледате дека поинаква е вистината. Не е таква како што сакаат да ви ја претстават. И ние оваа вистина ја сакаме. И бидете сигурни дека ако одиме напред, ако ја прифатиме вистината и продолжиме правилно, наскоро ќе дојде патријархот овде, што е и негова радост да дојде и ќе го даде томосот за автокефалност. И ќе го целива со свет целив архиепископот, јерарсите, клириците, народот, вели Митрополитот на Ивмврос во интервјуто.

Во тој контекст ги оценува како невистинити и приказните за преземање на манастири, или формирање егзархат во Македонија.

-Ви кажав, излегуваат и кажуваат неточности, работи кои не држат вода. Ќе ги земе манастирите. Кои манастири? Каде патријархот зел манастири, па да земе манастири и оттука? Каде патријархот направи егзархии со така сакам, па да направи и овде егзархии? Сите цркви, ако одите во Москва – Антиохија има егзархија, Александрија има, Ерусалим има, во Одеса, во Москва… Вселенската патријаршија нема. Тоа не е целта на Патријаршијата. А во Украина, црквата на Украина ѝ даде на Патријаршијата една стара ставропигија само заради чест. И што направи Патријаршијата? Зеде еден украински владика: Седи таму, во својата татковина. Ти си Украинец, во твојата татковина. Ниту испрати агент ниту испрати некого. Ниту зеде нешто. Во која европска земја направи егзархија или ставропигија без тоа да го побара претстојателот, црквата на која-годе помесна област? Тоа се лаги и не можат да се одржат. Значи, сето ова мора да се остави настрана за и народот да ја дознае вистината, за да можеме веднаш да продолжиме понатаму. Што е до нас, томосот е подготвен. Тој е подготвен. Со тоа што ќе се најдеме овде и ќе кажеме – добро, се договоривме, доаѓа и томосот, вели Владиката Кирил.

Ја расчистува и дилемата околу името на црквата и зошто вселенската патријаршија не користи национални називи во официјалната комуникација.

-Значи, Патријаршијата сака да создаде автокефална црква која потоа ќе биде прифатена од сите цркви. Значи, не може во една земја што има конкретно име, црквата да дојде и да користи друго национално име. Патријаршијата не дава национални имиња. Патријаршијата на ниту една црква досега не дала национално име. Значи, за да направиме една силна автокефална црква, овие нешта мора да се средат. Името. Патријаршијата не доаѓа за да наметне никакво име. Но, доаѓа за да каже: „внимавајте, ќе ставиме нешто што нема да биде национално, ќе биде чисто црковно. И што прави? Го дава именувањето Охридска архиепископија. Една историја од илјада години, Охридска архиепископија! Илјада години! Размислете за тоа! Доаѓа кај една црква што е оформена денес и ѝ дава историја од илјада години. Еве – вели – ова е твојата историја. Тоа сте вие. И не сакаат. Не сакаат! Потоа, велиме, за прашањето за дијаспората. Што ќе прави Патријаршијата во дијаспората? Која е придобивката? Но, едноставно, треба да размислуваме малку логично. Во овој момент ви давам еден пример и велам дека овде во земјава, во Северна Македонија, дојдоа десет-петнаесет илјади Грци работници емигранти. Според логиката на Русија и Србија, ќе треба Грчката црквата да дојде овде, без никого да праша, без никого да земе предвид и да каже, бидејќи имам петнаесет илјади Грци во Северна Македонија, основам грчка црква во Северна Македонија. Во Северна Македонија има црква. Има претстојател, има архијереи, има јереи, има клирици, тие се грижат за народот, ти каде одиш? Како ти ќе основаш помесна национална црква во друга земја и во друга митрополија итн.? Што можеме да направиме? Треба да бидеме и реални. Да, имам петнаесет илјади Грци кои сакаат да ја слушаат Божествената литургија на грчки. Сакаат да си направат малку грчки традиции и обичаи. Да, затоа доаѓам кај охридскиот и му велам: Те молам, дај ми една од црквите што ги имаш, да служам Божествена литургија на грчки. Ти дај ми свештеник, ти дај ми владика, кој ќе ја служи Божествената литургија на грчки. Нема да создадам грчка црква, туку ќе побарам гркојазични, односно Божествената литургија да се одржува на грчки јазик. И ова го обезбедува единството на црквата, почитта кон црковното статус кво, а од друга страна, пак, ти ја дава и можноста за една пастирска служба, многу силна и полезна. Не може во еден град да имаме двајца митрополити. Велиме американскиот на Вселенската патријаршија, а сега американски имаат антиохискиот, друг, друг, друг – пет архиепископи на Америка. Кој е канонскиот? Истото и во Европа. Ова треба малку да го собереме, но без тоа да значи дека ќе ги развиеме или ќе ги погазиме или грабнеме. Од нашата Вселенска патријаршија нема воопшто такво расположение. Апсолутно ниедно такво расположение. И, бидејќи сум се нашол многу пати на состаноци и разговори, ова прашање е разговарано, е решено. Го имаат прифатено овдешните митрополити и митрополитот Тимотеј и митрополитот Наум и архиепископот Стефан. Рековме како ќе го решиме ова. Не постојат нерешливи прашања и проблеми, така што можеме да продолжиме со прашањето за томосот на автокефалноста за Охридската црква. Она што треба да го расчистиме е следново: Сака автокефалност Охридската црква или не сака? Ако не сака, ќе остане како една митрополија на Српската црква. И ќе биде влечена од Русите и од Србите сè додека во некој момент, секако, повторно геополитиката ќе се смени и ќе се создадат повторно нови проблеми итн.

Коментар(2)

  1. Дали ова значи, дека Ерусалимската патријаршија, Антиохиската патријаршија, Московската патријаршија, Српската црква, Романската, Бугарската, Грузијската патријаршија, Албанската црква, Полската црква, Црквата на Чешка и Словачка, за Вселенската патријаршија не се афтокефални? Тие не ја признаваат УПЦ, сеуште го немаат прифатено предизвикот. Дали е тоа денес доказ за афтокефалија, односно потврда за афтокефалија?

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *