Вселенскиот патријарх Вартоломеј оствари официјална средба со претседателот на Франција Емануел Макрон во Елисејската палата.
Средбата се одржала во срдечна атмосфера, при што францускиот претседател му упатил честитки на патријархот по повод неговиот избор за странски член на Француската академија за морални и политички науки. Патријархот изразил благодарност за укажаната чест и за поддршката од француската страна.
Во разговорот, кој траел околу 50 минути, биле разгледани прашања поврзани со улогата на Франција во меѓународните односи, како и значењето на мирот, правдата и меѓурелигискиот дијалог во современиот свет.
На средбата присуствувале и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, како и членови на претседателскиот кабинет. Од страна на Вселенската патријаршија присуствувале митрополитите Емануил од Халкидон и Димитриј од Галија, како и претставници на патријаршискиот кабинет.
При пристигнувањето и заминувањето на патријархот од Елисејската палата, биле оддадени воени почести.

