Митрополит г. Тимотеј, за Св. Кирил и Методиј, Базилика „Сан Клементе” – Рим, Италија
Драги браќа и сестри,
Наоѓајќи се во овие Велигденски празнувања, ние, во исто време, го празнуваме и празникот на големите сесловенски свети браќа Кирил и Методиј. Светлото Христово Воскресение е централен настан на нашата Црква, вера и на нашето спасение. Господ Исус Христос се жртвуваше за човечкиот род. Се жртвуваше со крстно страдање. Според тогашните римски закони, беше осуден како најголем грешник и престапник. Но, Он, во третиот ден, славно и победоносно воскресна. Ја основа Неговата света Црква, ги утврди во верата Неговите следбеници – апостоли, а преку апостолското преемство, силата Божја, како небесна благодат, ја раководи Црквата Божја.
Св. ап. Павле, во посланието до Коринтјаните вели: „И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секаква скверност на телото и духот, па да твориме дела свети и со страв Божји” (2. Кор. 7, 1). Овие зборови на апостолот на народите се вечна порака. Порака што не застарува. Тоа е повик насочен кон секое човечко битие. Порака којашто му го покажува патот по кој треба да се оди во текот на овоземниот живот. Исполнувајќи ја таа порака, човекот се здобива со можност, во неговото срце и душа да влезе силата Божја, односно Духот Животворен.
Од практичниот живот знаеме дека ниту еден разумен човек нема да се всели во нечист дом. Најпрво, ќе се потруди да го исчисти, вароса, да го спреми за живеење, па дури потоа да се всели и да живее во него. Ако ние, како луѓе со слабости и недостатоци, како услов за наше вселување бараме да биде чисто, тогаш колку повеќе силата, енергијата Божја, поставува услов и бара од нас, нашите срца, нашите души, па и севкупното наше битие да биде очистено, просветено и погодно место за пребивање на Божјата благодат.
Затоа, нашиот Спасител, преку устата на овој боговдахновен апостол, нè повикува да ја очистиме секоја нечистотија од нашето тело и душа. Уште старозаветниот мудрец вели: „Почеток на мудроста е стравот Господов; добро разбираат сите, што се раководат од него; а послушноста кон Бога е почеток на разбирањето” (Изрек. 1, 7). Така правеле сите старозаветни пророци и мудреци, потоа Христовите апостоли и следбеници, односно, сите свети луѓе.
Денеска, го прославуваме св. Кирил Солунски. Овој Божји избраник се потрудил повеќе од сите негови современици. Во страв и побожност го сеел семето Христово кај повеќе народи. Но, особено е заслужен за проповедањето на христијанството помеѓу словенските народи. Како човек кој стекнал високо образование на тогашната Византиска Магнаурска школа, тој, сите негови капацитети ги искористил во ширењето на словото Божјо помеѓу нашите предци. Неговиот пат не бил лесен.
Требало да се избори со германското духовништво кое било заробено од тријазичната ерес, односно, светото Евангелие можело да се проповеда само на трите јазици, напишани на крстот, на еврејски, грчки и латински. Св. Кирил ја победил оваа ерес докажувајќи дека сонцето ги грее подеднакво и едните и другите. Делото на св. Кирил и на неговиот свет брат Методиј е епохално и словенските народи ги воведува во културните, просветените, цивилизирани, и пред сè христијанизирани народи уште во IX век. Посебно, пак, Македонскиот народ има причина, повеќе да ги прославува и да ги велича, бидејќи и самите потекнуваат од наши простори.
Стоејќи сега пред твојот свет гроб, свети Кириле застапи се со твоите свети молитви пред Севишниот Бог. Застапи се за Македонската православна црква и за Македонскиот народ. Да ги надминеме сите непријатности, внатрешни и надворешни. Та во меѓусебен мир и слога да го славиме името на Севишниот, сега и во сета вечност. Амин!
Христос воскресе!

