Поранешниот генерален секретар на Министерството за одбрана на Турција, полковникот Умит Јалим, поднесе тужба до Генералното обвинителство во Истанбул против Вартоломеј I и повеќе од 260 службеници на Вселенската патријаршија, обвинувајќи ги за „окупација на турска територија“ и за забранета политичка дејност, пренесе руската агенција РИА Новости.
Како што соопшти за медиумите претставникот на Турската православна црква (Автокефален турски православен патријархат), Селчук Еренерол, тужбата била поднесена заеднички од Јалим и од Турската православна црква.
Според Еренерол, до обвинителството било поднесено барање да се покрене кривична постапка против 267 лица од патријаршијата, пред сè против патријархот Вартоломеј. Во тужбата се тврди дека Фанар, заедно со Грција, наводно незаконски „окупирал“ пет турски острови во Егејското Море.
Во тужбата конкретно се споменуваат островите Агатонисион, Маратос, Арки, Фармакониси и Левита.
Јалим во својата аргументација се повикува на сопствено толкување на Лозанскиот договор од 1923 година, според кое овие острови, кои денес се под грчка власт, би требало да ѝ припаѓаат на Турција.
Тој тврди дека на Константинополската патријаршија ѝ било дозволено да остане во Истанбул по Лозанската конференција под услов да не се занимава со политичко-административни активности. Според него, патријаршијата го прекршила тој услов, меѓу другото и со доделувањето автокефалност на Православната црква на Украина, што тој го оценува како политичка одлука.
Подносителот на тужбата смета дека поради тоа патријаршијата треба да се пресели на Света Гора. Во тужбата, исто така, се споменува и наводно „незаконската“ дејност на Богословската школа Халки на островот Хејбелиада во Мраморното Море.
Турската православна црква е призната само од властите во Анкара, додека Вселенската патријаршија и оваа црква меѓусебно не се признаваат.
Официјална Турција не го признава вселенскиот статус на Константинополската православна црква. Во турската држава патријархот Вартоломеј се третира како поглавар на православната грчка заедница во истанбулската населба Фанар, а на патријаршијата ѝ е забрането да се занимава со политичка дејност.

