Настан во една од парохиите на Вселенската патријаршија во Вилнус предизвика внимание во црковната јавност, откако монахиња одржа проповед за време на литургиски собор.
Станува збор за монахињата Васа, чие обраќање беше позитивно оценето од дел од верниците, кои го истакнуваат нејзиниот богословски и духовен придонес.
Во реакциите што следеа, се отвори прашањето за местото на жените во црковниот живот, особено во контекст на нивната улога во богослужението, духовното раководење и теолошкото творештво.
Поддржувачите на ваквиот пристап укажуваат дека жените веќе имаат значајно присуство во црковната традиција – преку химнографијата, монаштвото и литургиското пеење – и дека слушањето на нивното слово не е спротивно на верата.
Истовремено, темата отвора поширока дискусија за границите и можностите на учество на жените во јавниот црковен простор, особено во православниот контекст. Настанот во Вилнус се вклопува во пошироките разговори што се водат во различни Помесни цркви за улогата на жените, при што мислењата во јавноста остануваат поделени.
Во продолжение и коментарот на ѓаконот Андреј Кураев***, кој ја пренесе веста за овој настан на својот Facebook профил:
„Ова е во мојата епархија: Вилнус, Вселенска патријаршија.
Проповеда монахињата Васа.
Ве поздравувам од срце. Ако жените можат да бидат прославувани на службите, да им се молиме, да им се молиме со зборовите напишани од монахињата Касијана, да се молиме заедно со женските хорови и под женско диригентство, тогаш зошто да не слушаме и слово од паметна личност, без оглед на полот? Особено затоа што некаде некои благочестиви луѓе кажаа дека монаштвото го укинува полот.
На крајот на краиштата, кој може најдобро да зборува за монахиња ако не токму монахиња? Патем, за неофицијалната монахиња Марија (мисли на света Марија Египетска, заб. на прев.).
А за оние што сакаат да коментираат, ве молам прво да ја прочитате мојата книга „Женските прашања во Црквата“.
* Монахињата Васа Ларина е православна монахиња и богослов, позната по својата образовна и медиумска активност, вклучително и предавања и онлајн содржини за литургијата и духовниот живот. Таа е клирик на Руската православна загранична црква (ROCOR). Во јавноста е препознаена како активен и влијателен глас, особено меѓу помладата публика. Во последните години имаше јавни несогласувања и критики поврзани со нејзините активности и настапи, што доведе до одредени тензии во црковните кругови, но без официјална одлука за рачинување.
***Андреј Кураев важи за еден од најпознатите современи православни теолози во Русија, беше професор на Московската духовна академија и во минатото соработник на патријархот Кирил. Московската патријаршија во 2023 година го расчини, при што во јавноста беше истакнато дека причините се поврзани со неговите јавни критики, вклучително и за војната во Украина. Кураев поднесе спелација до Вселенската патријаршија, која по разгледување на случајот донесе одлука за негова рехабилитација и од 2024 година е примен како клирик под нејзина јурисдикција.

