Рускиот претседател Владимир Путин оствари средба со Патријархот московски и на цела Русија Кирил по повод 17-годишнината од неговата интронизација како поглавар на Руската православна црква.
Путин му честиташе на Патријархот, истакнувајќи ја историската улога на Црквата во зацврстувањето на државата и поддршката на општеството, како и личниот придонес на Кирил во организациското јакнење на црковниот живот. Тој подвлече дека „од востоличувањето на Патријархот Кирил, организацискиот живот на Црквата е зајакнат, парохиите и црковните структури се зајакнати“ и „ова овозможи поефикасна духовна служба“. „Ова се ваши лични достигнувања“, додаде Путин.
Патријархот Кирил му се заблагодари на Претседателот и се осврна на моделот на соработка меѓу Црквата и државата во Русија, оценувајќи го како специфичен и редок пример во христијанската историја. Тој нагласи дека сегашниот однос покажува почит кон улогата на Црквата во општеството и нејзината духовна мисија.
По повод годишнината, на 1 февруари 2026 година, во храмовите и манастирите низ Русија беа принесени молитви за патријархот. Централното богослужение се одржа во храмот „Христос Спасител“ во Москва, каде што патријархот Кирил началствуваше на Божествената литургија, сослужуван од бројни архиереи од Русија и од други Помесни православни цркви.
По литургијата, патријархот прими честитки од претставници на свештенството, државните институции и јавниот живот. Во обраќање од името на московското свештенство беше истакнато дека во изминатите 17 години црковниот живот во главниот град значително се развил, со обновени и новоизградени храмови и засилена образовна, социјална и младинска дејност.

