Почетна Проповеди Преображението најавува крст, но и воскресение
Преображението најавува крст, но и воскресение

Преображението најавува крст, но и воскресение

152
0

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на празникот Преображение Господово, на Светата Литургија во Манастирот Пречиста Кичевска, на 19 август 2021 лето Господово

 

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!

Денес, мили мои, со голема чест и радост, го празнуваме славното Преображение на Спасителот наш Господ Исус Христос пред Неговите тројца ученици на Гората Тавор. Би можело слободно да кажеме дека без Тавор, без ова Божествено преобразување што Господ го извршил непосредно пред Своето распнување на крст, Христијанството не може да се разбере. Всушност, денешниот празник ни ја покажува целта на доаѓањето на Спасителот Христос на Земјата, а таа е да го преобрази, да го обнови, да го пресоздаде светот и човештвото во светлината на Неговата Божествена љубов, како и да ја воспостави и да ја отвори вратата кон вечната Татковина – онаму каде што ќе пребиваат сите Христови луѓе, од Адама па до денес, преобразени и благословени за живот во светлината на Троичниот Бог.

По напорното искачување кон Таворската Гора, што, пак, го претставува неопходниот подвиг за духовното воздигнување, Господ започнал да се моли пред Своите ученици Петар, Јаков и Јован и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина (Матеј 17,2). Во суштина, Христос покажал дел од својата права, Божествена природа; се прикажал онаков каков што бил отсекогаш. Чудото се состои не во тоа што Словото и Синот Божји заблескал со Својата несоздадена светлост, ами во тоа што Он, совршен Бог и Творец, стана и човек и со човечката природа го прикри Своето Божество. А го направи тоа само за да може да им се приближи на луѓето, бидејќи човек не може во целост да издржи пред полнотата на Божествена светлина и природа. Затоа и во тропарот на Празникот повеќе пати чувме дека Христос им ја покажал Својата слава на учениците до онаа мера до која можеле да примат, според нивната човечка природа.

Со настанот на Преображението, мили мои, Господ сите нè повикува кон таа Негова нетварна светлина. Нè повикува кон преобразување на нашиот живот од лошо кон добро; да излеземе од примракот, од темнината на погрешните помисли и дела во која живееме, и да се издигнеме кон светлоста Божја. Христос стана човек, за да нè направи нас богови по благодат, носители на Неговата светлина. Он во Евангелието вели: Јас сум светлината на светот (Јован 8,12), и на друго место: Вие сте светлината на светот (Матеј 5,14). Со ова како да сака да ни каже: „Ве создадов според Својот образ и подобие. По образ, бидејќи ви дадов разум, словесност и господственост, а по подобие – да станете слични на Мене, Божествени, да бидете светлина како што сум Јас“. Образот Божји го носиме во себе, но подобието треба да го стекнеме во овој живот. А како? Самиот Он ни го кажа одговорот со неизмерното и крајно смирение, од Неговото раѓање во Витлеем, па до крстната смрт на Голгота. Ни покажа дека не може да се стаса до спасение и Божественост и дека не може да се стане жител на Татковина на вечно живите доколку се нема смирение.

Господ се преобразил пред Своите ученици непосредно пред почетокот на Неговите страдања, од една страна за да ги поткрепи во претстојните борби, но и од друга, за да им покаже дека и тие преку крст и страдање ќе го достигнат своето лично преображение, воскресение и вознесение до небесната Татковина, кон која, се разбира, сите ние се стремиме. Таму, во Земјата на вечно живите, во новото Небо и новата Земја (Откр. 21,1), во градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим (Евр. 12,22), каде што пребиваат сите Светии, сите што Го љубеле Бога. Денес Господ ни ја покажа реалноста на таа Татковина со тоа што ги повикал пророците Мојсеј и Илија, за да разговараат со Него не како со некој од останатите пророци, туку како со самовластен Бог Воскресител. Иако Мојсеј бил покоен со векови и неговата душа, како и на сите старозаветни пророци, се наоѓала успана во мракот на Адот, Он ја повикал оттаму за миг, за да разговара со Него на Тавор. Тој е Оној Истиот, Кој некогаш одамна, врачувајќи му ги по втор пат Таблиците на Законот на Мојсеја, на Својот угодник му открил само дел од Својата Божествена слава. Имено, кога Свети Мојсеј Го помолил Бога да му ја покаже славата Негова, Господ му одговорил: ти ќе Ме видиш откај грбот, но лицето Мое не ќе можеш да го видиш (Исход 33,23). Се разбира, ова не значи буквално дека Господ има грб, но дека е невозможно за човека да го види лицето Божјо, односно Оној Кој по суштина е една неизмерна светлина, една несфатлива љубов и убавина, неспоредливо поубава од сè што е најубаво – нешто што едноставно не може да се опфати со ниеден човечки јазик. Истиот тој Мојсеј сега, упокоен со векови, е повикан од Спасителот и Воскресителот. Некогаш Он му зборувал на Мојсеј преку облакот, во задимената гора Синај, а сега му зборува во Својата несоздадена светлина и овој го гледа лицето Христово како на Богочовек.

По Воскресението на Христос, сите праведници од Адама па до Свети Јован влегоа во вечната Татковина и се препознаваат еден со друг во светлината Христова. Токму тоа е значението на овој празник и неговата порака е дека сите ние треба да се стремиме кон таа Татковина на вечно живите и да се препознаеме со сите што се стремеле и се стремат кон светлината Христова. Да ги препознаеме сите Светии, а и нашите предци и современици што Го љубат Бога и луѓето и да се молиме еден ден да бидеме сите заедно во Градот на Светиите, во небесниот Ерусалим. Христос ги соединил Своите ученици со Себе, ги направил причесници на нетварната Божја енергија. А сè што ќе се соедини со Него, ќе биде спасено и ќе биде вечно. Во една прилика Богочовекот Христос вели: кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор (Јован 6,37); и на друго место: не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам (Јован 12,47), додека, пак, во Својата првосвештеничка молитва кон Бога Отецот, Тој се молел вака: Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние. Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина (Јован 17,11-12).

Милиот Христос, значи, сака сите нас да нè спаси со Неговата Божествена љубов. Затоа и ја основа Својата света Црква, која е, пред сè, Црква на живиот Бог, столб и тврдина на вистината (1. Тим. 3,15). Тука, во Црквата, особено на Светата Литургија, ние се среќаваме со Христа во Неговата Божествена светлина и многу нешта ни стануваат јасни и откриени; ни се случува нешто необјасниво убаво, како на Апостолот Петар, кој денес при Преображението извика: Господи, добро ни е да бидеме овде (Матеј 17,4). Овде нè осветуваат мали лачи од небесната Татковина, од светлината на Спасителот наш Христос, од Троичниот Бог, а таму сè ќе биде појасно, доколку навистина со сè срце се трудиме.

Црквата е, следствено, коработ на спасението. За луѓето што се наоѓаат надвор од Црквата велиме дека живеат во незнаење и мрак, но, како што во последно време забележувам, пострашно е тоа што многу од Христијаните, и тоа воцрковени! – застрануваат од патот христијански. Сведоци сме на една страшна појава во Црквата: секој сака да поучува, да толкува, да проповеда, да пророкува… По социјалните мрежи никнуваат разноразни „загрижени проповедници“, коишто, можеби, прочитале една или неколку книги, прочепкале нешто по интернет и гледаме дека веднаш станале „теолози“. Во контекст на ова, вчера кај мене дојде едно духовно чедо на исповед и меѓу другото ми раскажа како наишол на некој чувар, кој фатил да му зборува за Откровението, за бројот 666, за тоа дека во вакцините се наоѓа жигот на ѕверот и сл. и притоа го „опоменал“ дека во Црквата сега за тоа не се кажува, дека сите владици и свештениците се корумпирани и дека под притисок на властите сето тоа го кријат итн. Замислете, сега на еден таков теолошки „стручњак“ и вистински „православец“ му се дава јавен простор за проповед. Запрепастувачка работа! Вие сами добро знаете што сè се случува по социјалните мрежи. Затоа, бидете внимателни, чувајте си ја душата во смирение и во духовна радост, во Црквата, која единствена плови кон пристаништето на спасението. Господ Христос никаде во Евангелието не вели дека во последните времиња ќе остане само некојси старец, или некојси игумен, владика, свештеник, кој ќе зборува за вистината, а сите други наводно ќе застранат. Не, такво нешто нема никаде во Евангелието. Напротив, сетете се што вели Он: ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Матеј 16,18). Црквата како Тело Христово, како заедница на верните, до крајот на светот ќе остане како мерило за тоа што е вистина, а што е лага. Значи, соборноста во Црквата е критериум според кој треба да се водиме и да се учиме, а не некои индивидуалци и групации на социјалните мрежи. Испитајте самите: што се тие? Теолози ли се? Владици? Свештеници? Монаси? Па макар и да бил некој владика или старец или монах или свештеник, доколку неговото мислење не е во согласие со соборноста на Црквата, тогаш не можеме да го прифатиме. Единствено соборноста е мерило за вистината.

Кога сме веќе кај актуелната проблематика со вакцините, да нагласиме уште еднаш дека од нив во никој случај не треба да се прави теологија, ниту да се третираат како црковно прашање. Кој има недоумици, нејаснотии, нека се консултира со матичниот доктор, со некој друг специјалист за тоа, со некоја компетентна институција. Не е работа на духовниците да кажуваат за ефикасноста или опасноста од вакцините. Да не ги мешаме тие работи, бидејќи, во спротивно, гледате, тоа нè понижува сите, нè прави примитивни, декадентни, го понижува Христијанството, кое е вера на светлината, на просветлението, на возвишеното. Згора на тоа, да не забораваме дека Христовата Црква отсекогаш ја поддржувала и поттикнувала медицината. Апостолот и евангелистот Лука, на пример, бил лекар по професија. Првите организирани болници и медицински центри биле отворени во манастирите. Значи, Бог ги благословил лекарите и медицината. А сега гледаме таму како некои од тие недоучени „учени“, знаат сè, се разбираат и од медицина и од вирологија, точно знаат што содржат вакцините и пишуваат сè и сешто. Затоа, внимавате, не верувајте на секој што ќе напише нешто на оваа тема на интернет. Денес има многу голема опасност од таквите незналци, зашто преку социјалните мрежи им е даден голем простор. Свети Јован Богослов, дури во времето кога немало интернет и кога подигрувачите и незналците немале толкави можности да го шират своето влијание, сепак почувствувал потреба да ги предупреди Христијаните: проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот (1. Јован. 4,1). Бидејќи знаеме дека и тогаш во Црквата имало такви кои си земале за право да зборуваат нешто кое не се согласувало со апостолското учење.

Па така, мили мои, да ги отвориме денес нашите срца, за да ја разбереме пораката од Преображението на нашиот Спасител, Кој сите нè повикува кон тоа блаженство, кон светост, кон светлината незаодна. Апостолите се чувствувале толку убаво, што не сакале тоа чувство да заврши. Да се прилепуваме и ние кон Христа, да ги направиме нашите души палатки за Него, да просиме од Него, со смирение и благодарност, да ни се открива во овој живот преку Неговите несоздадени Божествени енергии. Преку нив ќе ги надминуваме и сите искушенија во животот, бидејќи животот е еден постојан крст, а крстот значи страдание, но истовремено значи и преображение и воскресение. Страданијата што мора да ги претрпуваме се лекот што ќе нè исцели и ќе нè прилепи до Христа, само доколку за сè во животот сме Му благодарни Нему, Кому Му прилега слава, власт, чест и поклонение, заедно со Отецот и со Светиот Дух.

Амин!

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *