Почетна Проповеди Илинденско послание на Архиепископот Стефан
Илинденско послание на Архиепископот Стефан

Илинденско послание на Архиепископот Стефан

446
1

† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
– ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА,
А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

 

Стојте така во слободата,
со која Христос нѐ ослободи,
и не се подавајте пак под ропски јарем!
А ако, пак, меѓу себе се гризете и јадете,
пазете да не се истребите еден со друг…

Возљубени празникољупци,
Секој ден е ден за благодарење, за фалење и за славење на Господа! Секој ден ни е даден од Бога за да празнуваме и да се радуваме! Но овој ден – празникот Илинден, е ден за особено семакедонско прославување, но и ден за таговна радост и радосна тага. Ние, Македонците, како ретко кој народ, торжествено го празнуваме славеникот и богоугодникот, чудотворецот и боговидецот – големиот пророк Илија. Тој потекнувал од местото Тесва, па затоа е наречен и Тесвитец. Живеел во 9. век пред Христа и делувал во Северното, односно во Израилското Царство, во времето на царевите Ахав и Охозиј. Поучувал, одејќи од место до место и, бранејќи го, укажувал на правилното богопочитување. Силно ревнувал за Бога, како што и неговото име на еврејски значи „Јахве е мој Бог“.
А пророците, како праведни и богољубиви, биле предвестители на Божјата волја и весници на Неговата љубов кон светот и кон човекот. Тие старозаветни богоугодници будно ја одржувале потребата од особена  близина на богоизбраниот народ со Бога, постојано потсетувајќи го на благодетите што ги добива кога ги слуша и ги исполнува пораките од небото. Но особено пророкувале и претскажувале за објавеното Божјо ветување за доаѓањето на Месијата и Спасителот на човечкиот род. Па така, кога се исполнило времето, Бог Го испратил Својот Единороден Син, како Богочовек, Кој ја благовестил Својата наука и го покажал патот на вистината што води до спасение. Пророкот Илија,  заедно со Енох, повторно ќе се јави како Христов претшественик, за да го подготви патот Господов при Неговото второ доаѓање. Оваа вистина за последните настани ја претскажал и пророкот Малахиј, најавувајќи: Ете, Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен ‒ големиот и страшниот, а ја потврдил и самиот Господ Исус Христос, со зборовите: Илија ќе дојде порано и ќе уреди сè.

Возљубени во Господа,
Свети Илија бил голем пророк. Неговата ревност за вистинската вера и неговата љубов кон Бога биле вдахновение за многумина негови современици, а подоцна и за секој христијанин и за секој свештенослужител. Со своето, пак, човекољубие, како и со родољубието и со молитвената грижа за спасение на народот, останал за пример како треба да ги сакаме луѓето.
Оној кој се стреми кон Царството Божјо, тој ќе ја сака и ќе се грижи и за овоземната Татковина, која, всушност, е времена и треба да ни биде патоказ кон Небесната. Токму и овој празник, преку личноста на светиот пророк Илија, ни укажува и ни дава поттик какви треба да бидеме и ние како христијански народ. Во новозаветните книги, на многу места е запишано за тоа како треба да живееме на земјата за да се удостоиме на небесно живеалиште. Како што земјоделецот не може да очекува добар род, доколку не се грижи за посеаното семе, и не го потхранува и не го полева, така е и со нас луѓето: само преку верата и добрите дела можеме да Му угодиме на Бога и да заслужиме награда во Небесното царство. И самиот Господ Исус Христос така го поучувал народот: Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие, зашто тоа е Законот и Пророците; и: Не секој што Ми вели: ’Господи, Господи‘, ќе влезе во Царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен. Затоа, секој човек кој се угледал на Христа, на Неговиот живот и делата, живеејќи по евангелските начела ‒ стекнал вечен живот. Тоа е највредното што можеме да го заслужиме овде на земјата, доколку ја исполнуваме Божјата волја, како што е речено: секој што ќе Го види Синот и поверува во Него ќе има живот вечен.

Возљубени потомци на славните илинденци,
Нашите постари, дедовци и прадедовци, од љубов кон родната македонска земја и од почит кон аманетите од претходните поколенија, станувале против освојувачите и против сите оние коишто посегнувале по најсветото, покрај верата – по слободата на родот и на Татковината. Илинден, денот на славното наше македонско востание, во себе ја чува токму таа тајна, преполна со љубов кон сè што е наше македонско. Затоа и ниедна прослава не е доволна за да ги открие сите надежи и стремежи, да ги изброи и сите жртви и жалости со кои е исполнет големиот ден на непокорот наш,  денот ‒ Илинден. Токму од тие причини тешко е да се опише она што се случило и се доживеало на Илинден 1903 година, туку може само да се претпостави. Како народ, тоа сеќавање го правиме катагодина, па еве, и по 118 години, потсетувајќи се на оној ден, и на храбрите илинденци и на сè што се случило тој ден, како и потоа: од Мечкин Камен и Крушево, па до сите краеви по македонската земја. И од тој незаборавен настан од 1903 година се роди и Илинден во 1944 година, кога со АСНОМ се возобнови македонската држава, која, конечно, се осамостои и како суверена во 1991 година. Затоа, тој славен Илинден од 1903 година никогаш и не престанал, туку продолжува да трае во душите на сите македонски поколенија: и досега, и сега и, да веруваме, во иднина, кај сите коишто го почитуваат и коишто живеат за сето она што се добило и со Првиот, и со Вториот, па и со Третиот Илинден.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Илинден е денот што го потврди нашето постоење низ вековите, но и за денес и за секогаш. Тој е ден за наше радување, но и ден за потсетување за потребата од постојано бранење на нашата посебност и на нашата македонска вистина. Иако е настан од минатото, Илинден бил и останува за сите времиња незаменлива инспирација за одбрана на сè што е наше македонско, зашто е ден – вкус на слободата и на македонскиот непокор. Но, еве, искушенијата за нашата македонска држава и за македонскиот народ, за жал, и денес не престануваат. Затоа треба да бидеме особено внимателни и сплотени, и да не дозволиме да отстапиме пред барањата на сите оние кои го негираат нашето постоење. Често се прашуваме: дали на претходните поколенија им беше потешко да се борат за македонското народно и духовно дело, или нам денес да го зачуваме она што тие го стекнаа со своите животи?

Милостивиот и правдољубивиот Бог, Кој секогаш, во потребните времиња, ни воздигнувал воини и водачи, војводи и комити, јунаци и борци, партизани и бранители, чии имиња се зачувани во македонското народно сеќавање, се надеваме дека и во ова време ќе ни помогне достоинствено да го одбраниме она што со крв и со жртви го стекнаа и ни го оставија нашите претшественици. Па, низ сета наша историја, се раѓале доблесни родољупци, идеолози и стратези, кои секогаш биле подготвени да ја бранат и да се жртвуваат за слободата на нашата родна грутка. Тие умееле да го поведат народот кон подобра иднина и да укажат дека сите искушенија и негирања не можат да нè сопрат. Всушност, тие, секогаш, па дури и денес ни помагаат уште повеќе да се утврдуваме во нашата вистина. Затоа сите наши буни, борби и востанија од минатото биле и остануваат вдахновувачки извори и за сегашново и за сите македонски поколенија ‒ да ја чуваме и да ја зачуваме слободата барем на овој дел од македонската земја, со сè што ни припаѓа како народ: и Црква, и идентитет, и историја, и јазик, и песна, и оро, и култура ‒ со сето наше духовно и народно минато, со што ќе можеме да ја зачуваме и сегашноста и иднината наша.
Слободата, и духовната и националната, е скапоцен дар. Затоа, не само што треба да ја браниме слободата, не потклекнувајќи пред намерите на оние кои сакаат да нè одродат и присвојат, туку треба и да знаеме и што и како со неа. Зашто ако во слободата не одиме напред и не се развиваме на секое поле, ако не создаваме и не се унапредуваме, ако не се усовршуваме и не се изградуваме, ако не се поправаме и не се грижиме, и за себе и за идните генерации, тогаш зошто ни е таквата слобода? Но тоа, како народ, најдобро ќе можеме да го оставруваме само со духовно и национално единство!
Човекољубивиот Господ, Дарителот на слободата, по молитвите на светиот пророк Илија, на светите Климент и Наум Охридски, и на сите светии, нека ни помагаат да биде така, меѓу Македонците и меѓу сите слободољубиви луѓе и народи, и овде во Татковината и насекаде по светот!
Нека ни е честит и вечен Илинден! Амин!

† СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква  – Охридска Архиепископија
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиско-новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и
администратор Австралиско-сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски

На Илинден, 2021-во лето Господово

 

Коментар(1)

  1. Za kakva sloboda zboruvas, koga sloboda ne sakas. Zosto MPC ja potturas pod Bugarska crkva objasni I’m na vernicite.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *