Почетна Политичка теологија Пендаровски ги повика верските заедници на борба против корупцијата
Пендаровски ги повика верските заедници на борба против корупцијата

Пендаровски ги повика верските заедници на борба против корупцијата

1.78K
0

Претседателот Стево Пендаровски на предновогодишен прием што го организира Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, ги повика верските лидери да помогнат во борбата против корупцијата. Пендаровски вели дека загрижува податокот дека „девет од десет граѓани се декларираат за верници, сепак, секој четврти граѓанин годинава учествувал во некаква коруптивна трансакција на пари, врски или влијание“.

Претседателот пред лидерите на верските заедници побара нивна проактивност за ова прашање, посочувајќи дека верските заедници и религиозните групи се дел од решението на овој горлив проблем.

-Во една секуларна држава, каква што е нашата, верските заедници ниту можат, ниту пак тоа е нивна задача, да ја санкционираат корупцијата, бидејќи тоа е работа на надлежните државни институции. Но, верските заедници можат да постигнат нешто многу поважно, а тоа е – апелирајќи на совеста и инсистирајќи на личниот интегритет, верските заедници можат да ги развиваат добрите навики во срцата на верниците. Со тоа, можат да создадат критична маса на духовно трансформирани поединци кои ќе го трансформираат духот на општеството и ќе ја направат корупцијата, барем за еден дел од верниците, неприфатлива, па дури и одбивна, вели Пендаровски.

Неодамна, Македонскиот центар за меѓународна соработка ги објави резултатите од истражувањето на јавното мислење, според кое, најголемиот проблем во државата е корупцијата

-Имајќи предвид дека македонското општество е високо религиозно, не треба да нè изненади тоа што за 84% од македонските граѓани главниот фактор за ширењето на корупцијата е длабоката морална криза во општеството. Меѓутоа, непријатно изненадува податокот дека наспроти фактот што девет од десет граѓани се декларираат за верници, сепак, секој четврти граѓанин годинава учествувал во некаква коруптивна трансакција на пари, врски или влијание. Прашањето за секој еден од нас е како да излеземе од агонијата на безнадежноста и како повторно да ја вратиме надежта во македонското општество, потенцира Претседателот.

Тој е убеден дека изминативе кризни години, верските заедници, црпејќи од безвременските учења на своите духовни прататковци, практикуваа конкретни чекори на солидарност преку хуманитарната помош за сиромашните, топлите оброци за гладните, негата за болните, грижата за бездомните и бегалците, борбата против неправдата и загадувањето.

-Секој чин на солидарност, во суштина значи спротивставување на структурните причини за сиромаштијата, нееднаквоста и неправдата. Тоа е слика за тоа какво може да ни биде општеството доколку добрината стане наша врвна вредност. Но, за да се видат резултатите, потребна е истрајност во истата насока. Бидејќи само оние што сеат семиња на добрина ќе жнеат плодови на доверба, а, услови за тоа, секако, постојат.

Прво, тука се верските права и слободи што им овозможуваат активна општествена улога на верниците и верските заедници. Неодамна, Извештајот на Европската комисија заклучи дека слободата на мисла, на совест и религија не само што се гарантирани во македонскиот устав, туку се спроведуваат и во практика.

Второ, тука е институционалната поддршка од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи која има незаменлива улога да помага во премостувањето на поделбите во општеството, да бара точки на поврзување и со тоа да ја негува културата на верска толеранција и почитување на религиозната различност.

Трето, тука е дијалогот, и тоа не само меѓу религиозните деноминации, туку и меѓу теистите, атеистите и агностиците. Дијалог кој подразбира конверзација, а не конверзија. Отвореноста на меѓурелигискиот дијалог не нè води нужно кон напуштање на сопствените и прифаќање на различни уверувања, туку, кон подготвеност истите да се разберат и почитуваат. Зошто е важно ова? Затоа што оние коишто имаат цврста увереност во својата сопствена вера, не се чувствуваат загрозени, туку збогатени од различните вери на другите, изјави Пендаровски.

-Наместо да се истоштуваме во идеолошките и културни војни, да се сплотиме во напорите да создадеме праведно и хумано општество со јасни морални вертикали. На тој начин не само што ќе ја надминеме агонијата и ќе ја ублажиме кризата, туку и ќе ја вратиме надежта под македонското небо, потенцира Претседателот.

Во говорот Претседаетлот на државата потенцира дека досегашната соработка меѓу верските заедници е добра, особено преку  Меѓурелигискиот совет, преку групата на пријателство помеѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Исламската верска заедница.

-Вие на најдобар начин го заштитувате соживотот од провокациите на недобронамерните поединци. Со тоа давате пример за целото македонско општество, како можеме да живееме заедно и покрај нашите разлики во верата и во убедувањата. Соживотот не се гради само со размена на куртоазни пораки и честитки, туку, пред се, низ лични релации и пријателства, вели Стево Пендаровски.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *