Почетна Проповеди Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите – туку за слава на Бога и спасение на нашиот богољубив народ!
Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите – туку за слава на Бога и спасение на нашиот богољубив народ!

Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите – туку за слава на Бога и спасение на нашиот богољубив народ!

1.30K
0

Нема поубав крај и подобро заокружување на едно торжество и на еден важен настан од духовната, црковната и националната историја – од тоа што го правиме вечерва, и со молитвата, и со оваа свечена академија и со утрешната Литургија.

Ова Лето Господово одбележувавме 50 години од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Со разни пригодни свечености, со  освети на новоизградени храмови и конаци, со издавање на пригодни монографии, со научни собири, со одбележување на спомени и јубилеи поврзани со овој голем спомен, се обидовме како Црква да се заблагодариме за жртвата на нашите предци, но и да оставиме завет дека ќе го чуваме нивниот аманет и дека никогаш нема да се откажеме од нашата домородна помесна Црква, од нејзиното опстојување и добробит, од нејзината автокефалност.

И, ете, прославата на оваа наша значајна годишнина од црковната и националната историја, ја заокружуваме, по промисла Божја, со вечерашниов настан – одбележувањето на споменот на патронот на нашата помесна Црква и неизгасливото светило на сето Православие – свети Климент Охридски. Оној кој се смета за почеток на нашата црковна историја, сега според календарот го ставаме и на крајот од присетувањето за таа црковна и духовна историја. И кога темелот е на добра почва, а нема подобра и поплодна земја од Евангелието, тогаш, иако засегнато од влијанието на светските невремиња, сепак, посеаното и  расте и се развива, и носи плодови.

Великиот Климент живеел цело илјадитие пред воопшто да станат актуелни и проблематични некои човечки потреби во Православието, но од плодовите на неговото работење на нивата Господова, нему, на големиот наш архиереј, најучениот човек од нашиот род, воопшто не му пречело да го восприема светот како објект на Божествената љубов, да го сее Христовото слово и во сето свое пастирско и свештенотаинско делување да зрачи со радоста од средбата со живиот Бог, радоста од пронаоѓањето на единственото што ни е потребно, единственото што не може да се одземе. Неговата внурнатост во Црквата е толку длабока што неговиот живот не е само живот во Црквата, туку е живот целосно предаден на Црквата, целосно изживеан за Црквата.

И така, се поставува прашањето: А што е Црквата? Доколку трагаме низ списите на светите отци, барајќи како одговор некаква дефиниција за Црквата, трудот ќе ни е залуден. Имено, ниту тие, ниту Вселенските или Помесните собори не ни даваат конкретна определба за суштината на Црквата, а официјална и општоприфатена дефиниција нема ниту до наши дни. Тоа е така бидејќи уште од зародишот на Црквата, првохристијаните чувствувале дека е излишно да се даваат формулации во кои ќе се говори за улогата на Црквата во светот, од едноставна причина што чувствувале дека Црквата нема мисија, туку Црквата е мисија, таа е онаа во која непрестајно се сведочи објавената вистинита за Троичниот Бог, и непрестајно се очекува векот кој ќе дојде. Верниот народ уште во првиот век на христијанството, имал живо и  егзистенцијално знаење за суштината на Црквата и поседувал вистински опит за нејзината таинствена реалност. Оттаму, христијаните немале потреба да го определуваат и да го затвораат во рамките на тесни дефиниции она што е очевидно и што се остварува преку конкретното христијанско заедништво во бедрото на Црквата. Затоа секогаш кога во едномислие сите сме собирани на едно место, за едно и исто дело, водени од есхатолошката перспектива на животот и светот – Го  прославуваме Бога и придонесуваме за остварување на Царството Небесно на земјата. Значи, смислата на Црквата ја познаваме исклучиво во нејзиниот литургиски и аскетски живот.

Несомнено, најчесто за објаснување на идентитетот на Црквата ни послужуваат зборовите на св. ап. Павле, кога вели дека „Црквата е Тело Христово“. Таа метафора, иако не е дефиниција, сепак успева да ни го насочи вниманието врз основните црти на христијанството. Во неа не станува збор за случајно избрано изразување, туку за кратко изложување на сржта на односот помеѓу Христос и верните кои ја сочинуваат Неговата Црква. Впрочем, апостолот Павле во сите свои писанија сака да истакне дека верните Му се подобни на Христа во сè, односно дека живеејќи во Него, ние се појавуваме заедно „со Него во слава“. А нашиот живот во Христа најмногу се остварува на најсветото и најснажно богослужение – светата Литургија, која започнува со возгласот „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух“, а потоа и завршува – впрочем како што завршуваат сите наши молитви – со призивањето на Светата Троица.

Суштината на Црквата не е да пренесе само социјални уверувања и идеали, ниту пак да ги подобри животните услови. Имено, иако Црквата сака социјална правда и мир на земјата – се моли за нив, и се обидува и самата да даде своја лепта во миротворењето и благотворењето. Но, сепак, нејзиното сведоштво, пред сè, се состои во објавувањето и подарувањето на начинот на живеење, на животот во Христа. Затоа, христијанинот е вистински Христов следбеник само и само доколку ѝ припаѓа на Црквата и доколку учествува во нејзиниот светотаинствен живот. Никој не може да го живее Царството небесно како самодоволен поединец, небаре е остров одвоен од копното, оти Црквата не постои за задоволување на индивидуалните „религиозни“ потреби на верникот, туку за соборно сведочење на благата вест.

Македонската православна црква, како дел од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, живее живот во кој се раководи од светотаинствениот карактер на Црквата и од есхатолошкиот поглед. Нашата помесна Црква верно пребива во чистотата на православната вера, онаа вера која светиот Климент ја прокламираше во своите слова и делотворно ја покажуваше во својот живот.

Возљубени,

Половина век можеби и не е толку долг период, гледано од призмата на историјата, но за нас како народ, кој досега во своето постоење бил и оспоруван и омаловажуван, и поробуван и угнетуван, е значаен период. Значаен е зашто во него се случија многу настани, многу радосни моменти – се изгради и се направи толку многу: и храмови, и манастири, се основаа и до ден денес работат и продуцираат кадри  и Средното богословско училиште и Богословскиот факултет, Светиот синод се погрижи, преку широко отворените врати на високообразовните институции на некои од Помесните православни цркви – да испрати и да го стипендира школувањето на многу надежни студенти, кои денес веќе се ставени или во иднина ќе бидат во служба на потребите на нашата Црква.

Во деведесеттите години беше возобновено монаштвото, а се активираше и добро функционира издавачката дејност. Но во овој 50 летен период имавме и големи искушенија: доживеавме мал раскол, кога еден од нашите епископи, мислејќи дека народот може да го спасува без народ, како и од лични лукративни и суетни причини, се оддели од Црквата што духовно го роди, што го повика и го издигна на високо место и се реши да стане наемник на туѓи интереси. Нема ништо добро и не може да биде успешно делото што е без љубов, нема успех таму каде што другиот, кој сака да биде на еднакво рамниште, не е прифатен како рамноправен, и со достоинство и со  интегритет. Исто така во овој период, особено од осамостојувањето на нашата држава – Република Македонија, Црквата честопати се случуваше да биде тема за која ќе се пишува, најчесто негативно. Во повеќето случаи самите ние дававме повод и причина, со својата недоволна транспарентност, отвореност и неумеењето со јавноста остававме работите едноставно да си течат, но стои оценката дека некој како со нетрпение да чека да напише и каже нешто негативно за Црквата, а и тоа дека Црквата е добра тема за тргнување на вниманието на јавноста. Многумина се именуваат дури и за црковни аналитичари, иако ни в црква влегле, ниту, пак, нудат поприфатливи предлози од тие на Синодот. Медиумите се потребни, но само со нив и само преку нив не се решаваат прашања од национален, државен или црковен карактер.

За нашиот верен народ и за нашата независна држава, сè уште останува еден од проблемите – тоа што Македонската православна црква е неприфатена во сеправославното семејство, за жал, од политички причини. Па, Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите – туку за слава на Бога и спасение на нашиот богољубив народ! Само така и единствено на тој начин треба да се сфатат последните, актуелни напори на Светиот архиерејски синод во решавањето на овој нелогичен и нецрковен проблем, поврзан со статусот на нашата Црква. Покажаната иницијатива е во духот на љубовта кон својот род и сето православие. Кој се обидува да ги решава проблемите на својот народ, тој покажува и преданост, и почит и дело на родољубивост! Ние мора да сфатиме дека работите треба да се решаваат низ дијалог, во кој ќе ги штитиме своите интереси и потреби, наоѓајќи ги најприфатливите за нас решенија. Нека запамети историјата дека ние си ја сакаме Црквата и дека сме се обиделе да се погрижиме за неа, на што и сме повикани и за што сме дале завет. Пред секого и насекаде сме го истакнувале и бранеле автокефалниот статус и името Македонска православна црква – Охридска архиепископија. За тие вистини не отстапуваме и нема да отстапиме никогаш и пред никого.

Аманетите од предците и на сите кои живееја за црковната и националната вистина, никој и никогаш не смее да ги погази. Затоа, не прифаќаме и не треба да прифатиме, и за Црквата и за Татковината, нешто со кое ќе изгубиме од тоа што сме и сме биле.  А, како и секогаш, историјата ќе ни суди и пресуди секому – за  сите наши постапки!

Возљубени,

Да продолжиме уште поусрдно да си поддаваме поддршка и помош, да не бидеме одмаздољубиви туку да си проштеваме едни на други, да се поучуваме едни со други во љубов и добрина, за и ние да оставиме пример достоен за следење, оти само преку добротољубно сведочење на верата во Живиот Бог, вистински ќе се удостоиме да се наречеме Христови следбеници и продолжители на Павловото, Кирило-Методиевото и Клименто-Наумовото дело. И доколку го сториме тоа, тогаш ќе можеме да воскликнеме заедно со светите отци: „Блажена си ти Цркво на верните, оти Царот на Царевите те утврдил во Своето живеалиште. Твоите темели никогаш нема да се затресат, оти Господ е твој чувар, и вратите на адот нема да те надвладеат!“.

Свети Клименте, Христов следбенику и наш сенароден предводнику, моли Го Бога за нас. Амин!

Пишува: г.г Стефан- Архиепископ Охридски и Македонски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *