Почетна Коментар Кога меѓуцрковниот дијалог излегува надвор од суштината на црквата
Кога меѓуцрковниот дијалог излегува надвор од суштината на црквата

Кога меѓуцрковниот дијалог излегува надвор од суштината на црквата

221
0

Потрагата по духовно единство е можеби најважниот и најдолгиот пат во животот на секој еден народ и на секој еден поединец. Сведоци сме дека денес повторно се реактуелизираат прашањата  за меѓуцрковен дијалог. Но, границите до каде можат да одат односите со другите цркви и општењето со различните свештени чинови секоја црква ги регулира во рамките на своите црковно-правни норми.

Често се случува меѓуцрковниот дијалог да излезе надвор од овие норми и да добие политички димензии со тенденција да ги придобие широките народни маси. Тоа ја отвора можноста да се придобијат нови верници, и под изговорот за дијалог повторно да се освојат оние општествени, политички и културни простори кои црквата порано ги имала. Но, во суштина, уште со самата победа на смртта на крстот Исус Христос го повикал светот на општо помирување и единство.

Исус Христос рекол: „Ете, на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат!“ Тој повикува да бидеме цврсти и единствени во нашето сведочење за Бога, без оглед на нашите разлики и различности. Исус Христос знаел за поделбите што ќе настанат по Него и затоа ја изговорил светата молитва: „ Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си ми ги дал-за да бидат едно, како што сме и ние (Јов. 17, 11). За жал оваа молитва до ден денешен не е услишена.

За да се разбере меѓуцрковниот дијалог како средство за остварување на меѓуцрковно единство, потребно е претходно да се разберат суштинските верско-филозофски и догматски спорови на црквата кои довеле до поделба на тоа единство.

Најголемата историска шизма се случила во 1054 година, кога христијанството ја доживеало најголемата поделба на источно и западно. Вселенските (екуменски) собори не успеале да дадат одговор на прашањето за мистеријата на Светата Троица и на природата на Богочовекот Исус Христос. Бог е во својата суштина еден, прост, едноставен, а во себе содржи троичност на лицата Отец, Син и Свети Дух. Ова е проблематично да се разбере од аспект на разумот, но не и од аспект на срцето. Иако Бог има три лица, тој е еден. Неговото единство не е предмет на мудрување или апстракција, туку на мистично доживување. Личниот, непосреден однос со Бога преку мистичното доживување е она што го одвојува православниот од западниот (католички) верник. Мистиката на молитвата и филозофијата на срцето се главните белези на православното христијанство- воедно и суштина на единствената Света Апостолска и Соборна Христова црква.

Десакрализацијата на Христовото Тело кое е крвта и животот на верникот се провлекувала низ сите векови и трае до ден денес. Шизмите секогаш настанувале кога простата вистина излегувала надвор од срцето. Приматот на тоа кој е прв, а кој последен и денес се актуелни и често нивното решавање имаат политичка заднина. Во таа борба, гласот на вистината може да се чуе само во моментот кога стивнуваат аргументите на разумот. За жал, сите ние денес го прифативме западниот концепт на разумот. Колку и да изгледа вистинската вредност на човековиот живот технолошки супериорна и научна, таа не може да се подреди на мистиката на срцето, на основните темели на православното христијанство.

Меѓуцрковниот дијалог по правило треба да ги обедини сите засегнати страни, на начин што ќе ги направи потолерантни еден кон друг. Но, методот е погрешен. Потребата за толеранција меѓу сестринските цркви е спротивна на духот на христијанското учење за љубовта. Изразот верска толеранција наместо на единство, става граница на издржливост или трпење на една црква од друга. Најчесто помалата е таа која бара толеранција од поголемата. Ова ја исклучува идејата за христијанска љубов и единство, и како поим е сосема спротивен на христијанскиот поим на љубовта.

Православието како духовно учење е насочено кон квалитетот на душата на верникот за која Христос пострадал на крстот, за да се спаси. Црквата по својот Вселенски карактер не е ограничена на ниту едно место, време или народност, а во себе ги содржи сите времиња, места и народности.Тука нема место за дијалог. Или поправки на светските случувања. Доволна е очигледната вистина на срцето.

Секој вистински христијанин знае дека молитвата упатена за единство во целиот свет е пред се молитва за негово лично единство. Ако нема единство во светот, ќе нема единство во неговото срце. Затоа, секојдневно во сите литургиски богослуженија се чита молитвата: „…за добра состојба на светите Божји цркви и нивното соединување, да се помолиме на Господа“.

Според тоа, ниту една црква која не е помирена со себеси и со вистината на православието како живо сведоштво кое сите сили не ги сосредоточува за спасение на човекот, не може да води дијалог за помирување. Од причина што ниту едно световно единство не може да се оствари без верата во единството на Бога. „Тоа што ќе сврзете на земјата, ќе остане сврзано и на небото“, рекол Спасителот Исус Христос.

Сите проблеми треба да се решаваат во духот на православната, „филигрантска“ логика на љубовта. Токму длабоката тихувателната молитва е таа што успеала да ги победи и преживее сите византиски императори, турски султани, балкански освојувачи и сегашни модерни форми на ропства.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *