Почетна Анализа Изучувањето на верското образование (веронаука) во наставата во државните основни училишта е еден од поголемите камења на сопнување во нашата најнова историја
Изучувањето на верското образование (веронаука) во наставата во државните основни училишта е еден од поголемите камења на сопнување во нашата најнова историја

Изучувањето на верското образование (веронаука) во наставата во државните основни училишта е еден од поголемите камења на сопнување во нашата најнова историја

255
0

На 12. мај 2021 година во организација на фондацијата Конрад Аденауер и во соработка со Асоцијацијата на професори по етика во религиите, беше одржана дискусија на тема „Религијата во Образованието – Зошто е важно?“.

Учестваа триесетина учесници, професори по предметот Етика во религиите и беше добра можност да се слушнат нивните ставови околу придобивките од верското образование и статусот на самиот предмет во пресрет на најавените реформи во образованието.

Во продолжение дел од обраќањата на учесниците.

Основата на регулирање на односот на РМ кон прашањето на верското образование во основните училишта се поставува со членот 44 од Уставот на РМ според кој основното образование е задолжително и е бесплатно, како и членот 45 според кој граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование при што на овие уставни одредби се надоврзуваат законите за основно образование што беа усвојувани низ годините.

Од стекнувањето на независноста на РМ до денес, правното регулирање на ова прашање е проследено со правна неизвесност, која резултира со повеќе обиди за воведување на веронауката при што, хронолошки гледано се диференцираат 5 периоди:

  • Првиот период трае од 1991 година до 2002 година, во кој веронауката не се изучува во основното образование;
  • Вториот период е од 2002 година до 2003 година во кој веронауката се изучува во основното образование;
  • Третиот период е од 2003 година до 2008 година, кога веронауката повторно не се изучува во основното образование;
  • Четвртиот период трае од 2008 до 2009 година, кога по втор пат се воведува изучувањето на веронауката и
  • Петтиот период е од 2009 година, кога веронауката не се се изучува, но сепак се воведува одредена форма на религиско образование.

Основата на првиот период во однос на ова прашање се поставува со донесувањето на првиот Закон за основно образование во 1995 година.  Со него, во членот 13 експлицитно се предвидуваат две забрани во основните училишта:

  • Прво, забрана за верско и политичко организирање, како и
  • Второ, забрана за изведување на верско образование.

Ваквата состојба трае се до 2002 година, кога Министерот за образование со подзаконски акт го воведува изучувањето на предметот верско образование во трето одделение во основното образование како факултативен предмет со што започнува вториот период.

Една година по донесувањето на подзаконскиот акт, во ноември 2003 година, Уставниот суд на РМ донесува одлука за укинување на Решението на Министерот за образование со што започнува третиот период кога веронауката повторно не се изучува во основното образование.

Анализата на одлуката, упатува на најмалку 3 правни толкувања:

  • Прво, државата не може на граѓаните да им наметне верско дејствување во било каков вид и форма;
  • Второ, државата мора да ја задржи неутралноста, како и
  • Трето, сите наведени делувања во правец на верско определување или само запознавање со религијата на било која религиозна група преку изучување на верските книги, граѓанинот има можност да ги реализира во рамките на верските заедници и религиозни групи и надвор од нив, но не и во рамките на државните органи или државните училишта како јавни институции.

Во контекст на одлуката на Уставниот суд, во 2008 година законодавната власт усвојува нов закон за основното образование, со кој, меѓу другото, во членот 26 се предвидува дека во основното училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет при што, во преодните и завршните одредби се предвидува дека членот 26 ќе почне да се применува од 1 септември 2008 година, односно од почетокот на учебната година. Така започнува четвртиот период. За разлика од претходното воведување на веронауката, овој пат, тоа се прави не со подзаконски акт, туку со Закон.

Петтиот период започнува во април 2009 година, кога Уставниот суд на РМ, расправајќи по иницијатива на политичка партија поведува постапка за оценување на уставноста на членот 26 од Законот за основно образование, која завршува со донесување на Одлука со која се укинува членот 26 односно се забранува повторно изучувањето на веронауката во основото образование.

На темелот на споменатото, врз основа на изнесеното, низ призма на ставовите на Уставниот суд може да се заклучи дека државата, како секуларна односно неутрална во образованието не смее да презема обврски кои се во надлежност на верските заедници и религиозните групи. Тоа значи дека изучување на конкретни аспекти на една вероисповед е надлежност на верските заедници и религиозните групи. Од друга страна, пак, тоа не значи дека државата нема право да воведе во основното образование предмет, кој од секуларен (неутрален) аспект би се занимавал со прашањето на религиите. Тргнувајќи од овој факт, беше воведен како изборен, предметот етика на религиите за учениците од петто одделение, кој од секуларна гледна точка ги изучува моралните апскети на признаените вероисповести со Уставот на РМ.

Како што видовме, во најновата историја, клатното на секуларноста во областа на верското образование во јавниот образовен систем постојано се поместуваше. Сепак, се чини дека беше постигнат одреден баланс со тоа што државата излезе во пресрет на потребите на граѓаните за изучување на религиите во основното образование, но на начин на кој не се загрозува уставно-утврдениот концепт на одвоеност на државата од верските организации.

Меѓутоа, 12 години подоцна, повторно се случуваат бранувања кои ги вадат на површина старите расправи.

Тоа е и причината за организирање на оваа виртуелна расправа која, со оглед на гостите, убеден сум дека ќе донесе нов квалитет.

Пишува: Александар Спасеновски – Професор на Праввниот факултет  Јустинијан Први

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *