Со одлука на Црковниот суд на Белградско-карловачката архиепископија, од црковната заедница на Српската православна црква трајно се исклучени Благојe Пантелиќ и Вукашин Милиќевиќ. Оваа пресуда значи дека, на пример, по нивната смрт нивните семејства нема да можат да ги погребаат според православните обичаи. И двајцата се верници, а Милиќевиќ до одлуката од 29 јануари беше и свештеник.
„Многу сум почестен од високото признание што ми го укажа Црковниот суд на Белградско-карловачката архиепископија со својата одлука, како и неговиот претседател, српскиот патријарх Порфириј“, изјави Милиќевиќ за неделникот „Време“.
„Ветувам дека и понатаму ќе се трудам да го оправдам довербата што ми ја укажаа со оваа одлука и дека и натаму, каде и кога и да ми се укаже можност, ќе продолжам да го разобличувам и укажувам на лицемерието на актуелниот врв на Српската православна црква, нивните ереси и срамни постапки со кои ѝ нанеле и ѝ нанесуваат неизмерна штета на Црквата, која, во соработка со мафијашкиот режим, целосно ја узурпирале и ја подредиле да му служи на неговите злосторнички и воено-поттикнувачки цели.“
Теологот Благојe Пантелиќ на социјалните мрежи напиша дека сигурно ќе поднесе жалба до повисока црковна инстанца.
Вера или политика: за што „згрешиле“?
Српската православна црква минатото лето покрена постапка против Пантелиќ и Милиќевиќ, иако не беше целосно јасно поради што. Се претпоставува дека Црквата сакала да ги казни поради нивните јавни настапи и ставовите за поврзаноста на Црквата со режимот на Александар Вучиќ. Кон крајот на ноември, Пантелиќ добил допис во кој обвинителот на Црковниот суд на Белградско-карловачката архиепископија бара казна за него.
„Тоа е трајна екскомуникација. Или, како што би рекол патријархот: анатема“, објасни Пантелиќ летоска. „Ако патријархот така пресуди, тогаш, на пример, кога ќе умрам, моето семејство нема да може да ме погреба според православните обичаи, односно свештеник нема да смее да ми служи опело.“
Теологот Вукашин Милиќевиќ, по изјавата што ја даде во текот на летото 2025 година, изјави дека нема да има вистинско судење пред Црковниот суд, туку дека сè е претстава, како и дека Српската православна црква најверојатно ќе оди кон тоа формално да го лиши од свештеничкиот чин, а потоа и да го исклучи од црковната заедница.
Стигла је Пресуда Црквеног суда АЕМ…
Како ли ми је патријарх Порфирије пресудио? pic.twitter.com/PWkMR68OJ2— Blagoje Pantelic (@blagojepantelic) January 31, 2026
По сослушувањето пред Црковниот суд, Милиќевиќ изјави дека стои зад секој збор што јавно го изговорил, со најдобра намера да се зачува она што останало од угледот на Српската православна црква.
„Единствениот начин да ги променам своите ставови е да бидам соочен со аргументи, а додека не ги видам – нема промена на ставовите. Не стануваше збор за кривични дела, туку цитираа изјави и ме прашуваа дали стојам зад нив и дали знам што сум прекршил. Не сум го прекршил Евангелскиот закон, туку со јавните настапи се залагав за вредности што се содржани во него. Би можел да докажам дека оние против кои јавно говорев, го претвориле Евангелието во предмет на потсмев“, изјави Милиќевиќ.
Целиот процес и работата на Црковниот суд беа проследени и со низа нелогичности. Митрополитот Пахомиј во обвинението против теологот Благојe Пантелиќ сведочел дека со него не комуницирал 22 години, иако во меѓувреме лично му доделил стипендија, изјави Пантелиќ претходно за „Време“.

