Гробот на Свети Наум е лекувалиште на секоја христијанска душа

Date:

Share post:

Митрополит г. Тимотеј, Вечерна на преп. Наум Охридски / Манастир „Св. Наум Охридски”

Вечерва, нашата света Црква прославува еден од Божјите угодници, преподобниот Наум, Охридскиот Чудотворец. Преку прославувањето на Божјите угодници светата Црква има за цел да нè поучи. На светиите не треба само да им се восхитуваме и да ги почитуваме, туку, пред сè, да ги поддржуваме. Односно, да одиме по оној пат по кој оделе тие. Да водиме таков живот, каков што живееле тие.

И секој еден светител имал свој сопствен пат. Но, Бог, уште во Стариот завет му кажал на Еврејскиот народ: „Бидете свети, затоа што сум свет, Јас Господ, вашиот Бог” (Левит 19, 2). Затоа во светата Црква постојат повеќе видови на светии. Едни се прославуваат како светители, други како преподобни, трети како маченици, пустиножители и други. Сите оделе по различен пат, но имале една цел, а тоа е уподобување на Бога и остварување на светоста. Секој човек е создаден и повикан да ја оствари таа можност, бидејќи е создаден според образот и подобието Божјо, а неговата душа тежнее да се соедини со својот Создател и Промислител.

1Додека, пак, телото, коешто е храм на душата, тежнее, често пати, бивајќи создадено од земја, кон земните работи. Затоа постои дуализмот кај секој човек, или со други зборови, постојана борба помеѓу душата и телото. Божјите угодници, пак, се тие кои $ дале предност на душата, а преку тоа и на Бога. Со нивниот живот, преку молитва, пост и подвизи, се издигнувале кон небесните височини и го исполнувале повикот Божји: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен” (Мт. 5, 16).

2Св. Наум, кој е еден од учениците на светите браќа Кирил и Методиј, имал долг и трнлив пат. Тој, заедно со неговиот сотрудник св. Климент, ќе ги следат светите браќа во Моравската мисија каде ќе го проповедаат словото Божјо на словенски јазик. Заради оваа просветителска дејност ќе бидат обвинети дека проповедаат на недозволен јазик и затоа ќе претрпат страдања, малтретирања и прогон. Ќе бидат протерани од Моравија, а засолниште ќе најдат кај царот Борис во Плиска. Но, таму ќе претрпат друго шиканирање, во Моравија од латинското свештенство а во Плиска од грчкото. Најпосле ќе дојдат во овие наши простори каде што непречено ќе го словат словото Божјо на разбирлив мајчин словенски јазик.

3Ќе преведат богослужбени книги, ќе основаат училиште, а св. Наум, подобно на својот собрат св. Климент, ќе го основа овој манастир посветен на светите Архангели. Тука ќе се подвизува, ќе учи, ќе го утврдува стадото Христово во православната вера, живеејќи свет испоснички монашки живот. Заради неговиот подвиг и свет живот, Бог богато ќе ја излие Својата благодат врз него. Уште додека е телесно жив, со силата Божја, ќе лекува најразлични болести, ќе изгонува нечисти духови, а особено Божјата благодат се излива над свети Наум по неговото преселувањето од овој времен живот во вечноста.

Неговиот свет гроб е лекувалиште на секоја христијанска душа која со вера и надеж му се обраќа за помош, за утврдување на верата и исполнување на законот Божји.

Свети Наум со неговите молитви им помага на сите луѓе. Тој од нив бара само цврсто и непоколебливо верување дека Бог е Милостив и подготвен на секоја душа да и помогне која нема сомнеж ни дилеми дека Бог е Семоќен и дека сака сите луѓе да се спасат и да спечалат вечен и блажен живот.

И ние вечерва, наоѓајќи се во неговиот свет манастир, да се обратиме со искрена молитва кон св. Наум, Охридскиот Чудотворец.

Нека измоли милост Божја над сите нас кои го чествуваме и прославуваме неговиот свет спомен. Да ни ја умножи љубовта и да ни ја утврди верата. Па да ја сведочиме верата православна на секое место и во секое време прославувајќи Го Семилостивиот Троичен Бог сега и во сета вечност.

Амин!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img