Насилната интернет-заедница користи социјални мрежи, апликации за комуникација и онлајн-игри за да воспостави контакт со малолетници, а потоа преку уцени и закани ги вовлекува во опасни активности.
Министерството за внатрешни работи упати предупредување до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност за опасноста од онлајн-групата „764“, насилна интернет-заедница чии членови таргетираат деца, малолетници и други ранливи лица, со цел нивно манипулирање, заплашување и принудување на опасни и насилни дејствија.
Од МВР посочуваат дека за сериозноста на оваа појава предупредуваат и меѓународните безбедносни институции, меѓу кои и американското Федерално истражно биро (ФБИ), кое групата „764“ ја поврзува со пошироки нихилистички насилни екстремистички заедници и сродни групи.
Според информациите на Министерството, членовите на оваа мрежа воспоставуваат контакт со децата преку социјалните мрежи, апликациите за комуникација и платформите за онлајн-игри, меѓу кои Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat, Reddit, X, Minecraft и Fortnite.
Најчесто се претставуваат како врсници или како лица заинтересирани за пријателски и емотивни односи. Откако ќе ја стекнат довербата на децата, започнуваат со манипулации, закани и уцени, барајќи од нив да испраќаат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија со животозагрозувачки последици.
Материјалите што ги добиваат ги користат како средство за дополнително заплашување, уценување и воспоставување контрола врз жртвите.
МВР апелира родителите да обрнат внимание на промените во однесувањето на децата, особено на повлекувањето во себе, стравот, вознемиреноста и раздразливоста, зголемената таинственост при користењето на телефоните и компјутерите, како и интензивната комуникација со непознати лица преку интернет.
Како можни предупредувачки знаци се наведуваат и заканувачки пораки, уцени, барања за испраќање фотографии и видеоснимки, необјаснети повреди, исеченици и гребнатини, како и изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство.
Од Министерството нагласуваат дека овие промени сами по себе не значат дека детето е жртва на ваква група, но не треба да бидат игнорирани.
Родителите се повикани редовно да разговараат со децата за нивните активности на интернет, да покажуваат интерес за тоа со кого комуницираат и какви содржини следат, како и да ги едуцираат за ризиците од споделување лични податоци, лозинки и интимни фотографии со непознати лица.
Особено важно е децата да знаат дека доколку некој ги уценува, заплашува или манипулира со нив, треба веднаш да побараат помош од родителите, старателите, наставниците или надлежните институции и дека не треба да се чувствуваат виновни или да се плашат да пријават.
МВР повикува секој сомнеж или сознание за активности поврзани со групата „764“ и слични насилни онлајн-заедници да се пријави до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството, на електронската адреса cybercrime@moi.gov.mk.

