Митрополитот Георгиј и епископот Климент се во Москва, каде што на свечената литургија присутни се и поглаварите на Антиохиската, Ерусалимската, Српската и Православната црква на Чешка и на Словачка. Двајцата архијереи на МПЦ-ОА сослужуваат со Рускиот патријарх и со претставниците на останатите помесни православни цркви присутни во Москва
Свечената литургија ја предводи патријархот Кирил во храмот „Христос Спасител“, а почна во 9:30 часот по московско време.
Според информациите што ги пренесува руската агенција Интерфакс, на богослужението сослужуваат поглаварите на Ерусалимската православна црква, патријархот Теофил III, Српската православна црква, патријархот Порфириј, Антиохиската православна црква, патријархот Јован X, како и митрополитот Ростислав, поглавар на Православната црква на Чешките земји и Словачка.
На свеченостите се најавени и претставници на Грузиската, Бугарската, Албанската и Македонската православна црква, како и на Православната црква во Америка.
Патријархот Кирил е роден на 20 ноември 1946 година во Ленинград. За поглавар на Руската православна црква беше избран во 2009 година, а денеска одбележува осум децении од животот.
Преносот од литургијата можете да го следите во живо.

