Архиепископот Охридски и македонски Стефан упати писмо со сочувство до бугарскиот патријарх Даниил по тешките сообраќајни несреќи што се случија на 10 ноември на автопатот „Тракија“ во Бугарија, во кои загинаа 12 лица, а повеќе десетици беа повредени.
Во писмото, архиепископот Стефан наведува дека сочувството го упатува во свое име, во име на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, свештенството, монаштвото и православниот македонски народ.
„Споделувајќи ја тагата на сестринската Бугарска црква и на бугарскиот братски народ, се молиме за настраданите, та Милостивиот Бог нивните души да ги насели во места светли, места цветни, лишени од секаква тага, болка и воздишка“, се наведува во писмото.
За повредените, архиепископот Стефан посакува целосно и брзо закрепнување, а на нивните семејства им упатува молитви за утеха и духовна сила.
Сочувството е упатено до бугарскиот патријарх Даниил, семејствата на загинатите и сите погодени од трагедијата.

