Руско гранатирање ја оштети православната црква „Воскресение Христово“ во украинскиот град Словјанск, во Донецката област. Станува збор за најстарата црковна градба во градот, која има значајно место во неговото историско и духовно наследство.
За оштетувањата на 4 ноември информираше Информативно-просветниот оддел на Украинската православна црква (УПЦ), наведувајќи дека во храмот се искршени прозорците, а внатрешноста е прекриена со остатоци од оштетените делови.
Од ударот паднал и полилеј врз престолот, додека оштетувања претрпеле и црковните фрески и фасадата на објектот.
Според информациите објавени од УПЦ, првата дрвена црква на ова место била изградена во 1775 година. Во XIX век на нејзино место бил подигнат камен храм, посветен на Христовото Воскресение.
Засега во објавените информации не е наведено кога точно се случил нападот, ниту дали има повредени во самата црковна заедница.
Оштетувањето на храмот во Словјанск е уште еден случај на страдање на верски објекти во руската војна против Украина. Нападите врз цркви и други верски објекти предизвикуваат загриженост не само поради материјалната штета, туку и поради уништувањето на историското и духовното наследство на локалните заедници.
Иако војната во Украина се води веќе повеќе од четири години, верските објекти и црковните заедници продолжуваат да бидат изложени на опасност од воените дејствија.

