Православните архиереи од Белгија, Холандија и Луксембург ја потврдија поддршката за украинскиот народ и остро ги осудија нападите врз христијаните во различни делови на светот. Ова се дел од заклучоците од 33. заседание на Православното епископско собрание на Бенелукс, одржано на 4 ноември во Брисел.
Собранието заседавало во седиштето на Белгиската митрополија, под претседателство на митрополитот Атинагора од Вселенската патријаршија. На состанокот учествувале претставници на Антиохиската, Московската, Романската и Грузиската патријаршија, како и архиереи од Белгиската митрополија.
Во соопштението по средбата, архиереите најостро го осудиле смртоносниот напад врз православен храм во Јордан, како и прогонството на христијаните во Либан, Сирија и во други делови на светот.
Посебно ја потврдиле и поддршката за украинскиот народ, повикувајќи се на отвореното писмо што претходно го објавиле христијанските цркви во Белгија.
Оваа порака доаѓа во време кога војната во Украина и положбата на христијанските заедници во регионите погодени од конфликти остануваат важни теми во меѓуцрковните односи и во европските институции.
На заседанието биле разгледани и прашања поврзани со православниот црковен живот во трите земји. Архиереите го поздравиле официјалното признавање на Православната мисионерска управа во Холандија, а разговарале и за средбата на белгискиот крал Филип со верските лидери во земјата.
Во фокусот биле и состојбите во православните теолошки институти во Белгија и Холандија, нивната меѓусебна соработка и образовните активности.
Православното епископско собрание на Бенелукс ги обединува претставниците на православните цркви во Белгија, Холандија и Луксембург. Неговата улога е да овозможи координација на православното присуство во овие земји и заедничко разгледување на прашањата од црковниот и општествениот живот.

