СПЦ заглави со Алта банка – црковните сметки кај Мацура биле само дел од заедничкте бизнис проекти

Date:

Share post:

Српската православна црква имала сметки во Алта, банката на српскиот бизнисмен Давор Мацура, која по одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа заврши во стечај. Финансиската поврзаност не е единствената врска меѓу СПЦ и бизнис-структурата на Мацура. Во 2022 година, негова компанија и Црквата договориле заеднички градежен проект на Нови Белград, вреден десетици милиони евра.

Според податоците што ги објавија Радио Слободна Европа и црногорскиот портал „Антена М“, СПЦ имала сметки во оваа банка, и тоа преку две свои институции – Патријаршискиот управен одбор и храмот „Свети Сава“ во Белград.

Според податоците од јавно достапните регистри на кои се повикува „Антена М“, сметката на храмот „Свети Сава“ била отворена на 14 септември 2020 година, додека сметката на Патријаршискиот управен одбор била отворена на 1 јули 2026 година.

Особено е значајно што Патријаршискиот управен одбор, со кој претседава патријархот Порфириј, е највисокото извршно, управно и надзорно тело на СПЦ во областа на црковното управување. Во неговите надлежности спаѓаат и управувањето со црковните финансии, фондови имот и наследство.

Радио Слободна Европа, во истражувањето објавено на 3 ноември, потврдува дека СПЦ се наоѓала на списокот на клиенти на Алта Банка, заедно со повеќе од 40 јавни претпријатија и десетици компании во државна сопственост. Засега не е објавено колкави средства имала Црквата во банката во моментот кога таа западнала во финансиски проблеми.

Дополнителна димензија на финансиската поврзаност открива истражувањето на белградскиот неделник „Време“ од 4 ноември.

Според документите до кои дошол неделникот, српската Влада одобрила 763,1 милиони динари, односно околу 6,5 милиони евра, за потребите на СПЦ, врз основа на договор потпишан на Видовден оваа година од патријархот Порфириј и премиерот Ѓуро Мацут.

Од одобрените средства, 234,8 милиони динари веднаш биле исплатени на Црквата, додека остатокот требало да биде исплатен до крајот на ноември.

Она што го прави случајот особено значаен е податокот дека парите биле уплатени на една од сметките на СПЦ во оваа банка.

„Време“ отвора и прашања за сомневања дека дел од готовината била изнесена од Србија и предадена на партнери во Москва.

Давор Мацура и деловната врска со СПЦ

Алта Банка е дел од деловната структура Алта, чиј сопственик е српскиот бизнисмен Давор Мацура. Според податоците на Народната банка на Србија, Алта Груп е единствен сопственик на банката, со 100 проценти од акциите. Во финансиските документи на групацијата Мацура е наведен како нејзин единствен сопственик.

Но, финансиската поврзаност преку банката не е единствената врска меѓу бизнисменот и Српската православна црква.

Во декември 2022 година, на Нови Белград беше претставен урбанистички проект за изградба на голем станбено-деловен комплекс во Блок 67а, кој требало да вклучува и православен храм посветен на Благовештение.

Инвеститор на проектот била компанијата Алта Холдниг, која според податоците од деловниот регистар е во целосна сопственост на Давор Мацура. Во урбанистичкиот проект експлицитно се наведува дека изградбата на верскиот објект произлегува од меѓусебен договор меѓу Алта Холдинг и Српската православна црква.

Комплексот бил планиран на површина од околу 15.225 квадратни метри, со осум станбено-деловни ламели, 358 станови, деловни простории и подземна гаража со 802 паркинг-места. Во рамките на комплексот требало да биде изграден и храмот „Благовештение“.

Проектот го изработило архитектонското биро ЗАП, а Алта Холдинг била наведена како клиент и инвеститор.

Српскиот неделник „НИН“, во истражувањето објавено во септември 2023 година под наслов „Свето брдо или училиште“, ја проблематизираше промената на урбанистичкото решение за оваа локација. Според истражувањето, на просторот првично биле предвидени јавни содржини, меѓу кои училиште, градинка и игралиште, но измените на планот овозможиле изградба на станбено-деловен и верски комплекс.

„НИН“ посочува и дека соседната парцела била во сопственост на СПЦ, а ја отвора и дилемата за начинот на кој црковното земјиште било вклучено во проектот со приватниот инвеститор.

На официјалната страница на архитектонското биро ЗАП, проектот и во објавената документација е означен со статус „изработка во тек“. Нема потврда дека комплексот е реализиран.

Кризата во Алта Банка ескалираше на крајот на октомври и почетокот на ноември. На 31 октомври Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа, наведувајќи дека финансиската состојба и ликвидноста на банката значително се влошиле и дека биле загрозени интересите на депонентите.

На 2 ноември, по налог на Обвинителството за организиран криминал, беше приведен сопственикот Давор Мацура, заедно со двајца вработени во банката.

Според соопштението на обвинителството, постојат основи на сомнение дека Мацура, со помош на вработените во трезорот, неовластено изнесувал готовина од банкарскиот трезор и на тој начин прибавил противправна имотна корист од околу 45,5 милијарди динари. Станува збор за сомневања во постапка, а не за правосилно утврдена вина.

На 3 ноември беше отворена стечајна постапка, а за стечаен управник е назначена Агенцијата за осигурување на депозити.

Фактот дека СПЦ имала сметки во банката, дека дел од средствата од државната помош за Црквата биле уплатени токму таму, како и претходниот договор за градежен проект со компанијата на истиот бизнисмен, отвораат сериозни прашања за обемот на финансиските и деловните односи меѓу црковните структури и деловната империја на Давор Мацура.

Засега не е познато колкави средства на СПЦ останале во Алта Банка, ниту какви последици ќе има стечајот врз располагањето со тие средства. Исто така, нема објавени податоци дека Црквата била вмешана во незаконските активности за кои се сомничи сопственикот на банката.

Она што е потврдено е дека односот меѓу СПЦ и бизнис-структурата на Мацура не се исцрпувал само со отворање банкарски сметки. Договорот за заедничкиот проект на Нови Белград покажува дека станувало збор и за конкретна деловна соработка во областа на недвижностите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img