Голема група поклоници од Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија од Виена вчера престојуваше во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста Кичевска“, каде што присуствуваше на неделната Света Литургија.
Поклониците од македонската православна дијаспора беа предводени од својот парохиски свештеник, отец Јован. Нивното присуство во Пречиста беше дел од поширокото духовно и поклоничко собирање во кичевската обител, каде деновиве престојуваат и гости од Романската православна црква – монаси и духовници од Романија.
Литургијата ја отслужи епископот Антаниски г. Партениј, кој во својата беседа говореше за значењето на Крстот Христов и за секојдневното христијанско подвигополагање.
Во контекст на почетокот на новата учебна година, по Литургијата во храмот беше извршен и водосвет, на кој беа благословени учениците, како и децата и младите кои го изучуваат источното црковно пеење во хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево.
Епископот Партениј во беседата посебно се осврна на образованието, нагласувајќи дека тоа не треба да се сведува само на стекнување знаење, туку треба да биде поврзано со духовното и моралното формирање на човекот.
„Сите сме повикани да се издигнуваме нагоре, кон Царството Божјо; да се просветлуваме и да стануваме вистински мудри“, била суштината на неговата порака до учениците и верниците.
Зборувајќи за младите, Партениј ги повикал родителите да ги носат своите деца во храмовите и манастирите, да учествуваат во богослужбите и да се воспитуваат во духот на Евангелието. Тој се осврнал и на значењето на семејството, како и на монашкиот живот како посебен повик кон целосно посветување на Бога.
Во своето обраќање, Партениј ги охрабрил верниците да не се срамат од својата вера и со личен пример да сведочат за Христа, нагласувајќи дека христијанинот е повикан да биде „мала светлина“ за луѓето околу себе.
Присуството на поклониците од Виена, заедно со гостите од Романската православна црква, ѝ даде и поширока црковна димензија на богослужбата во Пречиста Кичевска..
Неделното собрание во Пречиста Кичевска се одржа во неделата по Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов, во периодот кога Македонската православна црква – Охридска Архиепископија го одбележува и споменот на сите Христови угодници кои засветлиле од македонската земја.












