Светиот Синод на Грчката православна црква повторно ја потврди целосната забрана за свештениците да поседуваат или употребуваат оружје, при што изречно нагласи дека исклучок не постои ниту кога станува збор за лов.
Одлуката е донесена на заседанието на 9 и 10 септември, по службено писмо од Министерството за образование, вероисповед и спорт, во кое било поставено прашањето за поседувањето и употребата на оружје од страна на духовни лица.
Синодот одлучил да го ажурира своето циркуларно послание од 2016 година и повторно изречно да ја забрани „можноста за употреба на оружје од страна на духовниците по која било причина“.
Непосредниот повод за повторното отворање на прашањето била парламентарна иницијатива.
Пратеникот од владејачката Нова демократија, Андреас Николакопулос, прашал зошто на православните свештеници и натаму им се одбива можноста да добијат дозвола за поседување ловечко оружје и да учествуваат во законски лов.
Тој прашањето го поврзал со уставниот принцип на еднаквост пред законот и слободниот развој на личноста, посочувајќи дека во грчките рурални средини ловот има долгогодишна традиција.
Според пратеникот, постојат свештеници кои сакаат да ловат и кои би ги исполнувале истите законски услови како и останатите граѓани.
Одговорот на Министерството за заштита на граѓаните, сепак, бил негативен.
Заменик-министерот Јоанис Ламбропулос објаснил дека административната практика во Грција не дозволува православни свештеници и монаси да поседуваат или употребуваат оружје, а забраната изречно го опфаќа и ловечкото оружје.
Министерството се повикало и на претходни ставови на Грчката црква и Критската црква, како и на одлука на грчкиот Државен совет од 1990 година.
Станува збор за случај со архимандрит и игумен на манастир, кому му било одбиено обновување на дозволата за носење револвер, иако оружјето го барал за заштита на манастирот.
Државниот совет тогаш оценил дека носењето оружје од православен свештеник или монах е неспоиво со основното христијанско учење за љубовта и со црковните канони кои забрануваат прибегнување кон насилство.
Според судот, државата поради тоа може да одбие дозвола за носење оружје на духовно лице, без со тоа да го наруши принципот на еднаквост пред законот.
Грчката црква истата позиција ја има формулирано и во циркуларното послание од 2016 година.
Со него е воведена целосна забрана за поседување и употреба на оружје за духовниците од сите степени, без исклучок за лов.
Како причина се наведува дека носењето оружје не е во согласност со свештеничкиот чин, но и опасноста духовникот да предизвика човечка смрт, што би можело да има сериозни канонски последици за неговото свештенство.
Забраната, притоа, не се однесува само на активните свештеници. Таа важи за сите свештеници, вклучително и за пензионираните.

