Го оставија манастирот и се искачија на планината. Наместо во молитвениот мир на своите конаци, монасите овие денови се рамо до рамо со пожарникарите и доброволците, помагајќи во борбата со големиот шумски пожар што веќе деветти ден беснее кај Трапезица, во близина на Коница, Грција.
Со средствата со кои располагаат, монасите се вклучиле во гасењето на пожарот и во спречувањето на повторното разгорување на жариштата, на терен кој поради стрмнините, густата вегетација и непристапноста претставува сериозен предизвик за противпожарните екипи.
Нивното присуство на планината е една од највпечатливите слики од деветдневната битка со огнот – монаси, пожарникари и доброволци обединети во обидот да се спаси природата околу историска Коница.
Борбата продолжува, а главниот напор е префрлен кон клисурата на Аос, каде што пет противпожарни хеликоптери извршуваат последователни испуштања вода. На теренот се распоредени и пешадиски единици на Противпожарната служба и доброволци, кои ги контролираат помалите жаришта.
Иако состојбата е нешто подобра во споредба со драматичните часови од претходните денови, опасноста од ново разгорување останува.
Жителите на Коница, местото кое се поврзува и со свети Пајсиј, за грчкиот црковен портал „Вима Ортодоксиас“ сведочат за стравот и гневот поради пожарот кој со денови ја пустоши планината.
„Девет дена гледаме како планината гори и стравуваме за нашиот крај“, велат тие, посочувајќи дека монаси, млади луѓе и граѓани се мобилизирале и самите да помогнат во заштитата на подрачјето.
Во моментите кога огнот не попушта, монасите ги напуштија манастирите и се упатија таму каде што е најпотребна помош – во пожарот.

