Во порака до учениците и просветните работници по повод почетокот на учебната година, митрополитот црногорско-приморски Јоаникие упати директен повик за зачувување на српскиот јазик и кириличното писмо, оценувајќи ги како „наша најсвета должност“.
Иако пораката на митрополитот првенствено се однесува на воспитувањето и образованието на децата, нејзиниот дел посветен на јазикот и писмото има поширок политички и општествен контекст, имајќи ја предвид чувствителноста на прашањето за јазичниот идентитет во современа Црна Гора.
Јоаникие ги повикува младите да учат странски јазици, да се запознаваат со други култури и обичаи и да ги почитуваат „другиот и различниот“, но истовремено нагласува дека за тоа е неопходно најпрво добро да се познава сопственото наследство.
„За да бидеме способни за тоа, мораме на прво место да го изучуваме своето. Пред сè, наша најсвета должност е да го чуваме и негуваме српскиот јазик и кириличното писмо“, наведува митрополитот.
Според него, без српскиот јазик и кирилицата „тешко дека можеме да ја разбереме нашата славна историја, култура, традиција и духовност“.
„Сè што сме и што имаме настанало врз нив. Ако се откажеме од српскиот јазик и кирилицата, се откажавме и од нашите славни предци, кои со векови ги негувале, ги чувале и на нив ги создавале највеличествените дела“, стои во пораката.
Митрополијата црногорско-приморска и во изминатите години беше еден од најгласните актери во јавниот простор кога станува збор за заштитата на српскиот јазик, кирилицата и српското културно наследство во Црна Гора.
Јоаникие во пораката не го ограничува образованието само на стекнување знаења, туку зборува и за духовното, моралното и етичкото воспитување на младите. Тој предупредува дека современото општество се соочува со отуѓеност, недостиг на љубов, морална слабост, трка по материјални добра и забрзан технолошки развој.
„Секое воспитување и образование мора да започне од нас самите“, порача митрополитот, повикувајќи ги родителите, учителите, професорите и свештениците со сопствениот пример да влијаат врз младите.


На источноевропските народи коишто се стремат за членство во ЕУ им се заканува неверојатна, навидум доброволна асимилација. Свеста дека се дел од големиот политички инженеринг од страна на колективниот Запад започнат веднаш по Втората светска војна не е лесно да се приближи до младите Црногорци, Македонци (Финци, Естонци, Литванци, Летонци, Молдавци итн.) желни за финансиска независност и за белосветско искуство. Нивната иднина, нивните кариери, се врзуваат за течното владеење на англискиот јазик и на др. јазици на економски доминантни земји. Brainwashed generations по моделот на западните владеачки елити денес е готов производ , можеби Црквата е единственото здраво упориште за исконското спознавање на себеси и за зачувување на својот богодаруван идентитет и интегритет. Мајчиниот јазик е врската со предците, со самиот себеси и скапоцено наследство за потомците. Види ги искуствата на другите, но за да го унапредиш своето, не за да исчезнеш во некритички, безрезервен восхит во нив. Тие секако ќе подготват некој ладен туш за да те отрезнат од опиеноста со нивниот шарм кој за тебе е еден вид егзотика. Гради врз темелот кој веќе го положиле за тебе твоите предци. Нивната жртва и нивниот труд можеш да ги дополниш и облагородиш со својот подвиг; ако ги омаловажиш и се обидеш да ги урнеш може да останеш затрупан под камењата на тие темели. Твојот мајчин јазик е гласот на твоето внатрешно слово, всаден во тебе од раѓање. Не бегај од него за да не побегнеш од себеси и да не се присоединиш кон туѓо стадо и туѓ пастир на туѓ начин останувајќи туѓинец за оние кои ти се сепак туѓи. Не е тоа повик за изолационизам: и туѓинецот ќе те почитува најмногу ако не се оддалечиш од себеси, ако умееш да му ја покажеш својата автентичност. Во спротивно ќе те нарече имитатор и крадец на туѓо наследство, немоќен и гол човек, со безвредни предци, без историско наследство, некаков израсток на огромниот организам на човештвото. За да може еден народ да ја покаже својата величина мора да Го има Христос за критериум на животот: Христос како поим за чест, љубов, праведност, вистина, надеж, непосрамлива храброст итн. Тогаш ќе ги пројави и своите особени дарови, своите победи и аспектите на својата непобедливост, како и иконичноста на својата кршливост.