По единаесетти пат на врвот Голем Крчин, на 2.341 метар надморска височина, беше отслужена Божествена Литургија под отворено небо.
Литургиското искачување и годинава се одржа со благослов на епископот Антаниски Партениј, а Божествената Литургија ја отслужи архимандритот Кирил.
На планинскиот врв се собраа голем број планинари и љубители на природата, кои не го искористија искачувањето само за да уживаат во природните убавини, туку и за учество во литургиското собрание и заедничарење со верниците.
Од организаторите велат дека оваа традиција веќе 11 години го поврзува планинарството со богослужбениот живот на Црквата, претворајќи го искачувањето кон врвот во духовен подвиг.
„Таму каде што верните се собираат околу Телото и Крвта Негови, таму е домот Божји и вратата небесна“, се наведува во објавата по повод годинешното литургиско искачување.
Посебна благодарност е упатена до планинските водичи од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) и Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП), како и до Службата при Националниот парк „Маврово“, кои помогнале во безбедноста и организацијата на искачувањето.
Литургијата на Голем Крчин се одржува секоја година како дел од веќе воспоставена традиција, при која богослужбата се служи на еден од највисоките планински врвови во овој дел од Македонија.

















