Актуелната Мис Универзум, Фатима Бош, привлече внимание за време на нејзината посета на Гватемала со еден необичен потег.
Мексиканката ја посети црквата Богородица Милосрдна во Гватемала Сити, каде што симболично му ја „предаде“ својата круна на Бога, а потоа на социјалните мрежи објасни што значеше тој чин за неа.
Посетата на црквата беше дел од нејзината официјална турнеја низ Гватемала.
– Постојат височини што можат да се достигнат само на колена и моменти во кои круната престанува да биде симбол на победа и станува ветување – ја започна својата емотивна објава Бош.
Таа објасни како и претходно му ги понудила на Бога – своите чекори, младост, глас и сè што Тој ѝ става во рацете, за да му служи Нему и на другите.
Токму затоа, вели таа, одлучила да ја донесе круната пред Бога.
– Пред да ми припаѓа мене, таа припаѓа на многу поголема цел – рече актуелната Мис Универзум, додавајќи дека луѓето не треба да се плашат да бидат генерација што се враќа кон верата.
– Никогаш да не се плашиме да бидеме генерација која се враќа кон Бога. Генерација која сонува на големо, но не заборава од каде доаѓа вистинската величина – напиша таа, нагласувајќи дека покрај секоја титула, признание и круна, за неа постои само еден „Цар на царевите“.
/слободен печат

