Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, најави значително проширување на санкциите против руски субјекти поради војната во Украина.
Калас за германскиот весник Die Welt изјавила дека пакетот мерки што планира да го предложи оваа есен ќе претставува „најамбициозната листа на санкции“ на ЕУ од почетокот на војната.
„За оваа есен го предлагам најамбициозниот список на санкции од почетокот на војната. Откако ќе бидат усвоени, овие мерки веднаш ќе го зголемат вкупниот број санкционирани руски субјекти за една третина“, изјавила Калас.
Таа оценила дека санкциите што ЕУ ги воведе по почетокот на руската целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година веќе предизвикале значителни економски последици за Москва.
Според Калас, санкциите на ЕУ од почетокот на инвазијата ја лишиле руската „воена машинерија“ од повеќе од еден трилион евра.
Од почетокот на војната, Европската Унија усвоила 21 пакет санкции против Русија. Според Европската комисија, на актуелниот список на ЕУ се наоѓаат речиси 3.000 физички и правни лица и субјекти.
Со новиот пакет, доколку биде усвоен, бројот на санкционирани руски субјекти би се зголемил за околу една третина, што би претставувало едно од најзначајните проширувања на санкцискиот режим на ЕУ од почетокот на војната.

