Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги пречека претставниците на грчко-американската заедница во Белата куќа по повод 205-годишнината од Денот на независноста на Грција.
Традиционалната свеченост, која се одржува веќе четири децении со учество на американски претседатели, претставува значајно признание за придонесот на грчката дијаспора во САД.
Во своето обраќање, Трамп го поздрави Архиепископот Елпидофор од Америка и ја истакна улогата на грчката култура во развојот на западната цивилизација. „Денес се сеќаваме на нашето античко наследство и ги славиме корените на нашата република. Го одбележуваме пријателството со Грција и им оддаваме почит на грчко-американските патриоти“, изјави претседателот.
Тој нагласи дека американската независност била инспирирана од античка Грција, додека грчката борба за независност во 19. век, пак, гледала кон САД како пример. „САД и Грција стојат рамо до рамо како две силни нации кои ги чуваат вредностите родени во Грција пред повеќе од две илјади години“, додаде Трамп.
Архиепископот Елпидофор во своето обраќање оцени дека оваа прослава дополнително ги зацврстува односите меѓу двете земји. „Овој настан не само што е престижен, туку и ги поврзува САД и Грција во сојуз што оди подалеку од пријателството и заемната почит“, истакна тој.
Тој му се заблагодари на претседателот за поддршката кон Вселенската патријаршија, Патријархот Вартоломеј и напорите за повторно отворање на Богословското училиште на Халки, како и за поддршката на Грција и прашањето за Кипар.
Настанот беше заокружен со молитва, а претседателот издаде и официјална прокламација со која 25 март се признава како Национален ден на прослава на грчката и американската демократија.

