Пет години по почетокот на пандемијата од КОВИД-19, во гробиштата на грчкиот град Кавала се подготвува необична постапка за ексхумација на десетици починати.
Причината е тоа што телата на околу 150 лица кои починале од корона вирусот не се распаднале во очекуваниот рок, пренесуваат грчките медиуми.
Според локалните власти, забавеното распаѓање е последица на противепидемиските мерки што биле применувани за време на пандемијата. Тогашните здравствени правила наложувале телата да бидат ставани во цврсти заштитни пластични вреќи, со цел да се намали ризикот од ширење на вирусот. Токму оваа мерка, сепак, го попречила природниот процес на распаѓање.
Општинскиот совет во Кавала веќе одобрил план во две фази. Тој предвидува ексхумација на телата, отстранување на заштитните пластични обвивки од ковчезите и повторно погребување за период од најмалку уште една година, за да се овозможи нормално одвивање на процесите.
Во официјално соопштение се наведува дека при ексхумациите извршени пет години по смртта било утврдено дека телата се целосно сочувани, што се поврзува токму со обврската во време на пандемијата тие да бидат затворани во пластични заштитни обвивки.
Од општината нагласуваат дека постапката ќе се спроведе со строго почитување на сите санитарни и хигиенски правила, како и со почит кон споменот на починатите и нивните семејства. Целта е да се обезбеди нормално функционирање на гробиштата и јавниот интерес во градот.

