Во Алмати беше задржан од полицијата јеромонахот Јаков (Владимир Воронцов) – настан што предизвика значителен општествен и црковен одек, не само во Казахстан, туку и меѓу православните заедници надвор од земјата.
Според официјалните соопштенија на казахстанските власти, при задржувањето биле пронајдени прашкасти материи, а по извршеното медицинско вештачење било констатирано присуство на наркотични супстанции. Против Воронцов е поведена административна постапка врз основа на член 440-1 од Кодексот за административни прекршоци, а Административниот суд во Алмати му изрече мерка притвор во траење од десет деноноќија.
Паралелно со постапката за наводна лична употреба на наркотични средства, органите на редот испитуваат и дали просторот во кој бил задржан Воронцов бил користен како место за консумација на дрога. Неговиот бранител изјави дека во моментот тој е сослушан во својство на сведок, но дека неговиот процесен статус може да биде изменет во текот на постапката.
Особено внимание во јавноста привлече околноста дека само десет дена пред задржувањето, на 3 февруари 2026 година, судот прифатил за разгледување административна тужба поднесена од Јаков Воронцов против Одделот за правда на град Алмати и Министерството за правда на Република Казахстан. Со тужбата, јеромонахот барал судот да го прогласи за незаконит одбивањето на државна регистрација на верско здружение и да ги задолжи надлежните органи да ја извршат регистрацијата. Судот утврдил дека тужбата ги исполнува формалните законски услови и дека не постојат причини за нејзино враќање.
На 9 февруари 2026 година, во попладневните часови, јеромонахот Јаков на социјалната мрежа Фејсбук објавил коментар во врска со судската постапка, наведувајќи дека Специјализираниот меѓурегионален административен суд во Алмати закажал онлајн рочиште за истиот ден. Во објавата тој поставил прашање дали рочиштето ќе се одржи или ќе биде одложено, истакнувајќи дека до моментот на пишувањето не добил одговор од судот. По оваа објава неговиот профил останал неактивен, а неколку дена подоцна следело и неговото задржување. Временското совпаѓање на настаните отвори прашања во јавноста, иако засега нема официјална потврда за поврзаност меѓу судската постапка и апсењето.
Јаков Воронцов беше клирик на Руската православна црква во Казахстан. По почетокот на воените случувања во Украина во 2022 година, јавно го изрази своето несогласување со позицијата на Московската патријаршија и лично на патријархот Кирил, покренувајќи го прашањето за создавање независна православна структура во Казахстан. Потоа беше предмет на дисциплински мерки од страна на епархијата и лишен од свештенички чин.
Црковните власти тогаш соопштија дека неговите јавни политички изјави се во спротивност со свештеничката заклетва, додека неговите поддржувачи сметаат дека вистинската причина за санкциите е неговиот став во врска со војната во Украина и можната црковна самостојност. Во Казахстан православните парохии се наоѓаат под јурисдикција на Московската патријаршија, а прашањето за автономија или автокефалија е особено чувствително во контекст на настаните поврзани со Православната црква на Украина и прекинот на евхаристиското општење меѓу Москва и Вселенската патријаршија.
Верскиот аналитичар Сергеј Чапнин повика на независна истрага, со цел целосно и непристрасно да се утврдат околностите поврзани со случајот на јеромонахот Јаков Воронцов.

