Пратеничката на руската Државна дума и претседателка на Комитетот за развој на граѓанското општество и верските здруженија, Јана Лантратова, оцени дека Руската православна црква нема потреба да се „оправдува“ за својата глобална улога. Во авторски текст објавен во руски медиум, таа ја претставува Црквата како заштитник на културниот идентитет и духовните традиции на православните заедници надвор од Русија.
Според Лантратова, православието во меѓународните медиуми сè почесто се прикажува низ призма на конфликти и расколи, но зад тоа, како што наведува, стои поширока борба за историскaта меморија и правото на народите да го зачуваат својот духовен континуитет. Таа тврди дека за милиони верници во дијаспората или во земји со рестриктивни политики кон религијата, Русија и Руската православна црква се перципираат како последна линија на одбрана од асимилација и политичко мешање во црковниот живот.
Балканот и примерот на Северна Македонија
Во текстот, Лантратова се осврнува и на состојбите на Балканот. Таа наведува дека во Црна Гора законот за вероисповед пред неколку години довел до длабоки општествени поделби, а како позитивен пример го посочува случајот на Северна Македонија, каде што, според неа, долготрајниот спор околу статусот на Црквата бил надминат преку дијалог и доделување автокефалија.
Овие ставови се појавуваат во поширок контекст на дебати во православната јавност околу канонските надлежности и улогата на Москва и Цариград во решавањето на црковните прашања. Дел од теолозите и аналитичарите предупредуваат дека ваквите наративи ја засилуваат идејата за Москва како центар со „глобална“ православна мисија, што традиционално ѝ се припишува на Вселенската патријаршија.
Црна Гора како геополитичка тема
Паралелно со ова, грчкиот теолог и правник Алексис Панагопулос оцени дека црковното прашање во Црна Гора не е само теолошко, туку и важно геополитичко безбедносно прашање за Западен Балкан. Тој предложи можно решение преку соработка меѓу Српската православна црква и Вселенската патријаршија, по моделот на дијалог, со можност за автокефалија или автономија, доколку се постигне консензус и се почитуваат канонските норми.
Отворени прашања
Сè почестите јавни изјави од политички и црковни актери покажуваат дека црковните теми повторно стануваат дел од пошироки политички и геополитички дебати. Аналитичарите оценуваат дека ваквите процеси носат ризик од дополнителни тензии, но и дека ја потврдуваат чувствителноста на односот меѓу верата, идентитетот и државната политика на Балканот и пошироко.
Авторскиот текст на Лантратова е објавен на платформата „Телеканал Царград“ (tsargrad.tv), која е во сопственост на рускиот милијардер и медиумски могул Константин Малофеев – тој беше „добротворец“ на Црногорско-приморската епархија на Српската црква (СПЦ), вклучен и во обидите за дестабилизација на Црна Гора во 2010-тите. Јана Лантратова со години држеше една од водечките позиции во претседателската администрација на Путин – а сега, покрај тоа што е пратеничка во Думата, раководи со задолженија и од областа на „верските здруженија“ (религиозных объединений)
Antena M
