Двајца католички свештеници, претходно притворени по обвиненија поврзани со политички прашања, билеослободени во четвртокот од белоруските затвори по посредување и разговори со Ватикан, потврди Конференцијата на католичките епископи во Белорусија.
Ослободувањето доаѓа во период на интензивни шпекулации за можен напредок во односите меѓу Минск и Запад, особено по телефонскиот разговор во август помеѓу белорускиот претседател Александар Лукашенко и американскиот претседател Доналд Трамп, по што следуваше пуштање на дел од политичките затвореници.
Отец Хенрих Акалатович бил осуден во 2023 година на 11 години затвор за наводна државна измама. 65-годишниот свештеник, познат по критиките кон власта во своите проповеди, бил обвинет за шпионажа за Полска и Ватикан — обвиненија што тој ги отфрли, нарекувајќи ги „лажни и изнудувачки“. Неговиот случај беше преседан, затоа што претставуваше прво политички мотивирано обвинение против католичко свештено лице во Белорусија од стекнувањето независност во 1991 година.
Од затвор бил ослободен и отец Анджеј Јухневич, кој издржувал 13-годишна казна по обвинение за блудни дејства врз деца. Тој ги негирал обвинувањата, а активисти за човекови права тврдеа дека неговото апсење првично било политички мотивирано. Јухневич бил уапсен четири пати, меѓу другото и поради објавување украинско знаме на социјалните мрежи.
Ослободувањето следува по октомвриската посета на папскиот пратеник кардинал Клаудио Гуџероти, поранешен амбасадор на Ватикан во Белорусија и актуелен претставник за католиците од источен обред. Аналитичарите ја поздравиле „обновата на дијалогот меѓу Белорусија и САД и засилувањето на контактите со Ватикан“.
Местоположбата на двајцата свештеници по ослободувањето останува непозната. Дел од ослободените политички затвореници оваа година биле испратени во Литванија без лични документи.
Лидерката на белоруската опозиција Светлана Тихановска го поздрави потегот. „Изразувам длабока благодарност до папа Лав XIV и Светиот престол за нивната принципиелна поддршка. Многу верници сè уште се зад решетки. Репресиите мора да запрат – никој не смее да биде казнет за својата вера“, изјави таа.
Акалатович и Јухневич се меѓу десетици православни, католички и протестантски свештеници кои биле уапсени, замолчени или принудени на егзил по протестите против спорните избори во 2020 година, кои го задржаа Лукашенко на власт.

