Митрополитот Крушевско-демирхисарски Јован служеше Божествена литургија во манастирот во Водоча во сослужение со Струмичкиот митрополт Наум на денот на споменот на охридскиот Чудотворец.
Голем број верници доајдоа на именденската служба на владиката Наум.
„Мнозина ќе ми речат во оној ден: ,Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?’ И тогаш Јас ќе им кажам: ,Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!’“ Овие Господови зборови, најмногу се однесуваат на некои Епископи и презвитери на Црквата. Да, тие и проповедаат и крштеваат и служат Света Литургија, но немаат внатрешно духовно покритие за свештените чинови што ги имаат, односно го немаат дарот на умно-срдечната молитва, како и на просветленоста на умот што од таквата молитва произлегува и затоа, како оние кои не го имаат очистено своето срце од страстите, сѐ прават за своја корист и слава, а не во полза на Црквата и во Божја слава. Таквите, бидејќи немаат личен однос со Бог, ниту Бога Го познаваат, ниту Тој нив. Низ нив, по Божјо допуштение, поминува Божјата благодат за осветување на оние што сакаат, во Црквата, но самите тие остануваат непричесни на несоздадената благодат. И на крај, покрај сѐ што направиле, нивните дела се сметаат за незаконски, како дела направени без намера за градење на личносен однос со Бог, а токму во тој личен однос со Бог се состои самата вечност во Царството Божјо“, е денешкиот коментар по Богослужбата.







Да не ги извртуваме Христовите зборови – не до толку! Без оглед што Евангелските поуки и откровенија човек или ги разбира според својот личен духовен опит или ги прифаќа од толкувањата на своевидни богослови и црковни авторитети (меѓу кои украсени со реален дар на богословие и не толку украсени со тој дар, односно со опит, колку со ревност за сведочење), а многумина од верните на првиот духовен степен се свесни дека голем дел од Евангелието за нив како почетници долго време останува обвиен под превезот на затемнетоста на умот, овие Христови зборови јасно и недвосмислено се однесуваат токму на манипулациите со конкретните духовни дарови кај подвижниците на повисоките духовни степени, имено кај оние што живеат со даровите на чудотворство, пророкување, изгонување демони и сл. Тие дарови природно подразбираат и голема слобода пред Бога, од тие висини безмалку е невозможно да се падне (а дали навистина?), и тие се дури и во извесна смисла на зборот неодземливи (не секогаш и не на секој начин, но носителот е секако јасно свесен за сите промени што ги доживува во таа смисла). Причината на Господ да им ги остави тие дарови на подвижниците кои понекогаш се осмелуваат и да ја злоупотребат дадената духовна власт содржана во конкретните дејствителни дарови на чудотворство е пастирска или сотириолошка, заради нивното место во Планот Божји, но на есхатолошки план таа исчезнува, а Господовото предупредување останува. Сепак, тоа не е чисто тема за видливото свештенство. Инаку, изненадувања има многу во овој век и свет, особено во Црквата. Како што вели нашиот народ, постојат луѓе за кои ви се чини дека во бандера ќе удрат, а еден ден ќе видите дека всушност по жица одат. ‘Мнозина први ќе бидат последни, а последни – први.’ Треба многу подобро да се внимава со проценката кој има, а кој нема духовни дарови, чии какви се итн. Зашто секое промашување фактички се плаќа, заблудите го уназадуваат човек. Подобро е да се обидеме да ги сфатиме постапките на своите неистомисленици од упорноста да ја наметнеме својата вистина, особено ако сме свесни дека нешто на дело и’ недостасува.