Властите на италијанската престолнина Рим одлучија да го забранат движењето на фургони и камиони во центарот на градот поради зголемената опасност од терористички напади во текот на божикните и новогодишните празници.
Забраната се однесува на соите возила со маса поголема од 3,5 тони и на сила ќе биде во текот на католички Божик и Нова година, како и на 6-ти јануари, кога католичкиот свет го празнува Богојавление.
Римските власти соопштија дека во општините во централниот дел од градот ќе биде дозволен приодот само на возила кои превезуваат прехранбени продукти, лекови, весници и пошта.
Во соопштението се истакнува дека е неопходно да се осигури највисокото ниво на безбедност на граѓаните од страна на сите општински служи и институции во тесна соработка со националните безбедносни служби.
Во Италија од 19-ти декември беа засилени безбедносните мерки поради терористичкиот напад со камион врз божикниот базар во германската престолнина Берлин, кога беа усмртени 12 и повредени уште 48 луѓе.
Осомничениот за нападот, 24-годишниот Тунижанец Анис Амри беше баран со европска потерница и рано утрото во петокот беше застрелан од италијанската полиција при рутинска контрола крај железничката станица во Милано.
Зголемените безбедносни мерки поради можна терористичка закана на Апенинскиот полуостров е на сила веќе подолг период. Првпат тие беа сериозно зајакнати по терористичките напади во Париз од 13-ти ноември 2015 година.
/МАКФАКС

