Црквата Христова – лечилиште за сите

Date:

Share post:

Архиепископ Охридски и македонски, г.г Стефан на осветување на возобновениот манастирски конак во Заум

Сите наши манастири се подигнати на места со особени природни убавини. А овој Заумски манастир, ми се чини, емеѓу оние што се подигнати на најубавото од најубавите места! Ако секој манастир изобилува пред сѐ со мир, овде овој чиниш има само – мир, зашто само шумот на езерските бранови и цврчокот на птиците го нарушуваат постојаното спокојство што владее на овој непристапен брег на Охридското Езеро.

1При секое доаѓање или поминување покрај ова Богородично светилиште, чие градење е датирано во средината на четиринаесетиот век (1361 г.), како ретко каде ме восхитувале чувството за убавина и решеноста за подвиг на оние кои што го избрале ова место за свое тихување.

Овде, скриени во пазувите и под стреата на извишените карпи и пред синилото на езерската шир, само вистински оддадените на Бога можеле да се оддадат на поголеми подвизи и да ја доживеат и живеат целосната самотија, далеку од искушенијата и соблазните на светот. Овде единствено дружење, преку молитвата, било и е можно само со Бога и со Неговите светии.

2Имајќи го близу Светинаумовото светилиште, веројатно црнорисците коишто имале потреба од поголемо подвизание, овој осамен брег им бил најпогодно место за тоа. Овде можеле да најдат утеха сите уморени од искушенијата на денот и да најдат лек од сите болести ирани на животот. Впрочем, секој манастир и секоја црква – се лечилишта.

Ако ја имаме предвид смислата и целта на Христовото доаѓање, тогаш јасно ќе ни биде дека христијанските светилишта се токму тоа – се лечилишта за народот. Христос е и неповторливиот лекар и незамнливиот лек! Во Неговата Црква има лек за сите гревови, има лек за сите болести на душата и телото. А гревот е најголемата болест во човечкиот род. Од Адама до Христа сите боледуваа и со Неговото доаѓање дадена ни е можност да се излечиме. Тој и на Своите апостоли им дал власт да лекуваат секаква болест и секаква немоќ (сп. Мт 10, 1).

3Денешниов пример од прочитаното свето Евангелие кому му е посветена оваа Недела (Јн 9, 1-38), посведочува за исцелителната сила на верата во Господа. И не само слепиот Вартимеј, кој од раѓање бил слеп и прогледал – се излечил, туку милиони и милиони христијани го доживеале тоа чудо и се излечиле. Па каков бил Савле пред да постане апостол Павле, па кој бил и каков бил Петар, кои биле и какви биле апостолите? – Савле кога се крстил – кога поверувал во Христа – прогледал! И од тој ден, од денот на крштевањето во Дамаск (Дела 9, 18), Павле ништо друго не гледал освен воскреснатиот Господ.

И апостол Петар и сите апостоли прогледале преку воскреснатиот Господ и преку Него го виделе и светот и себеси. Со слегувањето на Светиот Дух врз нив, тие како да добиле и нови очи – доживеале целосно преображение на умот и срцето, на мислата и душата, и вистински прогледале и во Господа Христа Го препознале и виделе Бога, Го виделе Спасението на сите и Лекот за сѐ. Таа Христова светлина е средството со кое гледале многубројните маченици и светители, многубројните богоугодници и христољупци во изминативе 20 столетија. И само охристовени личности и народи, само личности и народи кои преку својот богољубив живот Го виделе Лекот – и се излечиле и вистински прогледале – само тие можеле да создаваат дела со кои и други ќе се лечат и други ќе прогледуваат.

10Светите солунски браќа Кирил и Методиј и нивните ученици – свети Климент, од чие упокојување оваа година одбележуваме 1100 години, со свети Наум се вистински пример за тоа како треба да живееме, како треба да постапуваме за да се удостоиме за да ја видиме вистинската светлина и во животот да имаме спасоносна виделина.

Целиот свој живот овие наши просветители се труделе што повеќе да се излечиме од лагата на гревот и да се огрееме од светлината на Еднотроичниот Бог. Овие наши рамноапостоли помогнале да се излечиме од неразумното слепило на нашите очи,и тие, со силата на евангелското Слово, ни го истерале слепилото на срцето и нѐ просветлиле со боговдахновени зборови, … упатувајќи ги нашите заблудени нозе на прав пат. Тие големи учители на вератаги учеле и ги просветувале народите со збор и писмо, и со книга и молитва. Граделе храмови и манастири и поучувале што е најпотребно при лекувањето од гревот и за спасение на душата. И ни оставиле аманет преку празничните слова и поуки, преку пораките упатени до паството, до свештениците и епископите, но најмногу нѐ поучиле преку личниот пример.

12– Не е доволно да се биде христијанин по името, туку по делата – поучувал св. Климент. Тоа значи, да се знае и живее според верата, тоа значи дека не е доволно да ја знаеме дијагнозата, туку е потребно да употребиме и вистинска терапија. Затоа САС на МПЦ, согледувајќи ја потребата кај нашите млади генерации од знаење на основното учење на христијанската вера, постојано упатува барања до надлежните институции за воведување на веронауката во нашето образование.

9Само упатени личности во верата ќе знаат што е дозволено а што не е, ќе знаат што треба а што не треба да прават. И само од здрави личности можеме да создаваме примерни бракови и угледни семејства, и да градиме здраво општество и да имаме силна Црква. Само здрави личности можат да видат што е добро а што не е добро, и кај себеси и кај другите. И колку побрзо се излечимесебеси – толку побрзо ќе можеме да им помагаме и на другите.

7Слепиот од денешното свето Евангелие, како и светите апостоли Павле и Петар, светите Методиј и Кирил, светите Климент и Наум и сите богоугодници во Црквата Христова се пример за тоа што треба да ни биде цел во животот.Само така ќе ја видиме и разбереме смислата на нашето живеење овде на земјата – препознавајќи Го единствениот Лекар и вистинскиот Лек за спасоносно прогледување и гледање, зашто под небото нема друго име дадено на луѓето со кое можеме да се спасиме (Дела 4, 12). А единствениот Лечителнѐ очекува да си го побараме лекот и вистински да се излечиме!

8Нека ни е честито осветувањето навозобновениот конак! Честитки за проектантот и за сите коишто се вградија на свој начин во ова прекрасно дело, со што помогнаа овој Заумски манастир да продолжи да биде уште едно вистинско духовно лечилиште на Охридсково Езеро и во нашата света МПЦ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img